Четџипити, новинарство и дезинформации, бескраен круг на проверка на факти - Канал 5

Четџипити, новинарство и дезинформации, бескраен круг на проверка на факти

Самата вештачка интелигенција (ВИ) не шири дезинформации, вели автоматскиот генератор на текст Четџипити (ChatGPT). 

Четџипити, новинарство и дезинформации, бескраен круг на проверка на факти

Според него, алгоритмите за вештачка интелигенција може да се развијат за да се автоматизира генерирањето и ширењето лажни информации, но луѓето се тие што ги дизајнираат и ги распоредуваат овие алгоритми за злонамерни цели.

Овој напреден модел на јазик за вештачка интелигенција, креиран да реплицира човечки разговор, беше лансиран во ноември 2022 година, а според најновите достапни податоци, во моментов има повеќе од 100 милиони корисници, што ја прави најбрзо растечка апликација во историјата. Само за споредба, на TikTok му требаа 9 месеци за да достигне 100 милиони корисници, а на Инстаграм 2,5 години.

[Платформите за генеративна вештачка интелигенција, вклучително и четботот ChatGPT, може да предизвикаат „сериозни потреси“ на пазарот на трудот, објавија авторите на студијата спроведена од е]

Четботот развиен од компанијата OpenAI отвори многу полемики и предизвици. Независно дали станува збор за домашна работа, есеј, новинарски напис или за потемелно истражување, Четџипити е „обучен“ да одговори на многубројни прашања што може да му ги постави секој. Каде завршуваат одговорите е тешко да се лоцира, а уште потешко е да се провери нивната точност.

За себе, Четџипити вели дека може да помогне во откривањето и ублажувањето на ширењето дезинформации преку брзо анализирање големи количини податоци и идентификување потенцијални извори на лажни информации, а одговорноста за борбата против дезинформациите им ја остава на поединците и на организациите што развиваат и применуваат технологии за вештачка интелигенција.

Вештачката интелигенција го става новинарството во незавидна положба

Стојанчо Туџарски, водач на тимот за наука за податоци во Иновејшн ДООЕЛ, вели дека автоматските генератори на текст Четџипити и понапредниот Џипити-4 се во состојба да создадат каков било текст, кој не може да се препознае дали е напишан од човек или од машина, меѓу другото и поради тоа што со сегашниот степен на развојот на вештачката интелигенција, машините се во состојба да имитираат човечки пишани текстови исклучително успешно.

– Ова ја става новинарската професија во не баш многу завидна положба. Кој било, со помош на соодветно срочен промпт, може да добие просечен текст на која било тема, вклучувајќи ги тука и новинарските написи. Значи, соочени сме со реалната можност од хиперпродукција од текстови со, во просек, ист квалитет како оние пишувани досега од новинари, вели Туџарски.

Објаснувањето за ова, како што дополнува, лежи во начинот на кој Четџипити е трениран од тоа што тој има „видено“ и „научено“ што имаат досега напишано новинарите, и, како што вели, кога генерира текст, тој не прави ништо поразлично од наоѓање статистички „средни вредности“ од нив, водејќи сметка за контекстот што се појавува.

Според Владимир Петрески, уредник на македонскиот сервис за проверка на факти „Вистиномер“, употребата на најновиот бран алатки што работат врз принцип на вештачката интелигенција може да има и позитивно, но и негативно влијание врз новинарството и медиумите.

– Од позитивна гледна точка, кога говориме за медиумите и за новинарството, оваа технологија може да им помогне на новинарите во нивната работа преку автоматско или барем олеснето креирање заднина/бекграунд на нивните написи. Да се пополнат оние делови од новинарските содржини, каде што треба накусо да се објасни заднината на настанот за кој се пишува, а која е позната, но која на читателот треба да му се пренесе за да добие целата вест или сторија дополнителен контекст и да стане заокружена целина, вели тој.

Како друг вид помош ја издвојува проверката на некој факт, при која, според него, треба да се биде внимателен.

– Апликациите што користат вештачка интелигенција се полезни ако знаете да ги прашате на вистинскиот начин и ако ги знаете нивните ограничувања, односно што е она што можат или не можат да одговорат. Така, на пример, кога се појави првата верзија на Четџипити, која беше отворена за јавноста (ChatGPT 3.0), базите на податоци што ѝ стоеја на располагање на апликацијата, содржеа податоци заклучно со 2021 година, значи Четџипити ги немаше најновите информации, вели тој, дополнувајќи дека е многу важно да се имаат познавања од темата за која се прашува за да може да се препознае доколку апликацијата греши.

