Четири причини зошто прокељот треба да се јаде секоја недела - Канал 5

Четири причини зошто прокељот треба да се јаде секоја недела

Пред неколку години, прокељот беше ѕвезда на секое мени: крцкав, печен, со балсамико оцет или јаворов сируп.

Четири причини зошто прокељот треба да се јаде секоја недела

Иако прокељот кратко падна во заборав, експертите велат дека вреди повторно да се воведе во исхраната. Овој зеленчук од семејството круциферозни зеленчуци е богат со влакна, витамини и антиоксиданси кои имаат бројни здравствени придобивки, пишува Парада (Рarade).

Подобро здравје на срцето

Според диететичарката Мишел Дудаш, растворливите влакна во прокељот се врзуваат за холестеролот што го внесуваме преку исхраната и ја намалуваат неговата количина во телото. Покрај тоа, високата содржина на антиоксиданси помага во борбата против воспалението и оксидативниот стрес, главните причини за срцеви заболувања.

Посилни и поздрави коски

Прокељот е одличен извор на витамин К, кој го поддржува градењето на коските со активирање на протеините одговорни за нивно формирање. „Јадењето прокељ може да помогне во одржувањето на здрави коски бидејќи е богат со витамин К“, истакнува диететичарката Маги Михалчик. Покрај тоа, тој содржи помали количини калциум, фосфор и магнезиум - минерали кои се неопходни за силни, здрави коски.

Сојузник во слабеењето

Ако се обидувате да ослабете, прокељот е совршен избор бидејќи содржи малку калории. Богат е со растителни влакна, кои го зголемуваат чувството на ситост.

„Калориите од растителните влакна не се апсорбираат од телото, па затоа додаваат волумен во вашата исхрана без дополнителни калории“, објаснува Дудаш. Благодарение на ова, тие помагаат да се спречи прејадување и поддржуваат балансирана исхрана.

Намалување на воспалението во телото

Благодарение на високата содржина на антиоксиданси, редовното јадење прокељ може да помогне во намалување на хроничното воспаление. Ова го намалува ризикот од срцеви заболувања, рак и невродегенеративни нарушувања. „Антиоксидансите во прокељот имаат моќен антиинфламаторен ефект во телото“, нагласува Михалчик.

Како да го вклучите во вашата исхрана?

Ако не сте навикнати да јадете храна богата со растителни влакна, започнете со помали порции и постепено зголемувајте ги. Печен со маслиново масло, кратко пропржен со лук или како додаток во топли салати, неговата корист брзо ќе се почувствува.

Прокељот е исклучително здрав, но како и со секој зеленчук, умереноста и разновидноста се клучни. Идеално е да се јаде два до три пати неделно за да се искористат сите нутритивни придобивки, при што препорачаната порција е околу една чаша, или 80 до 100 грама прокељ на оброк.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

12 тони млечни производи од Македонија вратени од Косово поради ешерихија коли во претходни пратки

Две пратки со вкупно 12.268 килограми млечни и прехранбени производи од млекарница од Тетово се запрени на граничниот премин Генерал Јанковиќ и се враќаат во Македонија, објави косовските медиуми.

12 тони млечни производи од Македонија вратени од Косово поради ешерихија коли во претходни пратки

Двете пратки, како што пишува„Радио Ким“ не добиле дозвола за влез во Косово поради забраната за увоз од овој производител, воведена на 6 ноември. Тогаш лабораториските анализи на производите покажале присуство на бактеријата ешерихија коли над дозволените граници.

Од Македонската Агенција за храна и ветеринарство веќе спровела вонреден инспекциски надзор во тетовската млекарница, во чии анализи во текот на претходните испитувања не биле утврдени недоследности.

,,АХВ и колегите сме во тек, уште веднаш направивме вонреден инспекциски надзор во процесот на целото производство во фабриката, земени се брисеви и анализи и однесени се во две лабаратории..Робата што моментално се враќа од Косово доколку е утврдена од страна на косовските власти и институции дека има одредени неправилности веднаш ќе биде уништена стоката чим стигне,,

Ова не е прв случај македонски производи да бидат вратени од странските пазари. Неодамна, Бугарската агенција за безбедност на храната врати речиси 20 тони македонски јаболка поради утврдено присуство на пестициди над дозволените граници. Исто така лани од Хрватска беше вратена пратка зелка поради сомнеж за недозволени пестициди, додека во септември годинава беа одбиени и пратки со пиперки и грозје на странските граници.

YouTube video

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Партиите продолжуваат со меѓусебните обвинувања за влезот на Алта банка

Сватови, кредити, акции... Продолжува политичката пресметка меѓу партиите кој е виновен за влезот на Алта банка во Македонија. 

