Честитка од Али Ахмети за Илинден

Претседателот на Демократската унија за интеграција,  Али Ахмети, го одбележа Крушевското востание од 2 август 1903 година со објава на неговата официјална страница на Фејсбук, се наведува во партиското соопштение.

„Востанието од 2 август и Крушевската Република, кое денес го одбележуваме, треба да се изучува многу повеќе од историчарите и да се разјасни неговиот целосен карактер, во неговото писмо и дух.

Рамномерното споделување на востаничките и управувачки одговорности пред 117 години треба да послужи како модел за отстранување на хегемонистичките обременувања и примеси, кои што се повеќе заоѓаат, во врска со заедничките напори за слобода и подобар живот во заедничката земја.

Крушевскиот манифест од 1903 година е обединувачка дефиниција за заедничка држава исто колку и Охридскиот договор во 2001 година.

Наметнатите предрасуди сè уште постојат и денес, и претставува обврска за сите нас да работиме кон нивно отстранување со презентирање и прифаќање на неискривената вистина за сите тековни и историски процеси на нашата заедничка мултиетничка и мултикултурна земја.“, напиша Ахмети на Фејсбук.

Анкета: Поддршката за членството на Полска во ЕУ - најмала во последнава декада

Поддршката за членството на Полска во Европската Унија падна на најниско ниво во повеќе од една деценија, според анкетата објавена денеска.

Според најновата анкета на институтот ЦБОС, и покрај победата на про-ЕУ коалицијата, поддршката за членството на земјата во Унијата падна на 77 отсто, што е најниско ниво од 2013 година.

Поддршката лани беше 85 отсто, а најголема беше во 2022 година, кога изнесуваше 92 проценти.

Про-ЕУ коалицијата дојде на власт во Полска на изборите во октомври по осум години владеење на партијата Право и правда (ПиС), ветувајќи дека ќе ги поништи законите воведени од десницата.

ПиС често беше во судир со западните сојузници на Полска и институциите на ЕУ во Брисел поради нивната загриженост за владеењето на правото во оваа земја. /МИА

Претставник на ОН тврди дека ќе бидат потребни 14 години да се отстранат урнатините во Газа

Претставникот на Обединетите нации, Пјер Лодамар денеска изјави дека ќе бидат потребни 14 години да се расчисти огромното количество урнатини, вклучително и неексплодирани експлозивни направи, што ги остави Израел за време на војната во Појасот Газа.

Лодамар, висок офицер во Службата за мини на ОН (УНМАС), на брифинг во Женева рече дека војната оставила околу 37 милиони тони отпад во широко урбанизирана, густо населена област.

Тој истакна дека иако не е можно да се одреди точниот број на неексплодирани убојни средства се смета дека под одредени услови, би можеле да бидат потребни 14 години да се расчистат остатоците, вклучувајќи ги и урнатините од уништените згради.

„Знаеме дека вообичаено има стапка од 10 проценти за неуспех, односно неактивирање на муницијата. Станува збор за 14 години работа со 100 камиони“, рече Лодамар. /МИА

Руски новинар на „Форбс“ е приведен поради наводно ширење лажни информации за армијата

Новинарот на магазинот „Форбс Русија“, Сергеј Мингазов е приведен под сомнение дека ширел лажни информации за руската армија, објави денеска магазинот.

„Форбс Русија“ додава дека досега не успеале да стапат во контакт со Мингазов. Неговиот адвокат Константин Бубон на Фејсбук објави дека новинарот е во притвор во источниот руски град Хабаровск, каде што живее.

Адвокатот рече дека Мингазов бил приведен поради преобјавување публикации за наводни руски воени злосторства во украинскиот град Буча, каде што убиствата на украинските цивили во првите недели од војната беа пријавени од Ројтерс и други новински организации.

Профилот на Мингазов на платформата Телеграм содржи бројни објави за Буча, а засега не е јасно за која од нив новинарот е приведен. /МИА

притисни ентер