Борел: Ќе разговараме за санкции кон Иран и кон насилните еврејски доселеници - Канал 5

Борел: Ќе разговараме за санкции кон Иран и кон насилните еврејски доселеници

- Ќе разговараме за воведување санкции за иранските програми за производство на проектили и дронови, рече Борел

Борел: Ќе разговараме за санкции кон Иран и кон насилните еврејски доселеници

На денешната средба во рамките за состојбата на Блискиот Исток ќе разговараме за пакет санкции за Иран за што треба да се согласат сите земји членки, бидејќи за нивно воведување е потребен консензус, најави денеска високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност Жосеп Борел пред почетокот на заседанието на Советот за надворешни работи на Европската Унија во Луксембург.

- Ќе разговараме за воведување санкции за иранските програми за производство на проектили и дронови, рече Борел, додавајќи дека засега „на маса не се“ рестриктивни мерки поврзани со нуклеарната програма на Иран.

Тој најави дека министрите ќе разговараат и за состојбата во Газа, која, како што рече, постојано се влошува и има нови бомбардирања со цивилни жртви. Од друга страна, според него, растат тензиите и на Западниот Брег, па ЕУ „ќе мора да разгледа“ и нови санкции за насилните еврејски доселеници, откако минатата недела воведе мал пакет.

Во однос на најавите за барање за преразгледување на Договорот за асоцијација меѓу ЕУ и Израел, Борел истакна дека немало идеја за преразгледување, туку да се види „ако има нешто што би можело да се смета дека има ефекти врз договорот“.

- Значи има едно АКО и едно БИ МОЖЕЛО. Повикав на дебата за политичката ориентација на Советот за асоцијација со нашите израелски партнери, но повикот беше одбиен. Дадов предлог да се повика министерот за надворешни работи на Израел да дојде со Советот за надворешни работи, поканата е испратена, но немаме договор за средба, рече Борел. Запрашан „Од кого е одбиен?“, Борел кусо одговори: „Од мнозинството во Советот“.

Тој додаде и дека е побарано од Израел да не почнува офанзива во Рафа со цел да се избегнат цивилни жртви, бидејќи, како што рече, во случај на напад би можеле да бидат масакрирани околу еден милион луѓе, додавајќи дека лично тој и земјите членки инсистираат да не се случи нешто такво, но дека одлуката тоа не е во нивна надлежност.

Кога станува збор за Украина, според Борел, ЕУ работи секојдневно на изнаоѓање начини да и се помогне на земјата и да се задоволат нејзините потреби.

- Секојдневно и помагаме на Украина. А денеска е ден кога земјите членки ќе видат што можат да направат, кои се потребите на Украинците и ќе дадат предлози, рече Борел.

Тој нагласи дека ЕУ постојано разговара со земјите членки за зголемување на испораките на воена помош, вклучително и средства за противвоздушна одбрана за Украина.

- Мораме за разговараме за капацитетите на земјите членки на ЕУ за зголемување на поддршката за Украина, изјави Борел, додавајќи дека на Украина и е потребна муниција и лансирни рампи, кои, како што рече, без проектили се како топови без гранати.

Според него, ќе треба да се види што од ова може да обезбедат земјите членки, бидејќи, како што рече, ЕУ не располага со оружје и воена опрема.

Борел додаде дека покрај за состојбите во поширокиот регион на Блискиот Исток и во Украина, на средбата министрите ќе разговараат и за случувањата во Судан.

- Тоа е војна која е речиси заборавена од сите, а е една од најсмртоносните војни на денешницата, додаде Борел при пристигнувањето на заседанието на Советот за надворешни работи Унијата, кое ќе започне со размена на мислења на министрите за надворешни работи и за одбрана на земјите членки на ЕУ за состојбата во Украина со нивните украински колеги Дмитро Кулеба и Рустем Умеров преку видео конференциска врска. /МИА

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Копретседателот на АфД најави депортирање на 2,6 милиони луѓе од Германија

Копретседателот на германската десничарска партија Алтернатива за Германија (AfD), Тино Чрупала, повика на враќање на до 2,6 милиони луѓе од Германија во нивните матични земји.

Копретседателот на АфД најави депортирање на 2,6 милиони луѓе од Германија

Според неговиот предлог, не само странските државјани кои се должни да ја напуштат земјата и странците осудени за кривични дела треба да ја напуштат земјата, туку и Сиријците, Авганистанците и Украинците, штом причините поради кои им е дадена заштита повеќе не постојат.

Чрупала го објасни своето барање во интервју за подкастот на Билд „Unter Zwei“, осврнувајќи се на можните политички промени во земјите од кои доаѓаат мигрантите, објави Берлинер Цајтунг.

Според него, ако војната во Украина заврши или безбедносната ситуација во Сирија и Авганистан се подобри до тој степен што меѓународната заштита повеќе не е потребна, луѓето од тие земји ќе мора да се вратат. „А тука зборуваме за 2,6 милиони луѓе“, рече Чрупала, објаснувајќи ја својата пресметка.

Универзитетски професор: Погрешни тврдења

Неговиот предлог е спротивен на ставот на неговиот партиски колега Максимилијан Крах, кој претходно предупреди на претерани очекувања кога станува збор за депортации. Крах верува дека враќањето на 200.000 луѓе би претставувало најголема операција од ваков вид во европската историја по Втората светска војна.