Петрески смета дека многу брзо ќе се појават и апликации што ќе можат да препознаат визуелни елементи во кои ВИ ги вмешал прстите и тие, според него, ќе бидат многу корисни во откривањето фотографии или видеа генерирани или видоизменети од апликации што користат вештачка интелигенција.

Тој вели дека сето ова значи дека некои од новинарските активности ќе можат да се прават со помош на ВИ-алатки, но не сите.

– Една од најважните функции на новинарството е да открива нови и „вест-вредни“ настани и информации. Тешко дека тука вештачката интелигенција ќе може го надмине човекот во целост, односно новинарот во конкретниов случај. Иако може да се очекува дека некои сегменти од професијата, особено од областите какви што се финансиите и движењето на акциите на берзите, тешко ќе можат да се замислат без помош на вештачката интелигенција, вели Петрески, дополнувајќи дека ВИ-алатките ќе бидат корисни и при креирањето и експлоатацијата на нови бизнис-модели кај медиумите и други примени што допрва треба да бидат откриени.

Четџипити, се согласува дека вештачката интелигенција, вклучително и неговите сродни јазични модели, имаат значително влијание врз новинарството и медиумите, меѓутоа нагласува дека иако вештачката интелигенција може да ги подобри новинарските процеси, таа не ги заменува новинарите.

– Човечкото расудување, критичкото размислување и контекстуалното разбирање остануваат клучни во прецизно и етичко толкување и прикажување на вестите. ВИ треба да се гледа како алатка за зголемување на новинарските способности, поддржувајќи ги новинарите во нивната работа, наместо да ги заменува, вели тој.

Линијата помеѓу дезинформација и автоматски генериран текст е тесна

Туџарски нагласува дека е тесна линијата помеѓу дезинформација и автоматски генериран текст и дека дезинформацијата не може да се доведе во корелација со ВИ.

– Човекот е оној што ја генерира дезинформацијата, со или без ВИ/Четџипити. Според мене, вистинскиот предизвик пред новинарите, со цел да останат релевантни како професионалци, е како тие да бидат подобри од Четџипити. А, по дефиниција, можат само доколку внесат вистинска креативност во своите написи бидејќи текстовите произлезени од Четџипити, со математичка терминологија, не се ништо повеќе од текстови какви што би напишало просечно човечко суштество, земајќи ги предвид сите човечки текстови со кои Четџипити е трениран. Или, според зборовите на Ноам Чомски, „Четџипити не е ништо повеќе од високософистицирана машина за масовно генерирање плагијати, а ако некој денес знае за што зборува на оваа тема, тогаш тоа е тој“, вели Туџарски.

Петрески споделува дека во Вистиномер веќе се соочуваат со користење ВИ-алатки за ширење дезинформации.

– ВИ-алатките се искористени во овој случај, каде што е креирана лажна фотографија од наводно заедничка модна фотосесија на двете сопруги од британското кралско семејство, Кејт Мидлтон и Меган Маркл (сопруги на принцовите Вилијам и Хари), која никогаш не се случила, а фотографиите се креирани со помош на вештачка интелигенција. Исто така, оваа дезинформација вели дека на фотографиите е јапонската министерка за здравство со непристојно деколте, но фотографијата е креирана со ВИ-алатка, а жената на фотографијата воопшто не е министер за здравство на Јапонија. Ваквите фотографии понатаму се искористени да се продолжи со дезинформирањето и да се нападне Европската Унија со неточно и непристојно тврдење за министрите за здравство во земјите на ЕУ, истакна тој.

Четџипити признава дека вештачката интелигенција може да биде подложна на дезинформации и препорачува неколку фактори што треба да се земат предвид. Како што е фактот што моделите со вештачка интелигенција како Четџипити учат од огромни количини податоци, вклучително и текст од интернет, па така, тој вели дека доколку тие податоци содржат пристрасни или неточни информации, моделот може ненамерно да ја пропагира таа дезинформација во своите одговори.

За да се ублажат овие предизвици, Четџипити препорачува да се вклучи човечки надзор и процеси за проверка на факти кога се користи содржина генерирана од вештачка интелигенција.

– Развијте системи за вештачка интелигенција што им даваат приоритет на точноста, правичноста и на транспарентноста. Охрабрете го критичкото размислување и медиумската писменост кај публиката за борба против дезинформациите. Соработувајте со експерти за вештачка интелигенција за да ги решите етичките импликации на вештачката интелигенција во новинарството. Со разбирање на ограничувањата и ризиците поврзани со вештачката интелигенција, новинарите можат да го искористат неговиот потенцијал додека го поддржуваат новинарскиот интегритет и потрагата по вистината, вели тој.

