Чеченија забрани музика што е пребрза или пребавна

Властите во руската република Чеченија објавија забрана за музика што ја сметаат за пребрза или премногу бавна.

Министерот за култура Муса Дадаев во петокот објави одлука за ограничување на сите музички, вокални и кореографски композиции на темпо од 80 до 116 отчукувања во минута (БПМ), објави руската државна новинска агенција ТАСС.

„Ја објавив конечната одлука, договорена со лидерот на Чеченија, Рамзан Кадиров, дека отсега сите музички, вокални и кореографски дела мора да одговараат на темпото од 80 до 116 отчукувања во минута“, рече Дадаев, а пренесува Тајмс.

„Според директивата на Кадиров, сега чеченските музички и танцови изведби ќе бидат усогласени со чеченскиот менталитет и музичкиот ритам. Целта е да се претстави културното наследство на чеченскиот народ пред народот и иднината на нашите деца“, додаде тој.

Кога оваа одлука ќе стапи на сила, многу песни кои припаѓаат на помодерни жанрови, како што се поп и техно, ќе бидат забранети во Чеченија. Чеченија се наоѓа во регионот на Северен Кавказ помеѓу Каспиското и Црното Море. Тоа е речиси целосно муслиманска република.

Од 2007 година на чело е Кадиров. На почетокот на 2017 година, експертите за човекови права на Обединетите нации изразија загриженост поради извештаите за убиства и притворања на геј мажи во Чеченија.

Во 2019 година се случи уште еден бран на прогон на ЛГБТ луѓето, кога активистите тврдеа дека властите притвориле десетици мажи и жени и дека најмалку двајца од нив починале во притвор. Кадиров одговори дека во неговата република нема хомосексуалци, а доколку ги има, тие треба да бидат отстранети од таа област.

Еден потешко повреден во експлозија во зграда во Турција

Едно лице е тешко повредено во експлозија во станбена зграда во турскиот град Текирдаг, северозападна Турција.

Засега не е познато што ја предизвикало експлозијата во станот на последниот кат од петкатницата, а како што неофицијално дознава телевизијата ТРТ најверојатно експлодирала плинска боца.

Од силината на експлозијата оштетени се ѕидовите во станот, а искршени се прозорците.

Скопјанец и двајца штипјани нападнати во угостителски објект во Кавадарци

Скопјанец рано утринава пријавил дека со двајца штипјани биле физички нападнати во угостителски објект во Кавадарци, информираат од СВР - Велес.

- Во 04.40 часот во ОВР Кавадарци, Т.Ц., 22-годишен скопјанец, пријавил дека пред и во угостителски објект во градот, тој и Н.Н., на возраст од 24 години и Ф.А., на 25-годишна возраст, двајцата од Штип, биле физички нападнати од неколку машки лица, појаснуваат од СВР - Велес.

За настанот бил известен јавен обвинител. Се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Русија најави вежби на тактичките нуклеарни сили

Русија ќе спроведе вежба на своите тактички нуклеарни сили по наредба на претседателот Владимир Путин, соопшти денеска Министерството за одбрана во Москва.

Во соопштението не се наведува дали проектилите ќе бидат опремени со нуклеарни боеви глави. Русија претходно спроведуваше обука на нуклеарни сили без нуклеарни боеви глави, потсетува ДПА.

- Како дел од вежбата ќе бидат спроведени низа активности за вежбање на подготовка и употреба на нестратешко нуклеарно оружје, соопшти руското Министерство за одбрана.

Засега е нејасно кога и каде точно ќе почне вежбата во која се вклучени јужниот одбранбен округ и поморските сили.

Руската војска во октомври истрела две интерконтинентални ракети и неколку крстаречки ракети за обука и одвраќање. Вежбата, која ја најави, ја оправда со наводни „провокативни изјави и закани од поединечни западни функционери против Руската Федерација“.

Од почетокот на нејзината војна против Украина пред повеќе од две години, руските претставници постојано се обидуваа да ја тестираат меѓународната поддршка за Киев со поттикнување стравувања од нуклеарна војна.

притисни ентер