Партиите продолжуваат со меѓусебните обвинувања за влезот на Алта банка

Од Вреди на прес-конференција презентираа нови документи со кои тврдат дека Артан Груби лично ја потпишал одлуката за продажба на државните акции во Стопанска банка Битола, кои, како што велат завршиле кај Давор Мацура. Според Вреди двата официјални државни документи на владина седница која се одржала на 6 јуни 2023 година претседавал првиот вицепремиер Артан Груби заедно со Димитар Ковачевски се разгледувала Информацијата за продажба на акциите во сопственост на Агенцијата за управување со одземен имот и под заклучок број 6 се носи Одлука за давање согласност за продажба на државните акции во Стопанска банка АД Битола!

И погледнете кој се потпишува на оваа одлука: во „Службен весник“ број 123, под Одлуката број 41-3733/8 за продажба на акциите на Стопанска банка АД Битола, стои лично потписот на десната рака на Али Ахмети — Артан Груби!

Откако јавно објавиле како сватот на Али Ахмети преку компанијата „АС Сењак“ зел кредит од 5 милиони евра директно од Белград, за потоа да му ги продаде акциите во битолската банка на притворениот српски тајкун Давор Мацура, денеска велат приложуваат доказ кој покажува како државниот врв на ДУИ институционално го започнал и расчистил патот за влез на Алта банка во Македонија.

- Прво: Артан Груби, во присуство на Фатмир Бесими, Бујар Османи и Крешник Бектеши, во Владата донесуваат па потпишува одлука државата да ги извади на продажба конфискуваните акции во Стопанска банка Битола. Второ: Во игра влегува сватот на Али Ахмети преку фирмата „АС Сењак“, кој купува пакет акции во истата таа Стопанска банка Битола, а негова поврзана фирма повлекува 5 милиони евра кредит директно од централата на „Алта банка“ во Белград. Трето: И државните акции што ги ослободи со потпис Артан Груби, и приватните акции на сватот на Али Ахмети, завршуваат во рацете на контроверзниот Давор Мацура за преземање на банката, изјави Саранда Имери Стафаи-ВЛЕН.

Реагираа од ДУИ од каде ги отфрлија обвинувањата дека владината одлука на СДСМ и ДУИ од 2023 година го отворила патот за влез на „Алта банка“ во земјава. Одговорноста ја гледаат исклучиво кај актуелната влада и институциите што ги издале дозволите.

-Сега, кога се фатени на дело со сопствените потписи во документите за продажбата на Стопанска банка – Битола на белградската Алта Банка, функционерите на ВМРО од ВЛЕН се обидуваат да го пренасочат вниманието со обвинувања и банални спинови. Ако ДУИ ја донела Алта Банка како таа влезе во Северна Македонија за време на вашето владеење? Како институциите што вие ги раководите го дозволија нејзиниот влез? Функционерите на ВМРО од ВЛЕН се однесуваат токму како во народната поговорка: „Крадецот вика: држете го крадецот!“, велат од ДУИ.

Од ВМРО-ДПМНЕ ги прозваа Филипче и СДСМ дека заедно со ДУИ го отвориле патот за влез на банката, а сега, според владејачката партија, СДСМ се ставиле во одбрана на ДУИ и фирмата на сватот на Ахмети.

-Фирмата на сватот на Ахмети, според јавно достапни информации, поседувала акции во Стопанска банка АД Битола, кои потоа ги продаваат на Давор Мацура и Алта банка. Филипче и СДС молчат за ова и не коментираат од страв кон ДУИ. Лицемерието кај Филипче е на високо ниво. Ако денес, за Филипче Мацура е криминалец, а Алта банка е банка со сомнителен капитал, зошто во 2023 година кога ДУИ спроведувале влез во Македонија, СДС шурувале? Зошто тогаш Филипче беше тивок, а денес толку гласен?, изјави Манасиевски.

Според СДСМ, пак, ВМРО-ДПМНЕ и Мицкоски кои ја внеле Алта банка во Македонија, сега се обидуваат да ја префрлат одговорноста спојувајќи ја СДСМ со ДУИ. Од опозициската партија како целосна манипулација го оценија документот од 2023-та според кој Мицкоски и власта тврдат дека претходната влада ги продала акциите за Алта.

- Извадија документ од „Службен весник“ од јуни 2023 година како наводен доказ дека претходната влада склучила зделка со Алта банка. Тоа е целосна манипулација. Станува збор за пакет од 7.213 акции (околу 1,85% од капиталот на Стопанска банка АД Битола) што државата ги конфискуваше од Сашо Мијалков и фирмата „Ексико“ со правосилната пресуда за случајот „Империја“. Одлуката од 6 јуни 2023 година е само редовна законска процедура според Законот за управување со конфискуван имот, изјави Борозан.

Сватот на Али Ахмети, Арифи, пак, за дел од медиумите, негира каква било вмешаност во случајот со Алта банка и најави тужби. Од неговата компанија „АС Сењак“ тврдат дека ниту зеле кредит од Алта банка, ниту влијаеле за нејзиниот влез на македонскиот пазар.

