Чеченец, уапсен по масакрот во Москва, е пронајден мртов во затвор со страшни повреди

Маж од Чеченија, кој бил приведен под сомнение дека е вмешан во терористички напад на концертната сала во Москва, починал неколку часа по апсењето.

Таиса Успанова, мајката на Ашаб Успанов, за рускиот портал Агенција изјавила дека младиот човек бил приведен на автобуската станица на 22 март додека одел на работа. Успанов ја известил сопругата дека е приведен во полиција и ја замолил да дојде бидејќи бил груб со безбедносните сили, објави московски Тајмс.

Сопругата два часа подоцна дошла во полиција, но полицајците ѝ рекле дека тој починал.

Жената била шокирана бидејќи малку претходно разговарала со него на телефон. Тиаса Успанова не можела да го именува одделението каде починал нејзиниот син.

Успанов, кој имал 30 години, бил погребан во Чеченија.

Опозицискиот чеченски телеграмски канал 1ADAT, кој прв објави за смртта на Успанов, тврди дека младиот човек бил задавен откако бил мачен и претепан до степен што му биле скршени ребрата и 'рбетот.

Каналот објавил и вознемирувачко видео на кое се гледа телото на Успанов со страшни повреди. Авторот на видеото вели дека безбедносните сили го исценирале самоубиството на Чеченецот во обид да го прикријат злосторството.

- Ашаб Русланович Успанов беше убиен од московските безбедносни сили на 22 март. Го убиле без докази за неговата вмешаност во терористичкиот напад во Крокус. На видеото можете да ги видите трагите од тортура за кои пишувавме и да ги слушнете резултатите од обдукцијата - објави 1АДАТ.

И Таиса Успанова тврди дека нејзиниот син не можел да се самоубие бидејќи е муслиман.

Од полицијата засега не соопштуваат ништо за смртта на Успанов.

Федералната служба за безбедност, да потсетиме, досега приведе 10 лица во врска со терористичкиот напад во Крокус, меѓу кои се и четворицата директни извршители на масакрот, за кои се покажало дека се државјани на Таџикистан, пренесе Курир.

Мисајловски на отворањето на регионалниот натпревар на меѓународниот совет за воени спортови

Министерот Мисајловски на отворањето на регионалниот натпревар на меѓународниот совет за воени спортови - CISM во маратон и полумаратон, Скопје 2024

Во организација на Советот на воени спортови под мотото „Пријателство преку спорт“, денеска во Домот на Армијата во Скопје свечено беше отворен „Регионалниот натпревар на Меѓународниот совет за воени спортови – CISM, во маратон и полумаратон, Скопје 2024“.

На денешното свечено отворање присуствуваа министерот за одбрана, Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, кои им посакаа успех на натпреварувачи на вооружените сили на Босна и Херцеговина, Бугарија, Црна Гора, Романија, Србија, Словенија, Турција, Холандија и на македонската Армија и им порачаа за време на нивниот престој да уживаат во гостопримството на македонскиот народ.

Претседателот на Советот на воени спортови, потполковник Зоран Цветковски на отворањето им посака одлични резултати, нови пријателства и упати честитки до сите оние кои дадоа поддршка за реализација на активноста и подвлече: „Верувам дека заслужено ќе ги добиеме најбрзите поединци и севкупни победници од вас, армиските припадници“.

Натпреварот во маратон и полумаратон Скопје 2024, ќе се реализира во рамки на утрешниот Виз Ер Скопскиот маратон 2024 согласно потпишаниот Меморандум за соработка со Сојузот на спортови Скопје и Виз ЕР- скопски маратон и на него ќе учествуваат 53 припадници на странски армии и 27 припадници на македонската Армија.

Меѓународниот совет за воени спортови е организација формирана на 18 февруари 1948 година, а Армијата на Република Македонија e полноправна членка од 2005 година, која преку програмите на Меѓународниот совет за воени спортови, покрај забележителните резултати кои ги постигнува, дополнително придонесува за развој на меѓуармиската соработка, пријателството и мирот во регионот и во светот.

МФ: „Фич“ ги потврди кредибилните и конзистентни политики на земјата,

Задржан кедитниот рејтинг ББ+ со стабилен изглед.

Кредитната агенција „Фич“ во најновиот извештај за земјата го потврди кредитниот рејтинг „ББ+“ со стабилен изглед. Тоа според „Фич“ се должи на кредибилните и конзистентни макроекономски политки поддржани од долгогодишната политика на фиксен девизен курс, подобри показатели во управувањето од земјите со слични економски перформанси, како и реформите на среден рок поврзани со евроинтеграцијата.

Агенцијата очекува раст на економијата во наредните години во просек од 3,5%, а спроведувањето на кредибилна среднорочна фискална стратегија со постепено намалување на буџетскиот дефицит да биде клучен фактор за стабилизирање на долгот. Очекува умерено намалување на буџетскиот дефицити на ниво до 3,5% во 2026 година. Намалувањето го темели на очекувањата да се нормализираат заостанатите долгови, поради кои со ребалансот дефицитот беше ревидиран.

„Фич“ како важна алка на фискалната политика ја наведува борбата со сивата економија преку дигитализација на процесите, при што е нотирана намерата на Владата за воведување електронска фактура.

Долгот, според „Фич“ ќе се движи над пропишаниот лимит согласно Законот за буџет. Во извештајот нотира дека ќе се реализира заем од 500 милиони евра од Унгарија со пониски каматни стапки од оние на меѓународните пазари, со цел да се покријат буџетските потреби. Во периодот 2025-2026 година очекуваат поголем обем на домашно задолжување на домашниот пазар, придружено со поволни заеми, вклучувајќи од Светска банка и од ЕБОР. Сметаат дека средствата од Линијата за претпазливост и ликвидност од ММФ кои беа одобрени и претставуваа резерви нема да се искористат.

Растот според „Фич“ ќе биде поттикнат од реализацијата на инвестициите, особено инфраструктурните на Коридорите 8 и 10д. Позитивно влијание исто така ќе има поддршката што ја добива РС Македонија од ЕУ, како дел од евроинтегративниот процес.

Задржаниот кредитен рејтинг е потврда на политиките на новата Влада во насока на активна фискална консолидација и стабилизирање на јавните финансии, кои ќе бидат продолжени во наредниот период со донесената Фискална стратегија, Стратегијата за управување со јавниот долг и Буџетот за 2025 година, којшто е во фаза на подготовка.

Кредитната агенција „Фич“ два пати во годината објавува извештаи за кредитниот рејтинг на земјата. Во април исто така беше потврден кредитниот рејтинг на земјата „ББ+“ со стабилен изглед. Кредитниот рејтинг „ББ+“ со стабилен изглед се одржува од 2019 годинa.

Кредитниот рејтинг на земјата, а воедно и политиките што ги спроведува, ги оценува и Кредитната агенција „ Стандард и пурс“ два пати во годината.

Кредитниот рејтинг којшто го изготвуваат агенциите за кредитен рејтинг го покажува степенот на ризик од инвестирање и е еден од клучните индикатори коишто потенцијалните инвеститори ги земаат предвид при носењето на нивните одлуки.

Запленети поголеми количества марихуана во Демир Хисар и на Блаце, истрага против две лица

За двајцата осомничени надлежните јавни обвинители доставија предлози за определување мерка притвор.

Основното јавно обвинителство Битола донесе Наредба за спроведување истражна постапка против лице од струшко Калишта за кого постои основано сомнение дека сторило кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од член 215 став 1 од Кривичниот законик.

Осомничениот, на 4 октомври, во близина на Сопотница, со автомобил “ауди” не застанал на даден знак – стоп од полициски службеници од Демир Хисар кои вршеле сообраќајна контрола на возила и возачи. Со голема брзина се упатил кон крстосницата за Крушево, застанал на коловозот, излегол од возилото и започнал да изнесува наркотична дрога од возилото покрај патот. Полицајците го затекнале и од него одзеле околу 51 килограм наркотична дрога марихуана спакувана во повеќе пакувања.

За истото кривично дело, Основното јавно обвинителство Скопје поведе истрага против скопјанец во чиј автомобил, на граничниот премин Блаце при влез во земјава, биле откриени околу 36,5 килограми издробени вршунки од канабис спакувани во четири големи куфери.

За двајцата осомничени надлежните јавни обвинители доставија предлози за определување мерка притвор.

притисни ентер