Царовска: Имаме зголемување на платите кај повеќе од 106 илјади работници за декември

„ Го остваривме таргетот којшто го поставивме за само два месеци. “

За декемвриската плата имаме зголемување кај повеќе од 106 илјади работници во нашата држава, со што е остварен таргетот помеѓу 20 и 25 проценти од вработените во реалниот сектор да добијат зголемување на плати од 600 до 6.000 денари врз основа на мерката за субвенционирање на придонеси за раст на плати.

Ова го изјави вицепремиерката за економски прашања Мила Царовска, која заедно со директорката на УЈП Сања Лукаревска денеска ги посети просториите на компанијата „Даути комерц" во Сарај, која е корисник на мерката за субвенционирање на раст на платите.

– Го остваривме таргетот којшто го поставивме за само два месеци. Очекувам оваа мерка и понатаму да ги остварува очекувањата и во текот на целата година овие работници ги земаат повисоките средства. Месечната сума на издвоени средства од Буџетот за оваа мерка, што директно се трансферираат во фондовите за здравствено и пензиско е 200 милиони. За декемвриската плата се исплатени нешто повеќе од 150 милиони, што значи дека сè уште имаме можност за вклучување на работници во буџетските рамки, изјави Царовска.

Очекувањата, подвлече таа, се остварени и очекуваме во статистичките извештаи да се покаже дека растот на плати има убава, забрзана тенденција, со што директно влијаеме на подобрување на квалитетот на живеење и животниот стандард на нашите граѓани.

Директорката на УЈП Сања Лукаревска рече дека даночниот обврзник „Даути комерц" е евидентен пример за успешноста на мерката субвенционирање на придонеси.

– Зборувавме и за оние даночни олеснувања, ослободувања кои што ги испромовира Владата, и дали ги имаат искористено. Можам да кажам за првпат во овој даночен обврзник информираме дека од 1 мај УЈП ќе направи еден интегриран систем, каде што МПИН образец ќе се поврзе со Е-пдд системот и врз основа на тоа сите приходи односно исплати коишто доаѓаат од Данокот на личен доход ќе бидат во еден систем. Мислам дека функционираме единствено да ги направиме сите процеси во УЈП да бидат едноставни, брзи и лесни, изјави Лукаревска.

Директорот на „Даути комерц" Хамим Даути, ја поздрави мерката за субвенционирање на платите, посочувајќи дека 71 процент од вкупно 340 вработени биле опфатени со мерката.

– Тоа беше еден добар мотив да се подигнат платите и да бидат сите задоволни. Зголемени се платите за 12 проценти. Просечната плата во „Даути комерц" денеска е над 25 илјади денари, изјави Даути./МИА

Електричниот Lotus Evija X го направи третиот најбрз круг на Нирбургринг (ВИДЕО)

Lotus Evija X, мошне модифициран и уникатен електричен хиперавтомобил, го помина германскиот Нирбургринг за само 6 минути и 24.047 секунди, а Lotus верува дека тоа може да го направи уште побрзо.

Овој пат го прави третото најбрзо возило досега што ја покривало патеката, зад само наменските тркачки автомобили.

Lotus објави многу малку технички информации за Evia X, кој е наведен како прототип во официјалната табела за рекорди во Нирбургринг.

Измените вклучуваат екстремни аеродинамични надградби и соголена внатрешност, фокусирана на перформанси.

Автомобилот наводно ги има истите батерии и електрични мотори како и патничката верзија, што значи 1500 kW/2039 КС и 1704 Nm вртежен момент.

Единствените автомобили побрзи од Evia X се Volkswagen ID.R (6:05.336 минути) и Porsche 919 Hybrid Evo (5:19.546 минути), и двата произведени од основата како тркачки автомобили.

Лотус верува дека Evija X може да постигне подобро време на Нирбургринг. Производителот известува дека возењето било забележано на влажен ден, па очекувањата биле мали. Сепак, кругот беше доволно добар, што Лотус сакаше да го сподели.

Во моментов не е јасно што планира производителот да направи следно со Evia X. Довербата на Lotus сугерира дека може да се обиде да ги подобри времињата на круговите или да се обиде да постави рекорди на кругови на различни патеки. Исто така, може да претвори уникатен автомобил во специјално издание.

Пендаровски: Во Крушево дојдов за да ви кажам дека и тука и во цела Македонија ќе победиме

Кандидатот за претседател Стево Пендаровски денеска ја продолжи кампањата со средба со жителите на Крушево.

„Борбата почнува од нула, како да немало прв круг“, рече Пендаровски пред крушевчани негирајќи ги обвинувањата на опозицијата дека ќе го бојкотира вториот круг од претседателските избори.

„Дали е логично да дојдам јас во Крушево, ако мислам да бојкотирам? Јас мислам со сите вас да победам! Кој сака нека бојкотира, ниту сум бојкотирал 2014-та, ни 2019-та, ни 2016-та, ни оваа 2024-та нема да бојкотирам. Тие нека му ја мислат за крајниот резултат. Ние сите го знаеме и наместо бојкот ние ќе прославуваме’, истакна Пендаровски денеска во Крушево,соопшти неговиот тим.

Костадиновска-Стојчевска: „Правината се танчи, ама не се кинит“ - нов мурал во Прилеп

Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, денеска на промоцијата на новиот мурал на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп.

Министерката за култура, Бисера Костадиновска-Стојчевска, денеска на промоцијата на новиот мурал на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, порача дека младите преку уметноста оддаваат почит кон личностите кои имаат непроценливо значење за нашиот идентитет, култура и историја.

− „Цртај на македонски“ со креативни уметнички идеи го заштитува и го промовира македонскиот јазик. Насликан е уште еден мурал преку кој младите уметници оддаваат почит кон личностите со непроценливо значење за нашиот идентитет, култура и историја − рече Костадиновска-Стојчевска, која додаде дека во изминатите три години младите со своите креативни идеи на автентичен начин ги популаризираат македонскиот јазик и нашата уникатна народна мудрост.

Муралот е дел од конкурсот на Министерството за култура, „Цртај на македонски“, а го изработи визуелната уметница Ивана Самандова, во организација на „Факултет за работи што не се учат – ФРУ“. Муралот, на кој е насликан цитатот „Правината се танчи, ама не се кинит“ од македонскиот културен деец, собирач на умотворби и фолклорист Марко Цепенков, е дел од поддржаниот проект на Самандова, „Јазикот коски нема, ама коски кршит“.

– Преку конкурсот „Цртај на македонски“ во изминатите три години ги поттикнавме младите на креативност. Отворивме нови можности за поддршка и презентација на нивниот талент – рече министерката за култура и додаде дека за три години преку овој конкурс се доделени пет милиони денари за реализација на над 60 дела.

„Министерството за култура останува посветено кон младите автори за чие творештво секогаш имаме посебна почит и обврска да го прикажеме на публиката“, истакна Костадиновска-Стојчевска денеска на промоцијата на новиот мурал на предната фасада на Центарот за култура „Марко Цепенков“ во Прилеп, соопшти Министерството за култура.

притисни ентер