Преку сеопфатна регулатива до регулација на дезинформациите во ВИ

Владимир Петрески нагласува дека сѐ уште не е јасно каква и дали воопшто некаква регулатива ќе биде донесена во однос на користењето на најновата генерација вештачка интелигенција.

– Иако има иницијативи за носење вакви регулативи, па дури и петиции за мораториум во истражувањето и употребата на вештачката интелигенција во период од година или две, а со цел да се истражат можните негативни последици, сепак, засега не е донесена конкретна легислатива од националните парламенти низ светот. И социјалните мрежи се на самиот почеток во утврдувањето на стандардите за користење на ВИ-алатките на своите платформи, иако напорите за првичното воспоставување на ваквите стандарди се во тек кај поголемите платформи, вели тој.

Петрески дополнува дека сето ова покажува дека законодавците се внимателни и сѐ уште ја разгледуваат новонастанатата состојба, обидувајќи се да осознаат кои сегменти од оваа технологија имаат капацитет да нанесат штети и да влијаат негативно врз загарантираните човекови права, а, од друга страна, да не се прекинат истражувањата во оваа област, кои можат да донесат големи придобивки за човештвото.

– Ваквиот пристап, па и доцнење зад новите технологии од страна на законодавците не е ништо ново. Тие отсекогаш доцнеле зад технологиите, токму од причина што кај многу откритија со години, па и со децении потоа не била јасна до крај ни употребата, ниту, пак, можните последици, дополнува тој.

Туџарски вели дека имајќи ги предвид техничките можности што денес стојат на располагање, не може да биде оптимист дека ќе се справиме ефикасно со овој проблем.

– Мислам дека сѐ уште не сфаќаме колку е голем овој проблем и колкава е можноста за високософистицирана масовна манипулација врз огромна популација. Од друга страна, ВИ е само алатка, па не гледам зошто би се разгледувала можноста за справување со споделување лажни вести напишани од неа и споделени од луѓе, поразлично од можноста за ширење лажни вести напишани и споделени од луѓе. Мислам дека реалноста нè води кон поедноставено размислување – креирањето лажни вести треба да биде санкционирано, а со оглед на тоа што сепак луѓето се тие што ги објавуваат текстовите од ВИ, дали таквите вести се напишани од човек или од ВИ, според мене е ирелевантно, рече тој.

Како дел од препораките ги издвојува задолжителна транспарентност на системите и на платформите за вештачка интелигенција, што вклучува откривање кога е вклучена содржина генерирана со вештачка интелигенција и обезбедување јасно наведување на изворите, алгоритамска одговорност, односно редовна ревизија, потоа мерки за справување со пристрасност, промовирање на различноста на перспективите и спречување на засилување на дезинформациите како и квалитет и интегритет на податоците.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Париз пред Денот Д: Затворени се музеите, оперите, театрите пред масовните протести

Бројни музеи и културни институции во Париз ќе бидат затворени денес поради најавените протести во француската престолнина и стравот од нови немири, објавија француските медиуми.

Париз пред Денот Д: Затворени се музеите, оперите, театрите пред масовните протести

Фондацијата Картие ќе биде затворена во текот на целиот викенд, додека Фондацијата Луј Витон нема да биде отворена денес, објави France24.

Берзата ќе биде затворена од 19 часот, според нивните веб-страници.

Зградите Опера Гарние и Опера Бастилја исто така ќе бидат затворени денес.

Париската опера објави дека сите претстави и посети на обете згради се откажани како резултат на тоа.

Циркусот „Булоњ“ исто така објави дека сите претстави планирани за утре се откажуваат од безбедносни причини.

Француското Министерство за култура претходно објави дека музеите Лувр, Орсеј, Оранжерија и Пикасо ќе бидат затворени денес.

Во Гранд Пале, меѓународниот саем за современа уметност Арт Базел го напушти својот првичен план да биде отворен во текот на викендот, па затоа зградата ќе остане затворена.

Организаторите на „Арт Базел“ објавија дека монументалните дела на уметницата Алисија Квејд, изложени на отворено во близина на Гранд Пале, исто така се отстранети, додека галеријата „Менур“ повлече бронзени скулптури од уметницата Јинко Чонибар.

Француското Министерство за култура ги повика другите институции под негова надлежност да преземат сите потребни мерки за да се обезбеди безбедноста на посетителите, заштитата на вработените и зачувувањето на уметничките дела.

Малиот Пале, кој е под надлежност на градот Париз, исто така ќе биде затворен.

Лувр објави на својата платформа дека, по препорака на париската полициска префектура, денес ќе биде исклучително затворен.

Најпосетуваниот музеј во светот ги упати посетителите на својата веб-страница за информации за враќање на средства за купени билети.

Националниот музеј на Ежен Делакроа исто така ќе биде затворен.

Координацијата на движењето „Жолти елеци“, која најави нов бран протести како „Втор чин“, прво повика на денешните протести во Франција.

Во Париз, еден од координаторите, Бенџамин Бал, најави митинг што треба да започне од плоштадот Бастилја и да заврши во Операта.

Студенти, средношколци и синдикати, вклучувајќи го и најголемиот синдикат, CGT, исто така ќе се приклучат на протестите.

Главната причина за протестите е незадоволството од високите трошоци за живот, односно зголемувањето на цените и намалувањето на куповната моќ, заедно со барањата за поголеми инвестиции во јавните услуги и подобри услови во образованието.

Протестите се дел од поширок бран на социјално незадоволство што трае во Франција веќе неколку недели.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Трамп најави нов фронт: По Иран нашите бродови ќе тргнат кон Куба (ВИДЕО)

Американскиот претседател Доналд Трамп го искористи предизборниот митинг во Флорида, каде што кубанските Американци се значајна изборна единица, за да вети дека ќе се обрати на Куба откако ќе се реши ситуацијата со Иран.

Трамп најави нов фронт: По Иран нашите бродови ќе тргнат кон Куба (ВИДЕО)

Во 90-минутниот говор во Форт Мајерс, Флорида, Трамп повтори дека може да има нова воена акција против Иран додека се обидува да се справи со причините за наглиот пораст на цените на нафтата - ситуација што ги стави републиканците во дефанзива пред изборите на 3 ноември.

Обраќајќи се на постарите Американци што живеат во Флорида, Трамп објави план за инвестирање 250 милиони долари за вработување најмалку 5.000 нови медицински сестри и техничари во домови за стари лица низ САД.

Трамп: Ќе го испратиме Марко Рубио да ја заврши работата

Бидејќи нема крај на конфликтот со Иран на повидок, Трамп зазеде цврст став кон Куба, продолжувајќи да врши притисок врз комунистичката влада таму по соборувањето на лидерот на Венецуела претходно оваа година, според Ројтерс.

Трамп, кој освои 68 проценти од гласовите меѓу кубанските Американци во Флорида, рече дека американските поморски сили, кои моментално се вклучени во војна со Иран, ќе застанат на Куба на пат кон дома.

„Еден од бродовите ќе застане на околу 50 јарди од брегот. Ќе ги кренат рацете во знак на предавање, а потоа ќе го испратиме Марко Рубио да ја заврши работата“, рече тој.

Државниот секретар Рубио, поранешен американски сенатор од Флорида, во голема мера беше шеф за политика на администрацијата на Трамп за Куба.

Митингот на Трамп имаше за цел да ги зголеми изборните изгледи на републиканскиот претставник од Флорида, Бајрон Доналдс, кој се кандидира за гувернер против демократот Дејвид Џоли.

YouTube video

САД воведуваат ембарго за нафта врз Куба

Трамп го зголеми притисокот врз Куба во својот втор мандат. Во септември, тој ја нарече Куба „пропадна држава“ на Генералното собрание на ОН и рече дека „слободата ќе дојде на Куба“, што предизвика напуштање на кубанската делегација.

Трамп отворено изјави дека неговата цел е фундаментално да ја промени кубанската влада. Ембаргото за нафта наметнато од САД ја стави земјата под голем притисок додека се бори со недостиг на гориво и прекини на електрична енергија, влошени од влошената инфраструктура.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Србин е уапсен вчера на Табановце- во јули возел со 166 км/час кај Демир Капија

Лишен од слобода српски државјанин на ГП Табановце, управувал возило со брзина од 166 км/ч на местот каде брзината е ограничена на 80 км/ч .

Србин е уапсен вчера на Табановце- во јули возел со 166 км/час кај Демир Капија

На 23.10.2026 во 16:00 часот на Граничен премин Табановце, на излез од државата, полициски службеници го лишиле од слобода М.П.(39) од Србија. При проверка на патничко возило „баик“ со српски национални ознаки, кое го управувал, било констатирано дека преку системот „Безбеден град“ бил евидентиран како сторител на кривично дело по член 297-а од Кривичниот законик - „безобѕирно управување со моторно возило“.

Имено, на 15.07.2026 на автопатот Гевгелија - Демир Капија, М.П. го управувал возилото со брзина од 166 километри на час на место каде максимално дозволената брзина изнесува 80 километри на час. Тој бил спроведен и задржан во Полициска станица Неготино, известен бил јавен обвинител и по документирање на случајот, против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава, соопштуваат од МВР.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер