Царовска: Вработените во градинките добиваат за 16 отсто повисоки плати

Вработените во градинките од јуни добиваат за 16 отсто повисоки плати, што е најголемо покачување досега, изјави министерката за труд и социјална политика Мила Царовска пред денешната средба со вработените од градинките.

На оваа средба беше презентиран новиот систем за плати.

– Среќна сум што кадарот во градинките, заслужен за грижата на нашите деца, кои се иднината на нашата држава, добија драстично зголемување на платите. Почнувајќи од јунската плата која на поголемиот дел од вработените веќе им е исплатена, стручниот кадар доби зголемување во просек од 16 проценти, што е околу 3.000 денари во нето износ по вработен, рече Царовска.

Во септември, како што најави таа, вработените во детската заштита ќе добијат и уште едно зголемување од пет проценти, со кое вработените во детските градинки во Македонија добиваат покачување на платите за 21 отсто што е најголемо до сега.

– Нето платата на воспитувач со високо образование се зголемува за 16,26 отсто односно од 20.546 денари на 23.731 денар, а со пресметан минат труд за вработен со 15 години стаж ќе изнесува 25.511 денари. Зголемувањето на платите се прави согласно Законот за вработените во јавниот сектор и со него ќе бидат опфати 3.138 од вкупно 4.577 вработени, односно 68,5 отсто, истакна министерката.

Во оваа група, како што додаде Царовска, влегуваат воспитувачи, негователи, стручни работници и стручни соработници-педагог, психолог, логопед, дефектолог и други за вршење на работи поврзани со дејноста згрижување и воспитување на деца од предучилишна возраст. Истовремено, се зголемуваат и платите на помошно техничкиот пероснал во градинките и ова покачување е утврдено со колективниот договор.

Царовска нагласи дека првпат се воведува кариерен развој на воспитувачите/ките, но и систем на плати за директорите/ките на градинките, чија висина ќе варира од капациетот на бројот на децата. Министерството за труд и социјална политика, како што додаде таа, продолжува посветено да работи на унапредување на раниот детски развој којшто е клучен за понатамошниот развој на секое дете.

– Со зголемувањето на платите, но и со проширувањето на капацитетите на градинките и јакнењето на професионалните компетенции го враќаме достоинството на професијата воспитувач која што беше заборавена години наназад, рече Царовска.

Директорката на градинката „Мајски цветови" во Карпош, Ангела Ангеловска Усевска, која се обрати во името на сите вработени во градинките, рече дека првпат по долго време во предучилишното образование и воспитание се случуваат позитивни промени.

– Првпат е пропишан кариерен развој и се воведува напредување на стручниот кадар, што ќе делува мотивирачки на вработените кои и досега и покрај ниските примања беспрекорно ја извршуваа својата работа и беа ентузијасти. Ова е мотив плус да дадат се од себе, бидејќи ова е професија која пред сѐ бара љубов кон децата, нагласи Ангеловска Усевска.

Заложба на МТСП е опфатот на деца во предучилишно образование да се зголеми за 50 отсто. Во изминатите две години се отворени 24 нови објекти, а досега се обезбедени 1.400 согласности за вработувања во градинките. За изградба на нови градинки годинава МТСП издвои 300 проценти поголем буџет од лани, а за оваа намена се достапни и 15 милиони евра од Светска Банка. /МИА

Данска ќе им дозволи абортус на малолетни девојчиња без согласност од родителите

Данската влада денеска соопшти дека жените во оваа скандинавска земја ќе имаат право да изберат да ја прекинат бременоста до крајот на 18-та недела од бременоста.

Досега границата за абортус во Данска беше 12 недели.

Данската министерка за внатрешни работи и здравство, Софи Лоде, рече дека „нема медицински докази за сегашната граница, а исто така нема ништо што сугерира дека ќе има значително повеќе абортуси или дека тие ќе бидат извршени многу подоцна ако ја подигнеме границата“.

Измената на законот треба да стапи на сила кон средината на 2025 година. Дополнително, на девојчињата на возраст од 15 до 17 години им се дава слобода да абортираат без родителска согласност или одобрение од специјалистичка комисија.

