Бројот на починати во САД надмина 1000 , во Њујорк први знаци на забавување на епидемијата

Бројот на смртни случаи од коронавирус во САД надмина 1.000, според Универзитетот Џон Хопкинс, додека властите во Њујорк соопштија за први знаци на забавена здравствена криза, но затоа состојбата во Њу Орлеанс се влошува.

САД е трета земја според број на заболени по Кина и Италија. Од вчера починале 1033 лица, а инфекцијата е потврдена кај 68.572 лица.

Првите знаци за ограничување на ширењето на болеста се појавија вчера во државата Њујорк, каде има најмногу заразени и починати од „Ковид-19“, објави гувернерот Ендрју Куомо, иако бројот на загинати во самиот град Њујорк е зголемен.

Хоспитализацијата во Њујорк е забавена во последниве денови, а гувернерот Куомо рече дека бројките се „скоро премногу добри за да бидат вистинити“.

Тој го пофали огромниот одѕив на пензионираните здравствени работници - 40.000 медицински сестри, лекари и друг медицински персонал - но предупреди дека останува уште огромна работа. Куoмо најави нови чекори за спречување на ширењето на инфекцијата.

Градот Њујорк, дом на повеќе од осум милиони луѓе, го затвори сообраќајот на некои од веќе главно празните улици за да им овозможи на жителите да се движат и да одржуваат доволно растојание меѓу себе.

„Малото растојание меѓу луѓето не прави ранливи“, рече тој.

Во Њујорк потврдени се 30.800 случаи на инфекција, а повеќе од 17.800 во самиот град. Ноќеска починале 280 луѓе во градот.

Државата Њујорк, во која има скоро половина од заразените Американци, ги прекина сите деловни активности што не се од суштинско значење за секојдневниот живот минатата недела, а на жителите им беше речено да останат во своите домови.

Од вчера, гувернерите на најмалку 21 држава во кои живеат 330 милиони Американци наметнаа вакви ограничувања. Куомо рече дека забавувањето на хоспитализациите покажува дека се работи на мерките за социјална оддалеченост.

Њу Орлеанс, пред еден месец кога луѓето масовно излегоа на улиците за време на карневалот, е на пат да стане новиот американски епицентар на пандемијата на коронавирус. Градот забележа најголема стапка на пораст на заразените луѓе ширум светот.

Влошената состојба во Њу Орлеанс ја растури надежта дека градовите во потоплите области на светот дека би можеле да ја избегнат болеста. Локалните власти предупредуваат дека со ова темпо, ширењето на инфекцијата во градот на реката Мисисипи ќе ја премине границата на издржливост до 4 април.

Здравствените експерти велат дека карневалот Марди Грас, кога 1,4 милиони туристи се собрале во Њу Орлеанс, што резултираше во сообраќаен метеж на улиците, ја засили епидемијата.

Американскиот Сенат вчера гласаше за историскиот пакет помош, кој треба да им помогне на Американците и американската економија да не потклекнат под пандемијата на коронавирус.

Пакетот вреди 2 трилиони долари и вклучува плаќања во готовина од 1.200 американски долари за повеќето возрасни и 500 американски долари за секое дете. Ќе бидат достапни околу 350 милијарди американски долари за заеми на економијата за да се поттикне задржувањето на вработените.

Ибрахимовиќ: Тешко ми беше да се откажам од фудбалот поради моето его

Поранешниот напаѓач Златан Ибрахимовиќ зборуваше за подкастот на „АБТалкс“ каде што разговараше за неговото пензионирање од фудбалот, неговото враќање во Милан како главен советник на сопственикот на клубот и за смртта на неговиот агент Мино Раиола.

-Добро сум, така ме третира животот. Секако, се повлеков од фудбалот пред повеќе од осум месеци, така што мојот живот сега е поинаков. Прифатив да се откажам од фудбалот, што беше тешка работа поради моето его и начинот на кој се доживував себеси. Мислам дека сум најдобар и сè уште сум таков. Можев да продолжам, но решив да престанам. Зошто? Сакам само добар живот за моето семејство. Сакав да правам работи со моите синови, а пред тоа не беше можно бидејќи имав проблеми со едното колено. Така го прифатив тоа и дојде момент кога си реков: „Во ред е, откажи се и отвори ново поглавје од твојот живот, вели популарниот Ибра.

Потоа, неколку месеци подоцна, го запознава Гери Кардинале, кој го надгледува фондот „РедБрд“ што го купи Милан.

-Ми даде понуда што не можев да ја одбијам. Така почнав да работам со Милан, откако бев во клубот три-четири месеци. Добро се однесуваат со мене таму, морам да признаам. Кога почина мојот агент Мино Раиола, тоа беше голем удар за мене. Многу плачев. Сè уште не е исчезнато чувството, бидејќи спомените постојано ми се враќаат. Скршен сум затоа што многу ми недостига. Секој што го познава знае колку бевме блиски. Да можам би му напишал: „Ми недостигаш“, сподели Ибрахимовиќ. /МИА

Почесна Златна палма за Мерил Стрип на Канскиот филмски фестивал

 Познатата американска актерка Мерил Стрип (74) ќе добие почесна Златна палма за време на церемонијата на отворањето на овогодишниот Меѓународен филмски фестивал во Кан на 14 мај, соопштија денеска организаторите.

Холивудската актерка со рекордни 21 номинација за престижниот Оскар само еднаш била на Канскиот фестивал. Тоа беше пред 35 години кога филмот „Плач во темнината“ во кој играше, доби една од наградите на Канскиот фестивал.

Мерил Стрип освои три Оскари за улогите во филмовите „Крамер против Крамер“ (1980), „Изборот на Софија“ (1983) и „Челичната дама“ во 2012 година.

Актерката се прослави во филмовите „Лов на елени“, „Жената на францускиот поручник“, „Мојата Африка“, „Мостовите на округот Медисон“, „Сомнеж“ и „Заљубување“.

Почесна Златна палма годинава ќе добијат креаторот на серијата „Војна на ѕвездите“, Џорџ Лукас и колективно Студио Гибли на јапонскиот режисер за анимација Хајао Мијазаки.

Канскиот фестивал ќе се одржи од 14 до 25 мај, а за Златната палма се натпреваруваат повеќе од 20 филмови, меѓу кои и новиот филм на Френсис Форд Копола „Мегалополис“. /МИА

ФА го суспендираше Тонали на два месеци

Сандро Тонали беше суспендиран од фудбалот на два месеци. Нему му пресуди Независната регулаторна комисија откако призна дека учествувал во забрането обложување.

Покрај тоа, тој е казнет со 20.000 фунти и предупреден за понатамошно однесување.

Суспензијата е таква што Тонали нема да може да се врати на терените до крајот на сезоната, до кога ќе истече десетмесечната казна што му ја изрече Италијанската фудбалска федерација на 27 октомври 2023 година.

Доколку не го повтори истиот прекршок до крајот на сезоната, нема да мора да ја одлежи оваа двомесечна суспензија.

Фудбалскиот сојуз и Регулаторната комисија оценија дека Тонали соработувал и признал се за што е обвинет „на исклучителен и досега неевидентиран начин“.

Тонали целосно ги признал сите свои прекршоци, а тоа го направил во ситуација кога доказите практично не постоеле.

Тој продолжува да оди на терапија и едукативни програми на кои е должен да присуствува со целосна поддршка од клубот и продолжува да тренира со екипата./МИА

притисни ентер