Честитка од архиепископот Стефан до новоизбраниот бугарски патријарх Даниил

Архиепископот на Македонската православна црква - Охридска архиепископија г.г. Стефан упати честитка до новоизбраниот бугарски патријарх Даниил. 

-Ваша Светост, Дозволете Ни од Свое и од името на архијереите, чесното свештенство, преподобното монаштво и верниот народ на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, да ја изразиме радоста и срдечно да Ви го честитаме изборот за Претстојател на Бугарската Православна Црква. Вашата богољубива и стамена личност беше препознаена од Светиот Дух, како и од членовите на Патријаршискиот изборен црковен Собор, кои во Вас видоа достоен наследник на Вашите претходници на светоимената Софиска катедра, се наведува во честитката.

Архиепископот Стефан му посака на патријархот Даниил мирно и плодородно првојерархиско служење.

-Бугарската Црква и бугарскиот народ со Вашиот избор добија богољубив, правдољубив и ревносен Архипастир исполнет со ревност кон Божјото слово, грижлив Патријарх кој внимава на чистотата на православната вера, но и смирен молитвеник за богомдоверената му паства, вдахновуван од евангелските зборови: Јас сум добриот Пастир. Добриот Пастир си ја полага душата своја за овците. Семилостивиот Бог нека Ви дарува и нека го умножи и преумножи Вашето духовно стадо. Ваш собрат и сослужител пред престолот Божји, архиепископ Охридски и Македонски г. г. Стефан, стои во честитката до митрополитот Софиски и Патријарх Бугарски г.г. Даниил.

Патријаршискиот изборен црковен собор за избор на нов Бугарски патријарх се одржа изминатиот викенд на 30 јуни, во Академската сала на Бугарската академија на науките во Софија. Кандидати за Патријаршискиот престол беа митрополитот Ловчански г. Гаврил, митрополитот Видински Даниил и митрополитот Врачански Григориј. Изборот се случи во вториот круг помеѓу митрополитите Григориј и Даниил, при што за митрополит Софиски и Патријарх Бугарски беше избран Видинскиот митрополитот Даниил со 69 гласови, додека Врачанскиот митрополит Григориј имаше 66 гласа.

Обвинителството и полицијата го истражуваат кибер нападот со вештачка интелигенција на Вучевиќ

Обвинителството и полицијата го истражуваат кибер нападот со вештачка интелигенција на премиерот Вучевиќ.

Во врска со видеото што беше објавено на социјалната мрежа Фејсбук на налогот именуван „Corvus01“, во кој со употреба на „вештачка интелигенција“ е креирана изјава на премиерот на Република Србија Милош Вучевиќ, се огласи специјалното одделение за високотехнолошки криминал на Вишото јавно обвинителство во Белград за собирање на потребните известувања на полициските службеници на Службата за борба против високотехнолошкиот криминал, јави дописникот на МИА од Белград.

Побарано е отстранување на предметниот налог од социјалната мрежа, со претходно прибирање податоци за налогот и негово користење од давателот на услугата „Мета платформи“, соопшти Вишото јавно обвинителство во Белград.

Специјалното одделение за високотехнолошки криминал на Вишото јавно обвинителство во Белград апелира до граѓаните да бидат внимателни при користењето на Интернет и внимателно да читаат текстови и да гледаат или слушаат аудио и видео снимки на Интернет и доколку бидат доведени во заблуда од овој или слични настани, на своја штета нешто да направат, да поднесат пријава со доаѓање во Обвинителството.

Владата на Р.Србија синоќа соопшти дека со помош на вештачка интелигенција создадена е непостоечка изјава на премиерот Милош Вучевиќ каде што е злоупотребен неговиот лик, додека со генериран глас се соопштени податоци за непостоечки владини проекти.

Министерството за внатрешни работи, односно полициските службеници на техничката управа на СБПВТК, стапиле во контакт со компанијата Мета со цел да се отстранат објавите и да се достават податоци за администраторот на сметката. Против анонимно лице е поднесена кривична пријава и се работи на утврдување на идентитетот на лицето кое стои зад профилот на кој е објавено лажното видео, наведоа од српската Влада.

„Барби“ го слави својот 65. роденден

Оваа недела во Лондон се отвора нова изложба со поглед на развојот на брендот „Барби“. Повод: Познатата кукла на компанијата „Мател“ оваа година го слави својот 65. роденден.

Изложбата што ќе биде отворена во Музејот за дизајн во британската престолнина, ќе трае од утре - 5 јули до 23 февруари вгодина. Таа содржи повеќе од 250 предмети од светот на „Барби“, вклучувајќи и низа кукли кои ја прикажуваат нејзината еволуција во изгледот, дизајнерски скици и домови како „од соништата“. Ќе биде изложена и првата „Барбика“ од 1959 година со руса коса, фризура типична за 50-тите и во црно-бел костим за капење, заедно со подоцнежните модели во разни стилови, раси, трендови и со различни професии, фризури итн.

- Се надевам дека без разлика дали сте обожавател на „Барби“ или скептик за „Барби“, ќе излезете од изложбата со благодарност за деталното истражување и дизајнерската мисла што се вметнати во создавањето на куклите, рече кустосот Даниел Том.

Изложбата по поводот 65-годишнината на брендот го следи и успехот на минатогодишниот филм „Барби“ со Маргот Роби во главната улога, којшто заработи 1,4 милијарди долари на светско ниво.

- Одекот на „Барби“ брендот и културата никогаш не бил поголем, се надоврза Ким Кулмон, виша потпретседателка за дизајн во „Мател“.

Меѓу другите ретки „први изданија“ се црнокожата „Барбика“ и „Барби“ во ортопедска количка. Ќе бидат, секако, и „Барбиките“ - полицаец, научник, доктор и „претседателката Барби“, а еден дел е посветен на додворувачот на најпознатата кукла на светот - машката кукла „Кен“, којашто првпат беше дизајниран во 1961 година.

Поради градежни работи видоизменет сообраќајниот режим на улицата „7 Ноември“ во Охрид

Поради градежни работи на улицата „7 Ноември“ во Охрид од денеска до сабота ќе биде воведен времен режим на сообраќајот во тој дел од градот.

Според предвидените активности на терен, во првата фаза работите на сообраќајницата ќе се одвиваат на потегот од кружниот тек пред ОЕМУЦ „Свети Наум Охридски“ до крстосницата со улицата „Питу Гули“ кај бензинската пумпа на „Макпетрол“. Во втората фаза ќе се работи на потегот од крстосницата со улицата „Питу Гули“ до крстосницата со улицата „Васил Главинов“, додека во третата фаза работите на терен ќе се спроведуваат од крстосницата со улицата „Васил Главинов“ до крстосницата со улицата „Егејска“.

Од Општина Охрид информираат дека за време на теренските активности сообраќајот ќе се пренасочува по алтернативни улици и насоки.

Се апелира со учесниците во сообраќајот да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи и доколку имаат можност да го избегнуваат движењето со моторни возила во тој дел на градот.

притисни ентер