Четворица кандидати за лидер на СДСМ, пријавите на верификација во Централната изборна комисија

Централната изборна комисија на Социјалдемократскиот сојуз на Македонија денеска ќе ги верификува кандидатурите кои ги исполнуваат критериумите за избор на претседател на партијата, откако вчера во 16 часот заврши рокот за пријавување.

Доставени се четири кандидатури за партиски лидер на СДСМ од Димитар Ковачевски, актуелен заменик-министер за финансии, Фросина Ременски, поранешна пратеничка и потпретседателка на СДСМ, Властимир Алексовски, член и активист на СДСМ од општинската организација на партијата од Куманово и од Јован Деспотовски, директор на Дирекцијата на технолошко индустриски развојни зони.

Последен вчера се кандидираше Деспотовски, кој до Централната изборна комисија ја достави и неговата програма „Концепт 28" во која, според него, фокус се луѓето.

– Нудиме концепт во политиката што нема да поаѓа од „Кој", туку од „Како" и „Каков човек/луѓе" ни се потребни. Концепт што, преку конкретни и мерливи резултати, ќе ја зацврсти СДСМ како водечка политичка организација во Македонија и по следните парламентарни избори. Концепт што ќе обезбеди континиутет и квалитет во спроведување на современите вредности и прогресивните политики до 2028 година, се вели во програмата на Деспотовски.

Кандидатура до изборната комисија завчера поднесе Алексовски, а претходно во средбата кандидатурите ги доставија и Ременски и Ковачевски.

Ковачевски ја достави кандидатурата со програмата „Заедно, одговорно и посветено" по што на својот фејсбук-профил напиша дека „во време на предизвици со кои се соочува македонското општество одговорно е да се преземе чекор, да се делува.

– Да ја направиме СДСМ ефикасна, организирана и посветена на решавање на проблемите. Заедно, одговорно и посветено. Граѓаните бараат работа, решенија и многу одговорност. Треба да извлечеме поуки и да направиме сериозни промени за да ја вратиме довербата, да го обединиме членството и брзо да се вратиме на победничка патека. За ова да го постигнеме мора да поставиме стручни и посветени луѓе на сите позиции кои ќе донесат вистинска промена и ќе работат одговорно. Верувам дека само вака ќе ја вратиме довербата на граѓаните во институциите, но и дека ние како држава можеме и умееме сами. Мој приоритет ќе биде домашната политика, ефикасно работење и реализација како и подобрување на економскиот стандард на граѓаните, наведе Ковачевски.

Ременски ја достави својата кандидатура симболично за време на 16-дневниот активизам против насилство на жените, при што ги охрабри жените да не се откажуваат од соништата.

– Сакам и преку кандидатурата да бидам пример и да ги охрабрам сите жени кои се или не се на функција да не се откажуваат од своите соништа и натаму да се борат без оглед на сè и ги охрабрувам социјалдемократките да ја поддржат мојата кандидатура, изјави Ременски.

Образложувајќи ја кандидатурата таа истакна дека цел и мотив за нејзината самокандидатутра за претседател на партија се досегашните општествено – политички и партиски активности кои ги имала во време кога СДСМ носела тешки одлуки.

Изборот за нов претседател на партијата се одржува по оставката на премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, по завршување на вториот круг од локалните избори, преземајќи одговорност за како што изјави тој лошите резултати од изборите.

Со Одлуката на Извршниот одбор од 26 ноември 2021 година вонредните избори се распишани и ќе се одржат на 12 декември 2021 година. Постапката за кандидирање започна на 27 ноември, а заврши вчера. Право на кандидатура имаат сите членови на СДСМ кои ги исполнуваат критериумите согласно Статутот на СДСМ. За претседател на СДСМ може да се кандидира лице кое има најмалку пет години членство во партијата и кое најмалку еднаш било избран од Конгресот за член на некој од партиските органи. Изборите на локално ниво ќе ги спроведат 80 општински изборни комисии и одбори на избирачки места. /МИА

Анкета: Поддршката за членството на Полска во ЕУ - најмала во последнава декада

Поддршката за членството на Полска во Европската Унија падна на најниско ниво во повеќе од една деценија, според анкетата објавена денеска.

Според најновата анкета на институтот ЦБОС, и покрај победата на про-ЕУ коалицијата, поддршката за членството на земјата во Унијата падна на 77 отсто, што е најниско ниво од 2013 година.

Поддршката лани беше 85 отсто, а најголема беше во 2022 година, кога изнесуваше 92 проценти.

Про-ЕУ коалицијата дојде на власт во Полска на изборите во октомври по осум години владеење на партијата Право и правда (ПиС), ветувајќи дека ќе ги поништи законите воведени од десницата.

ПиС често беше во судир со западните сојузници на Полска и институциите на ЕУ во Брисел поради нивната загриженост за владеењето на правото во оваа земја. /МИА

Претставник на ОН тврди дека ќе бидат потребни 14 години да се отстранат урнатините во Газа

Претставникот на Обединетите нации, Пјер Лодамар денеска изјави дека ќе бидат потребни 14 години да се расчисти огромното количество урнатини, вклучително и неексплодирани експлозивни направи, што ги остави Израел за време на војната во Појасот Газа.

Лодамар, висок офицер во Службата за мини на ОН (УНМАС), на брифинг во Женева рече дека војната оставила околу 37 милиони тони отпад во широко урбанизирана, густо населена област.

Тој истакна дека иако не е можно да се одреди точниот број на неексплодирани убојни средства се смета дека под одредени услови, би можеле да бидат потребни 14 години да се расчистат остатоците, вклучувајќи ги и урнатините од уништените згради.

„Знаеме дека вообичаено има стапка од 10 проценти за неуспех, односно неактивирање на муницијата. Станува збор за 14 години работа со 100 камиони“, рече Лодамар. /МИА

Руски новинар на „Форбс“ е приведен поради наводно ширење лажни информации за армијата

Новинарот на магазинот „Форбс Русија“, Сергеј Мингазов е приведен под сомнение дека ширел лажни информации за руската армија, објави денеска магазинот.

„Форбс Русија“ додава дека досега не успеале да стапат во контакт со Мингазов. Неговиот адвокат Константин Бубон на Фејсбук објави дека новинарот е во притвор во источниот руски град Хабаровск, каде што живее.

Адвокатот рече дека Мингазов бил приведен поради преобјавување публикации за наводни руски воени злосторства во украинскиот град Буча, каде што убиствата на украинските цивили во првите недели од војната беа пријавени од Ројтерс и други новински организации.

Профилот на Мингазов на платформата Телеграм содржи бројни објави за Буча, а засега не е јасно за која од нив новинарот е приведен. /МИА

притисни ентер