ДУИ претходно ги отфрлија обвинувањата дека владината одлука на СДСМ и ДУИ од 2023 година го отворила патот за влез на „Алта банка“ во земјава. Одговорноста ја гледаат исклучиво кај актуелната влада и институциите што ги издале дозволите. Од партијата на Ахмети реагираат дека иако побарале, не добиле јавно извинување од ВМРО-ДПМНЕ и ВЛЕН за наводите против нив, за што и тие најавија дека ќе поднесат тужби за клевета следнава недела.

YouTube video

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Михаилова ја разбранува и Бугарија – на снимка тврди дека тајните служби ѝ се заканувале дека ќе остане без помош

Аудиоснимки на кои наводно Ива Михаилова тврди дека била изложена на притисоци и уцени додека се лекувала во Софија, објави бугарскиот јутјубер Станислав Цанов.

Михаилова ја разбранува и Бугарија – на снимка тврди дека тајните служби ѝ се заканувале дека ќе остане без помош

Тврди дека се направени ден пред таа да го откаже закажаното интервју кај него. Михаилова раскажува дека лице од бугарската државна агенција за национална безбедност – ДАНС, ѝ било поставено услов да гостува кај новинарот Мартин Карбовски, што инаку се случи во ноември, бидејќи, како што ѝ било кажано, тие имале целосна контрола врз него и можеле да му кажат што да ја прашува. Во спротивно, како што вели, и рекле дека би можела да остане без платената рехабилитација.

-Ако го направиш тоа, еве што ќе се случи. Рехабилитацијата која ми претстои е специјализирана е супер скапа и државата кажа дека ќе ја преземе. Затоа што немаше да стигне до ништо ако навремено бев лекувана, а тие не ме пуштија. Тие кажаа дека ќе ја покријат како и сите останати расходи. И кажаа дека целосно ќе се повлечат со се и ништо повеќе нема да помогнат. Ни со адвокати ни со ништо.

-И ми викаат (ДАНС) првин ќе излезеш кај Карбовски, затоа што ние имаме целосна контрола над него. Ќе му кажеме какви прашања да ти поставува.

Во друг разговор што го водат по телефон, Михаилова му кажува на Цанов дека зад неа се неколку тешки денови на психички притисок.

-Тука понекогаш ми доаѓа премногу да знаеш, но јас го направив мојхот дел. Клипот на Карбовски е прикачен пред малку. Ми рекоа (ДАНС) ако не снимам првин кај него (Карбовски), каде и да снимам на друго место ќе биде избришано и дека нема да ја добијам рехабилитацијата која ми е потребна.

-Беа неколку доста тешки дена тука. Ама ќе ти раскажам кога ќе се видиме во живо, што се претрпев. Беше доста тешко психичко тормозење. Има работи кои не сакаат да ги кажувам.

-Тоа звучи како да си некаков заложник кој треба да прави тоа што тие ќе го посакаат.

-Речиси сите сме така кои „си имаме работа“ со државата.

Денеска пак Михаилова преку објава на социјалните мрежи, не ги негираше снимките, но ги отфрла тврдењата дека била принудувана или уценувана во Бугарија за било што. Како што пренесуваат бугарските медиуми, таа порачала дека во Бугарија добила помош, грижа и поддршка, дека не сака да биде вовлечена во политички пресметки.

Но, денешното негирање на Михаилова, не ги смири жестоки реакции кај опозициските партии во Бугарија. Тие бараат истрага за постапувањето на ДАНС и проверка дали во случајот биле вмешани политичари од владејачката партија. Елисавета Белобрадова која како пратеник на „Демократска Бугарија“, и активист за човекови права која присуствуваше и на сите судски рочишта против Ива Михаилова во Кочани побара оставка од првиот човек на тајните служби.

-Бугарската држава треба да ја заштити Ива Михаилова во секој еден момент. Затоа ние како парламентарна група ќе побараме сослушување во Народнотро собрание, ќе го поставиме прашањето пред премиерот, ќе го поставиме прашања до самата ДАНС, ќе бараме формирање на времена комисија за да може да се истражи тој случај. И најважното што ќе го направиме е да побараме оставка од шефот на ДАНС, господин Тончев. – Елисавета Белобрадова – Пратеник на Демократска Бугарија

На 23 годишната Ива Михаилова во кочанскиот основен суд и се суди за сообраќајката со смртни последици од лани. Судската постапка во Кочани продолжува во отсуство на Михаилова откако таа избега од земјава и покрај определените мерки, а следното рочиште е закажано за 27 ноември. Судот го одби нејзиното барање да учествува преку видеоврска од Бугарија, додека обвинителството бара дополнително медицинско вештачење за да се утврди дали нејзината здравствена состојба навистина барала лекување надвор од државата.

YouTube video

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер