Целосно реконструирано ОУ „25 Мај“ во Ченто

Основното училиште „25 Мај“ во населбата Ченто, општина Гази Баба, е целосно реконструирано со 25 милиони денари, инвестиција на Министерството за образование и наука и со учество на општината и вклученост на родителите и месните заедници.

Променет е покривот, има нова фасада, прозорци и под, со што е направен енергетски ефикасен објект. По 1963 година, кога била изградена, ова е прва градежна интервенција на училишната зграда.

Благодарници за заложбите за обнова на објектот раководството на училиштето денеска им врачи на министерот за образование и наука Абдилаќим Адеми, неговиот претходник Спиро Ристовски, поранешниот заменик-министер Сафет Незири и на градоначалникот на Гази Баба Тони Трајковски, кои присуствуваа на свеченото пуштање во употреба на училиштето.

- Овој објект е еден од 33-те кои се реконструирани целосно од буџетот на Министерството за образование и наука, кое изгради уште три нови објекти во Шуто Оризари и во Боговиње. Се надевам дека во септември, кога ќе заврши постапката за инвентар, ќе ги пуштиме во употреба и учениците таму ќе учат во нови простории. Ќе продолжиме да инвестираме во реконструкции на училиштата според приоритетите и колку што дозволуваат буџетските можности. Приоритети ни се објектотот во село Рашче, од кој дел е изгорен и подготвуваме негова цела реконструкција, и во село Сливник, општина Велес, за кое, исто така подготвуваме проект и се надевам дека брзо ќе го реконструираме, изјави Адеми.

Апелираше до учениците кои не посетуваат настава поради лоши услови да се вратат во училиштата зашто, како што рече, условите не може да се создадат за ден или за месец.

Заменик-министерот Спиро Ристовски, во чиј министерски мандат почна реконструкцијата на „25 Мај“ во обраќањето рече дека во изминатиот период се работело на подобрување на условите за настава во сите општини, како што рече, без разлика на етничката припадност на учениците и наставниците.

Градоначалникот на Гази Баба Трајковски истакна дека за уредување на училиштето „25 Мај“ помогнале и родителите на учениците и дека е пример што треба да го следат и други училишта. Соопшти дека на територијата на Гази Баба комплетно е реконструирано и училиштето во Раштак и дека се гради ново училиште, во населбата Железара, со средства на МОН и кредит од Светска банка. Се очекува во втората половина на учебната година тоа да биде пуштено во употреба. Во план е и изградба на ново училиште во Хиподром, со средства од Владата на НР Кина.

Во изјава за медиумите министерот Адеми посочи дека бесплатните учебници се доставуваат врз основа на барањата на училиштата кои на крајот на учебната година пријавуваат колку учебници им се оштетени и колкав број нови им се потребни. - Таму каде што е реално потребно, ние ги менуваме учебниците. Училиштата кои се уште немаат пријавено, а имаат потреба, тоа треба да го направат што поскоро за да можеме да ги смениме, додаде Адеми.

Адеми информираше и дека се објавени резултатите за сместување во студентските домови. - Примени се сите кои ги исполниле условите. Отворен е оглас за слободните места, така што од 1 септември почна распоредувањето во студентските домови. Се надевам дека тие што не добиле легло, на вториот повик ќе бидат сместени ако ги исполнат условите, додаде Адеми. /МИА

Ибрахимовиќ: Тешко ми беше да се откажам од фудбалот поради моето его

Поранешниот напаѓач Златан Ибрахимовиќ зборуваше за подкастот на „АБТалкс“ каде што разговараше за неговото пензионирање од фудбалот, неговото враќање во Милан како главен советник на сопственикот на клубот и за смртта на неговиот агент Мино Раиола.

-Добро сум, така ме третира животот. Секако, се повлеков од фудбалот пред повеќе од осум месеци, така што мојот живот сега е поинаков. Прифатив да се откажам од фудбалот, што беше тешка работа поради моето его и начинот на кој се доживував себеси. Мислам дека сум најдобар и сè уште сум таков. Можев да продолжам, но решив да престанам. Зошто? Сакам само добар живот за моето семејство. Сакав да правам работи со моите синови, а пред тоа не беше можно бидејќи имав проблеми со едното колено. Така го прифатив тоа и дојде момент кога си реков: „Во ред е, откажи се и отвори ново поглавје од твојот живот, вели популарниот Ибра.

Потоа, неколку месеци подоцна, го запознава Гери Кардинале, кој го надгледува фондот „РедБрд“ што го купи Милан.

-Ми даде понуда што не можев да ја одбијам. Така почнав да работам со Милан, откако бев во клубот три-четири месеци. Добро се однесуваат со мене таму, морам да признаам. Кога почина мојот агент Мино Раиола, тоа беше голем удар за мене. Многу плачев. Сè уште не е исчезнато чувството, бидејќи спомените постојано ми се враќаат. Скршен сум затоа што многу ми недостига. Секој што го познава знае колку бевме блиски. Да можам би му напишал: „Ми недостигаш“, сподели Ибрахимовиќ. /МИА

Почесна Златна палма за Мерил Стрип на Канскиот филмски фестивал

 Познатата американска актерка Мерил Стрип (74) ќе добие почесна Златна палма за време на церемонијата на отворањето на овогодишниот Меѓународен филмски фестивал во Кан на 14 мај, соопштија денеска организаторите.

Холивудската актерка со рекордни 21 номинација за престижниот Оскар само еднаш била на Канскиот фестивал. Тоа беше пред 35 години кога филмот „Плач во темнината“ во кој играше, доби една од наградите на Канскиот фестивал.

Мерил Стрип освои три Оскари за улогите во филмовите „Крамер против Крамер“ (1980), „Изборот на Софија“ (1983) и „Челичната дама“ во 2012 година.

Актерката се прослави во филмовите „Лов на елени“, „Жената на францускиот поручник“, „Мојата Африка“, „Мостовите на округот Медисон“, „Сомнеж“ и „Заљубување“.

Почесна Златна палма годинава ќе добијат креаторот на серијата „Војна на ѕвездите“, Џорџ Лукас и колективно Студио Гибли на јапонскиот режисер за анимација Хајао Мијазаки.

Канскиот фестивал ќе се одржи од 14 до 25 мај, а за Златната палма се натпреваруваат повеќе од 20 филмови, меѓу кои и новиот филм на Френсис Форд Копола „Мегалополис“. /МИА

ФА го суспендираше Тонали на два месеци

Сандро Тонали беше суспендиран од фудбалот на два месеци. Нему му пресуди Независната регулаторна комисија откако призна дека учествувал во забрането обложување.

Покрај тоа, тој е казнет со 20.000 фунти и предупреден за понатамошно однесување.

Суспензијата е таква што Тонали нема да може да се врати на терените до крајот на сезоната, до кога ќе истече десетмесечната казна што му ја изрече Италијанската фудбалска федерација на 27 октомври 2023 година.

Доколку не го повтори истиот прекршок до крајот на сезоната, нема да мора да ја одлежи оваа двомесечна суспензија.

Фудбалскиот сојуз и Регулаторната комисија оценија дека Тонали соработувал и признал се за што е обвинет „на исклучителен и досега неевидентиран начин“.

Тонали целосно ги признал сите свои прекршоци, а тоа го направил во ситуација кога доказите практично не постоеле.

Тој продолжува да оди на терапија и едукативни програми на кои е должен да присуствува со целосна поддршка од клубот и продолжува да тренира со екипата./МИА

притисни ентер