Данска беше една од првите западноевропски земји што на жените им даде право на абортус по сопствен избор.

Од 1973 година, бремените жени кои живеат во Данска можат да абортираат до крајот на 12-та недела без потреба да наведат причина и без надоместок на трошоците.

И после тоа, абортуси се можни под одредени услови, но потребно е одобрение од комисијата за абортус.

Германска компанија лансира во вселената ракета на парафински погон (ВИДЕО)

Германската компанија HyImpulse денеска успешно лансираше ракета напојувана со парафински восок која ќе може да носи комерцијални сателити.

„Ја покажуваме силата на Германија како вселенска нација и го прошируваме пристапот на Европа до вселената“, објави шефот на компанијата Марио Кобалд.

Дванаесет метри долгата и 2,5 тони тешка ракета наречена SR75 беше лансирана околу 5 часот по европско време од Куниба, Австралија.

Може да носи помали сателити со тежина до 250 килограми до височина до 250 километри, а може да работи на парафински восок или течен кислород.

Парафинскиот восок се користи како поевтино и побезбедно алтернативно ракетно гориво. HyImpulse тврди дека заштедиле до 50 проценти.

Германската компанија со околу 65 вработени објави дека веќе добила преднарачки за лансирање на сателити во вредност од над 100 милиони евра.

HyImpulse сака да го прошири својот бизнис бидејќи расте побарувачката за транспорт на комерцијални сателити, па до 2032 година сака да оствари приходи од 700 милиони евра.

Маричиќ-Стевановиќ: На Собранието му требаат современи патриоти и борци за еднаквост

Во заедничката изјава за медиумите, Милена Стевановиќ и Бојан Маричиќ од листата на кандидати за пратеници во Изборната единица 1, порачуваат дека „реформите ни носат системски промени и европски фондови“.

Во заедничката изјава за медиумите, Милена Стевановиќ и Бојан Маричиќ од листата на кандидати за пратеници во Изборната единица 1, порачуваат дека „реформите ни носат системски промени и европски фондови“, но и „демократски вредности со кои се пробиваат границите за еднакви можности за жените како докажана заложба на СДСМ.

Доктор Милена Стевановиќ во својот дел на изјавата истакнува дека „СДСМ, Ковачевски, Пендаровски, Маричиќ и другарите социјадемократи се оние кои со знаење и капацитет можат да ја придвижат земјата напред“.

„Нам ни требаат луѓе како Бојан. Со исклучително познавање на институциите на ЕУ, со чиста и прогресивна мисла, вистински современи патриоти кои додека ја внесуваат земјата во ЕУ го штитат и промовираат македонскиот идентитет“, истакнува во видео пораката д-р Милена Стевановиќ.

Во ова видео обраќање таа ги повикува сите македонски демократи „во среда на 8 мај сите кои се за подобра, современа и демократска македонија да го заокружат бројот 1 за европска Македонија“.

Бојан Маричиќ во ова заедничко обраќање ја посочува Милена Стевановиќ како „претставник на прогресивното женско движење“.

Маричиќ порачува со д-р Стевановиќ Македонија и македонското општество ќе „напредок на полето на јавното здравје, на полето на женското здравје и машкото здравје“.

„На Собранието и треба Милена Стевановиќ, врвен професионалец кој го предводеше целиот тим на Инфективната криза за време на пандемијата од Ковид и која во исто време се докажа како храбар и непоколеблив борец за постојано унапредување на правата на жените“, истакнува Маричиќ во видео пораката.

Маричиќ порачува дека е важен гласот на жените, девојките, демократи и демократки.

„Вашиот глас за СДСМ и за Милена Стевановиќ на овие избори е глас за жените како еднаква силна движечка сила на општеството“, нагласува Маричиќ во заедничката изјава со д-р Милена Стевановиќ, како кандидати за пратеници на СДСМ и на Коалицијата за европска иднина во изборната единица 1, се наведува во партиското соопштение.

притисни ентер