Церовиќ: Се оствари сонот да настапам на „Охридско лето“ - Канал 5

Церовиќ: Се оствари сонот да настапам на „Охридско лето“

Црногорското дуо гитари Горан Кривокапиќ и Данијел Церовиќ вчеравечер ја воодушевија публиката на фестивалот „Охридско лето“ со својот маестрален настап во црквата „Света Софија“ .

Церовиќ: Се оствари сонот да настапам на „Охридско лето“

На фестивалскиот репертоар, двајцата извонредни уметници ја изведоа Шестата англиска свита од Јохан Себастијан Бах транскиптирана за две гитари што ја снимија пред неколку години, а потоа и Свитата Троилеана од Астор Пјацола. Крајот на прекрасната вечер беше резервиран за транскрипција на музиката на Мануел де Фаља.

-Репертоарот не е оригинално напишан за гитара, но тоа е наш репертоар за дуо гитари. Гитарата е специфичен инструмент и музичкиот јазик кој е пишан оригинално за гитара на некој начин е ограничен од техничките можности на инструментот. Кога се занимавате со музика која не е наменета за гитари, се случуваат некои интеракции и важни процеси каде можете да ги спознаете можностите на гитарата кои се безгранични, рече гитаристот Данијел Церовиќ.

Ова дуо настапува заедно на престижни фестивали и во познати концертни сали низ целиот свет меѓу кои Филхармонијата во Санкт Петербург, салата „Мануел де Фаља“ во Мадрид и „Концертгебау“ во Амстердам.

-Со Горан првпат свиревме кога бевме на студии, подоцна свиревме заедно на Музичката академија во Мастрихт и всушност тогаш започна нашата соработка која трае долги години. И после мандемијата повторно се закотвуваме на нашата заедничка работа. Горан живее во Германија, а јас во Црна Гора и тешко беше да се подготвуваат нови репертоари, но во текот на оваа и следната година ќе има новитети од нас, додаде Церовиќ.

Тој не го криеше задоволството, што настапи на еден од најреномираните фестивали во Европа, фестивалот „Охридско лето“.

-За „Охридско лето“ слушав и следев што се случува уште во студентските денови и секогаш имав амбиција да дојдам и да настапам. И еве,се оствари сонот да настапам на „Охридско лето“. Кога зборуваме за регионот што е околу нас и нè поврзува, за Охрид имам посебно место во срцето, истакна гитаристот Церовиќ.

Дуото има широк репертоар кој се состои од транскрипции на „стара“ музика и оригинални композиции од XIX, XX и XXI, со особен акцент на современа музика за две гитари.

Вчерашниот концерт на дуото Горан Кривокапиќ и Данијел Церовиќ ја исполни црквата „Света Софија“, а во редовите на публиката беше и италијанскиот амбасадор Андреа Силвестри.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Утре започнува меѓународната уметничка колонија АРТ ПОИНТ - ГУМНО 2026: „ПОСЛЕДНИТЕ КРАЈОЛИЦИ НА ЧОВЕШТИНАТА“

Меѓународниот центар за уметност и одржлив АРТ ПОИНТ - ГУМНО од с. Слоештица, годинава одбележува 23 години континуирано креативно делување.

Утре започнува меѓународната уметничка колонија АРТ ПОИНТ - ГУМНО 2026: „ПОСЛЕДНИТЕ КРАЈОЛИЦИ НА ЧОВЕШТИНАТА“

Помеѓу соработките што ги остварува со разни меѓународни организации од областа на културата или заштитата на животната средина, значајно место зазема и соработката со претставниците на реномираната Либеречка школа за фотографија - LŠF од Чешка. Професори и селектирани студенти од оваа школа, до сега, во три наврати реализираа престој во уметничкиот центар со седиште во селото Слоештица и крстосуваа низ селата од горно-демирхисарскиот регион за автентично да ја раскажат приказната за неисцрпното природно и културно богатство кое полека, но сигурно, исчезнува.

Годинава, во периодот од 12 до 23 август, гости на меѓународната уметничка колонија ќе бидат 7 претставници на чешката школа за фотографија. Двајцата професори - Шимон Пикоус и Јана Хунтрова и селектирани студенти ќе продолжат со извонредната уметничка фото-документација и преку своите фотографии ќе ја овековечат приказната за т.н. „ПОСЛЕДНИТЕ КРАЈОЛИЦИ НА ЧОВЕШТИНАТА“.

Воедно, нивното гостување ќе биде искористено за продуктивни дискусии со нивни колеги, особено млади фотографи, пред сѐ од пелагонискиот регион, како и релевантни претставници од областа на културната едукација, со цел обмислување на долгорочна

соработка со размена на студенти, искуства, знаења, заеднички проекти и сл.

Селектирани фотографии создадени за време на престојот, традиционално ќе бидат изложени пред јавноста во рамките на посебен настан, насловен како ОТВОРЕНО СТУДИО што ќе се одржи на 22ри август.

Проектот се реализира со делумна поддршка од македонското министерство за култура и туризам.

Фото: Јана Хунтрова

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Македонија добива амбасадори во Атина, Будимпешта, Сараево, Осло и Каиро

Поранешниот директор на ЈП „Градски паркинг“, Филип Пасху е избран за македонски амбасадор во Атина. 

Македонија добива амбасадори во Атина, Будимпешта, Сараево, Осло и Каиро

Според неофицијалните информации тој е меѓу неколкутемина идни амбасадори за кои Владата неодамна дала зелено светло. Пасху на 31 декември 2021 година беше назначен за в.д. директор на ЈП „Градски паркинг“ каде што претходно веќе работел како заменик-директор и претседател на Управниот одбор. На позицијата беше само десетина дена пред да биде разрешен од тогашната градоначалничка Данела Арсовска. Освен кусото искуство во јавното претпријатие, тој како магистер по економија, има и долгогодишно работно искуство во управување со многубројни меѓународни проекти. Покрај Пасху, како што објави „Слободен печат“, „амин“ од Владата добиле и Татјана Лопарски, поранешна новинарка и актуелна сопственичка на ПР-агенција за амбасадорка во Будимпешта и адвокатот Јасмин Калач за амбасадор во Сараево, кој во моментов е бранител на поранешниот директор на Дирекцијата за заштита и спасување Џеват Селами во предметот „Пулс“ за трагедијата во Кочани.

Другите двајца кандидати што неофицијално поминале на истата владина седница се Дритон Кучи за амбасадор во Осло и Елма Алторок за амбасадорка во Каиро. Одбрана на тезите во Собранието чекаат уште четворица амбасадори кои претходно биле избрани. Во Бугарија ќе замине Крум Ефремов, дипломат од кариера, кој беше амбасадор во Украина, а Габриел Атанасов од МНР, ќе биде амбасадор во Романија. Мухарем Јусуфи, на амбасадорското место во Стокхолм, додека во Приштина ќе не претставува Катерина Тодороска.

Во моментов, според информациите, без амбасадор или генерален конзул се 24 дипломатско-конзуларни претставништва, а за 11 од нив се веќе избрани амбасадори. До крајот на месецов се очекува да заминат уште неколкумина. Илина Мангова во Лондон, Линда Салиеска Иљазовска во Хаг и Стојанче Китаноски во Канбера, Австралија.

YouTube video

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Расчистено пукањето од 08 август во тетовско, лишени се од слобода три лица

На 10.08.2026 во 14:45 часот на патот Тетово–с.Селце, тетовско, полициски службеници од СВР Тетово го лишија од слобода А.Џ.(34) од с.Селце поради основи на сомнение дека сторил кривично дело „предизвикување општа опасност“.

Расчистено пукањето од 08 август во тетовско, лишени се од слобода три лица

Имено, тој се сомничи дека на 08.08.2026 околу 04:20 часот од мопед со кој се движел испукал повеќе куршуми од автоматска пушка кон семејната куќа на Ш.Б.(48), по што се оддалечил од местото.

Во врска со настанот, на 10.08.2026 во периодот од 20:00 до 22:55 часот, полициски службеници од СВР Тетово со судска наредба извршиле претрес во домот и помошните простории на Д.С.(44) во Тетово. При претресот се пронајдени и одземени 66 патрони ловечка муниција калибар 12 мм, две кациги, две камери за видео-надзор и мемориска картичка, а поради сомнение за сторено кривично дело „помагање“ по член 24 и сторено кривично дело „неовластено изработување, држење, посредување и тргување со оружје или распрскувачки материи“ по член 396 од Кривичниот законик од слобода е лишена Ф.С.(58) од Тетово.

Исто така, во врска со настанот, во 23:40 часот во СВР Тетово сама се пријавила Ф.С.(31) од Тетово. Тројцата се задржани во полициска станица и по целосно расчистување и документирање на случајот против нив ќе бидат поднесени соодветни пријави.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер