Британија продолжува со евакуацијата од Кабул-Холандија, Германија и Норвешка завршија

Британија објави дека ќе продолжи со евакуацијата од Авганистан, додека Холандија, Германија и Норвешка објавија дека завршиле, по смртоносниот напад на аеродромот во Кабул, во кој загинаа најмалку 60 лица.

Операциите за евакуација од Авганистан ќе продолжат и покрај варварските напади на влезот на аеродромот во Кабул, изјави британскиот премиер Борис Џонсон.

"Ќе продолжиме со операцијата. И сега стигнуваме до крајот, до самиот крај", рече Џонсон по владиниот кризен состанок посветен на денешните напади.

„Ние сме во можност да ја продолжиме програмата како што ја работевме досега, во согласност со временската рамка што ја имаме и тоа е она што ќе го направиме“, додаде тој.

Најмалку две експлозии го погодија просторот на влезот на аеродромот во Кабул, предизвикувајќи крвопролевање меѓу луѓето кои се надеваа дека ќе успеат да излезат од Авганистан.

Џонсон рече дека војската со месеци се подготвувала за евакуација и дека била свесна за безбедносните закани.

Тој им оддаде почит на Авганистанците и припадниците на американската војска кои ги загубија животите во нападот. „Изразуваме сочувство до САД и народот на Авганистан“, рече тој.

Пентагон претходно објави дека има Американци меѓу жртвите, но се уште не е познато колку, но АП објави дека загинале најмалку 12 американски војници.

Холандија извести дека го извела последниот лет за евакуација од Кабул во согласност со барањето на американските сили да го напуштат аеродромот во главниот град на Авганистан.

„Хаг жали што не успеа да ги евакуира сите холандски државјани и Авганистанци кои и помогнаа на Холандија за време на мисијата во Авганистан“, напиша на Твитер министерката за надворешни работи Сигрид Кааг.

„Нашето заминување ќе има сериозни последици за нив.“

Американската војска им наредила на Холанѓаните да ги прекинат операциите на аеродромот во Кабул пред американските војници да се повлечат на 31 август, изјави холандскиот премиер Марк Руте на прес -конференција во Хаг претходно во текот на денот.

Германија објави дека ја завршиле евакуацијата на своите војници и дипломатскиот персонал од Авганистан, објави денеска министерката за одбрана Анегрет Крамп-Каренбауер.

„Сите војници, вработени во Министерството за надворешни работи и федералната полиција, кои, ја завршија оваа мисија на безбеден начин, беа евакуирани со авион од Кабул“, изјави Крамп-Каренбауер за новинарите.

Мисијата за евакуација сега е завршена, напишала таа, додавајќи дека и е „олеснето што нашите војници кои учествуваа во оваа опасна операција безбедно го напуштија авганистанскиот воздушен простор“.

Германија евакуирала 5.347 луѓе од најмалку 45 земји од 16 август, рече министерката.

„Нападите на кои бевме сведоци попладнево јасно покажуваат дека продолжувањето на операцијата во Кабул не е можна“, рече Крамп-Каренбауер.

Претходно, германската канцеларка Ангела Меркел ги осуди нападите во Кабул, велејќи дека денешните настани покажуваат „дека ризикот е огромен и дека станува збор за многу, многу напната ситуација во која луѓето се повлекуваат од земјата“.

„Се уште не ги знаеме сите детали, но терористите ги таргетираа луѓето што чекаа пред аеродромот со надеж дека ќе ја напуштат земјата“, нагласи Меркел.

Норвешка повеќе не може да помогне во евакуацијата на преостанатите граѓани од авганистанската престолнина, изјави денеска норвешката министерка за надворешни работи Ина Ериксен Сореиде.

„Вратите на аеродромот сега се затворени и повеќе не е можно да се доведат луѓе таму“, рече таа за норвешката ТВ2.

Другите западни држави, исто така, се ближат кон крајот на евакуацијата на нивните граѓани од Авганистан, барајќи да ја завршат мисијата пред истекот на рокот од 31 август, што им го даде новата талибанска влада.

Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека американските војници, клучен гарант на аеродромот Хамид Карзаи во Кабул, ќе ја завршат мисијата и сите ќе го напуштат Авганистан до 31 август.

Американски извори велат дека планот не се променил ниту по денешните напади.

