Борел: Усогласувањето со надворешната политика на ЕУ го сметаме за посветеност на членството

- Усогласувањето на земјите од Западниот Балкан со нашата заедничка надворешна и безбедносна политика го сметаме за стратешки избор и за посветеност на членството, истакна Борел.  

ЕУ е подготвена за посилна интеграција и засилена поддршка на земјите од Западниот Балкан, но очекува од нив да застанат зад Унијата во одбрана на меѓународниот поредок, особено во врска со Украина и во однос на мерките преземени кон Русија поради руската инвазија врз земјата, порача вечерва високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел по завршувањето на денешниот Совет за надворешни работи (ГАК) во Луксембург.

- Усогласувањето на земјите од Западниот Балкан со нашата заедничка надворешна и безбедносна политика го сметаме за стратешки избор и за посветеност на членството, истакна Борел.

Според него, одржувањето блиски врски со режимот на рускиот претседател Владимир Путин, не е во согласност со заложбите за изградбата на заедничка иднина во ЕУ.

Тој информира дека на состанокот биле донесени и одлуки за воведување санкции кон поединци за поврзаност со хакерски напади, 14-от пакет економски санкции кон Русија поради воената агресија врз Украина, како и рестриктивни мерки кон субјекти во Судан.

Според Борел, на ФАК се говорело и за поддршката на Украина, имајќи предвид дека на земјата и е потребна дополнителна противвоздушна одбрана, муниција, како и помош за развој на капацитетите на нејзината одбранбена индустрија.

- Министрите со договорија за Рамката за користење на профитите од замрзнатите руски средства за потребите на Мировниот механизам на ЕУ, истакна Борел, додавајќи дека „една земја членка“ се уште го блокира користењето на шест милијарди евра за овој Механизам.

Тој потенцира дека средства од профитите од замрзнатите средства ќе бидат користени за потребите на Украина и веќе следниот месец ќе и бидат исплатени 1,4 милијарди евра, а уште една милијарда до крајот на годината, наменети за набавка на противвоздушна одбрана и муниција и за поддршка на украинската одбранбена индустрија.

- Со ваквата безбедносна посветеност упатуваме јасна порака до Русија за нашата волја да ја поддржиме Украина, истакна Борел, додавајќи дека во тој правец е и утрешната Меѓувладина конференција со Украина за формален почеток на преговорите на земјата за членство во ЕУ.

Во однос на најновиот развој на настаните на Блискиот Исток, Борел истакна дека три недели по планот на американскиот претседател Џо Бајден за прекин на конфликтот во Газа, станува јасно дека ниту кај Израел, ниту кај Хамас нема подготвеност за негово прифаќање.

- А хуманитарната состојба е катастрофална. Нема никаков напредок во доставувањето на хуманитарна помош во Газа. Илјадници камиони чекаат на границата да влезат во Газа, а во меѓу време таму се наѕира глад и 8.000 деца под пет годишна возраст страдаат за храна, изјави Борел, додавајќи дека е бесцелно да се испраќа храна, кога таа стои и пропаѓа на границата.

Тој нагласи дека ЕУ ќе продолжи со притисокот за доставување на хуманитарна помош, што е невозможно без прекин на огнот, како и за спречување на ширење на конфликтот. За таа цел, според Борел, ЕУ ќе продолжи со поддршка на напорите на нејзините меѓународни партнери, пред се САД и арапските пријатели во регионот за спречување на конфликт меѓу Израел и Хезболах.

Борел најави и одржување на заседание на Советот за асоцијација ЕУ-Израел на кое ќе се говори за состојбата во Газа и Западниот Брег и за хуманитарната криза, а многу наскоро и воведување дополнителни санкции кон Хамас и насилните еврејски доселеници.

- Сите земји членки ја изразија поддршката на УНРВА, која е од круцијална важност за спасување на животите на палестинските бегалци во Газа, на Западниот Брег и во Регионот, истакна Борел, додавајќи дека секој напад врз било која агенција на ОН придонесува за дестабилизација на состојбата.

Високиот претставник нагласи дека на Советот се водела дискусија и за политичките случувања во Грузија, поврзани со Законот за транспарентност од странско влијание, кој како што рече не е во согласност со стандардите на ЕУ, иако високи грузиски владини претставници го тврдат спротивното.

- Сакам да бидам јасен. Овој закон ја оттурнува Грузија подалеку од ЕУ. Не можам да бидам појасен и поконцизен, изјави Борел, додавајќи дека ваквиот став го поддржуваат 26 од 27-те земји членки на Унијата.

Според него, ако грузиската Влада не го промени ваквиот курс, Грција не може да се надева на напредок на европскиот пат.