600 француски жандарми ја почнаа акцијата во Нова Каледонија

Француските сили започнаа „голема операција“ во Нова Каледонија, на далечниот исток, а немирите синоќа однесоа уште еден живот, објави британски Гардијан.

Француските сили пробуваат да ја вратат контролата врз патот долг 60 километри што го поврзува главниот град на нова Каледонија Нумеа со главниот меѓународен аеродром, за што испратени се 600 тешко вооружени жандарми. Денеска е шести ден од избувнувањето на насилните немири, предизвикани од плановите во Париз да се воведат нови правила за гласање кои би можеле да им дадат право на глас на десетици илјади жители што не се домородни. Групите за независност велат дека тоа ќе го намали гласот на домородните канаци, кои сочинуваат околу 40 отсто од населението.

Летовите до и од главниот остров на Нова Каледонија се откажани од почетокот на немирите, блокирајќи патници и прекинувајќи ги трговските патишта.

Елегантни моторџии низ скопските улици во обид да ја подигнат свеста за машкото здравје

Стотици дотерани моторџии денеска дефилираат низ скопските улици со цел подигање на свеста за машкото здравје и превенција на рак на простатата.

Моторџиите облечени во палта и вратоврски по девети пат земаат учество во глобалниот хуманитарен мотоциклички настан, а собраните донации од учесниците одат во фондацијата за борба против рак на простатата „Мовембер“ во Лондон .

Организаторот на настанот во Скопје Игор Стефановски објаснува дека Глобалното движење започнало 2012 година во Сиднеј од група моторџии, во чест на нивниот пријател кој починал од рак на простатата, по што станува најголем глобален собир на мотоциклисти на светско ниво.

- Тие губат другар од рак на простатата, во негова чест почнуваат собирање, чисто клубски прво, меѓутоа сакаат да пренесат порака дека мотоциклистите не мора секогаш да бидат бучни, во кожни вентијаги и одлучуваат настанот да го направат дотерани, костумосани што би се рекло. Така да настанот со текот на годините настанот излегува од рамките на Австралија и се шири низ целиот свет. - Игор Стефановски – организатор

Во движењето на глобално ниво учествуваат околу 100.000 мотоциклисти од 110 држави. Во Скопје оваа година има рекорден број на официјално пријавени учесници, над 170. Тие велат дека се особено горди што се дел од ваков настан.

- Чувството да се вози на ваков настан е навистина убаво бидејки да си џентлмен и да правиш нешто што помага за да се поттикне машкото здравје е многу убава работа, веќе 8 години возам на gentlemens ride и е настан кој дефинитивно не се пропушта.- Филип Арсовски – учесник

- Чувството е одлично, се работи за еден интернационален настан кој ја потикнува важноста од борбата за машкото здравје, би препорачал на сите граѓани што повеќе да земаат учество во вакви хуманитарни настани и да ја гајат културата на старите мотори, олдтајмер возилата.- Златко Ивановски – учесник

Скопје е дел од ова движење од 2016 година. Досега учествувале 1.172 учесници, а собрани се над 18.000 евра. Од основањето на движењето досега глобално се собрани над 50 милиони долари кои се донираат во институции и болници за машко здравје.

Сообраќаен хаос во Клиничкиот центар во Скопје

Вакво е секојдневието во клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје.

Колони возила, свирежи и нервозни граѓани. Огромниот сообраќаен хаос за влез во клиниките е најизразен во утринските часови.

Ова е проблем со кој се соочуваат граѓаните години наназад и движењето низ клиниките е исклучително отежнато.

-И покрај тоа што во Клиничкиот центар има паркинг, се чини дека тој не е доволен да ги собере сите возила. Дел од нив се паркираат и на лентата за возилата за Брза Помош.

А токму несоодветно паркираните возила дополнително го заглавуваат сообраќајот низ клиничкиот центар.

Луѓето што ги анкетиравме се разочарани за целиот сообраќаен хаос што се случува во клиничкиот центар. Велат – ем плаќаат паркинг, ем губат време, ем не завршуваат работа.

Клиничкиот центар во Скопје располага со над 900 места за паркинг, а нови 600 предвидува новиот детален урбанистички план кој во февруари годинава го донесе Општина Центар. Сепак, и ова е мала бројка бидејќи според провен ките дневно во Клинички влегувата околу 5000 возила.

Иако низ годините помпезно од речиси сите министри беа најавувани брзи решенија за надминување на хаосот на Клинички, досега ништо од ветеното не е реализирано.

притисни ентер