- Тоа можам да го кажа погласно, но не и појасно, потенцира Борел, додавајќи дека ако нешто не се промени ќе се преразгледа и поддршката на ЕУ за Грузија.

На заседанието се говорело и за состојбата во африканскиот Регионот на Големите езера, како и во Тунис, за што дебатата ќе продолжи и во следниот период имајќи ја предвид нивната важност за Унијата.

На делот од заседанието на ФАК на кое се расправаше за состојбата на Западниот Балкан, присуствуваше министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски заедно со неговите колеги од регионот. /МИА

Пензионерскиот синдикат на Македонија при КСС го поздравува најавеното покачување на пензиите

Пензионерскиот синдикат на Македонија (ПСМ), членка при Конфедерацијата на слободни синдикати на Македонија (КСС), кој ги здружува пензионерите од целата земја го поздравува најавеното покачување на пензиите за 5,000 денари од страна на новата Влада.

Имено, пензиите ќе се зголемат на двапати по 2,500 денари. Првото зголемување ќе биде во септември оваа година, а второто на почетокот на 2025 година.

Социо-економскиот статус на пензионерите во Македонија во последните години е навистина на незавидно ниво.

Потребно е пензиите да се зголемуваат за да можат истите да бидат доволни за да им овозможат пристоен живот на пензионерите.

Се надеваме дека во иднина со новата Влада ќе имаме фер и коректен социјален дијалог и дека ќе ги ставиме на маса сите проблеми кои ги засегаат пензионерите.

Пензионерски синдикат на Македонија

На еден месец пред стартот на Олимпијадата, Сена сè уште многу загадена

 Еден месец пред отворањето на Олимписките игри во Париз, реката Сена сè уште е премногу загадена и над стандардите потребни за одржување на олимписките натпревари.

Ова го покажуваат извештаите од анализата која денеска ја објави Градското собрание на Париз, каде од 26 јули до 11 август ќе се одржат летните Олимписки игри.

„Квалитетот на водата останува лош поради неповолниот хидролошки контекст, кој вклучува натпросечни врнежи од дожд, премалку сонце и температури под сезонските стандарди“, се наведува во извештајот.

„Очекуваме работите да се подобрат оваа недела со оглед на временските услови“, коментираа од префектурата на регионот Ил де Франс.

Регионалниот префект Марк Гијом предупреди дека реката нема да биде погодна за капење на почетокот на јули поради протокот на реката.

Концентрацијата на две фекални бактерии на кои се засноваат прописите за дозволи за капење покажа нагло зголемени вредности во однос на првите две недели од јуни, со многу високи вредности во периодот од 18 до 20 јуни.

Овие лоши резултати поттикнати од неповолните временски услови, ги зголемија сомнежите за успешно на одржување на олимписките натпревари во Сена (триатлон и пливање во отворени води), како и самата церемонија на свеченото отворање на Игрите.

Папата Франциск сака да ја посети Турција по повод 1.700-годишнината од Соборот во Никеја

 Папата Франциск изрази желба да ја посети областа Никеја во 2025 година по повод одбележувањето на 1.700-годишнината од првиот Вселенски собор.

„Тоа е патување што сакам да го направам со целото мое срце“, рече денеска папата, поздравувајќи ја делегацијата на Вселенската патријаршија од Константинопол, која е во Рим на празникот на светите Петар и Павле, основачите на Римската црква.

Делегацијата на Католичката црква традиционално возвраќа со посета на Истанбул на празникот на Свети Андреј, за кого традицијата вели дека ја основал црквата во Константинопол, пренесува „Ватикан Њуз“.

Во своето обраќање до делегацијата, папата укажа на „длабоките врски“ кои ги обединуваат двете Цркви, како и на „цврстата определба за заеднички напредок“ кон обновување на единството меѓу нив.

„Дијалогот меѓу нашите Цркви не претставува ризик за интегритетот на верата, туку е неопходност што произлегува од нашата верност кон Господа, кој нè води до целосната вистина преку размена на дарови и под водство на Светиот Дух“, рече папата Франциск.

Тој ги повика источните православни цркви во своите молитви да ја следат и поддржуваат претстојната Света година „за да не изостанат изобилните духовни плодови“, истакнувајќи дека Господовиот пат „секогаш е пат на љубовта, помирувањето и милосрдието“.

Папата Франциск потсети на бројните средби со актуелниот вселенски патријарх Вартоломеј Први, особено на нивната средба во Ерусалим во 2014 година по повод 50-годишнината од историската средба меѓу папата свети Павле Шести и Атинагора Први.

притисни ентер