Тврдењата на Чрупала беа критикувани и од експертот за миграција Даниел Тим, професор на Универзитетот во Констанц, кој ги смета за погрешни.

Според Тим, лидерот на AfD создава впечаток дека милиони Украинци, Сиријци и Авганистанци би можеле да бидат депортирани масовно и за краток временски период од Германија. Сепак, такво нешто не е правно можно. Тим објаснува дека статусот на меѓународна заштита мора да се разгледува од случај до случај.

Иако околностите поради кои некому му е доделена заштита може да се променат, што може да ја доведе во прашање нејзината континуирана валидност, тоа не значи дека заштитата може автоматски да се одземе за сите граѓани на дадена земја. Затоа, Тим верува дека бројката од 2,6 милиони луѓе што ја споменува Чрупала е превисока.

Околу 259.000 луѓе имале обврска да ја напуштат Германија во средината на 2026 година

Според последните достапни податоци објавени од „Билд“, околу 259.000 луѓе во Германија имале обврска да ја напуштат земјата во средината на 2026 година. Станува збор за лица чии барања за азил се одбиени, кои повеќе немаат право да останат во Германија и кои се должни да ја напуштат нејзината територија.

Сепак, дури 77 проценти од нив имале статус на привремено одложување на депортацијата, што значи дека нивното присилно отстранување од земјата засега не е дозволено.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Серија инциденти на Мис Универзум: Мисица е отруена, друга паднала по скали, Бугарката имала тешка сообраќајка

Оваа година, повеќе од 100 претставнички отпатуваа во Сан Хуан, Порторико, каде што е во тек 75-от избор за Мис Универзум.

Серија инциденти на Мис Универзум: Мисица е отруена, друга паднала по скали, Бугарката имала тешка сообраќајка

Непосредно пред 75-от избор за Мис Универзум 2026 во Порторико (чие големо финале се одржува утре, 24 ноември), неколку натпреварувачки се соочија со сериозни здравствени проблеми и несреќи поради кои беа итно префрлени во болница.

Труење со храна на Мис Универзум

Најголемо внимание за време на подготовките во Сан Хуан привлече претставничката на Куба, Миа Дио, која се смета за една од главните фаворитки на натпреварот.

Неколку дена таа страдаше од сериозни проблеми со стомакот откако претрпе труење со храна, не сакајќи да ги пропушти своите обврски. Нејзината состојба одеднаш се влоши на 15 ноември до тој степен што повеќе не можеше да оди поради болката, па организаторите ја пренесоа итно во болница.

По добивањето на третман и еден ден одмор како што ѝ препорача нејзиниот лекар, таа се врати на натпреварот и учествуваше во финалните активности пред финалето.

Ана-Марија Бабау (Мис Бугарија) – тешка сообраќајна несреќа

21-годишната претставничка на Бугарија беше вклучена во тешка сообраќајна несреќа на почетокот на ноември, непосредно пред нејзиното планирано патување во Порторико.

Поради сериозноста на повредите и долгиот период на закрепнување, нејзината национална организација официјално потврди дека се повлекува од овогодинешниот натпревар.

Мелиса Нуњез (Мис Доминиканска Република) – несреќа пред заминување

На почетокот на ноември, претставничката на Доминиканската Република, исто така, беше вклучена во тешка сообраќајна несреќа.

Таа беше однесена во болница на итен третман и набљудување. По 48 часа под медицински надзор, нејзиниот лекар ѝ даде дозвола да патува и на 9 ноември, таа им се придружи на другите натпреварувачки во Сан Хуан.

Викторија Амерсон (Мис Австрија) – Падна по скалите

Порано овој месец, се појавија извештаи дека австриската претставничка била хоспитализирана по несреќен пад по скалите, што резултираше со внатрешни модринки.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Драма во Шпанија: Жена намамила маж во напуштена вила и 15 часа се изживувале врз него- полицијата пронашла страшни орудија

54-годишен маж е спасен од вила во Шпанија, каде што бил држен 15 часа, врзан за стол, тепан и измачуван. 

Драма во Шпанија: Жена намамила маж во напуштена вила и 15 часа се изживувале врз него- полицијата пронашла страшни орудија

Во стапицата го намамила жена за која мислел дека му е пријателка, а полицијата уапсила двајца осомничени.

Според соопштението на Шпанската цивилна гарда, мажот бил повикан од неговата сопруга да го земе во близина на Монтсерат, во регионот Валенсија, и го однел со автомобил до куќата каде што таа престојувала. Меѓутоа, кога пристигнал на договорената локација, ја нашол во друштво на друг маж, кого едвај го познавал.

Двајцата го замолиле да ги однесе со автомобил до вилата, не сомневајќи се дека возењето ќе се претвори во киднапирање.

Кога пристигнале на имотот, ги чекал трет маж. Жртвата набрзо сфатила дека паднал во стапица. Киднаперите го совладале, го врзале за стол со јажиња, го претепале и му се заканиле со голема мачета и друго остро оружје.

Според Цивилната гарда, мажот бил држен во заробеништво околу 15 часа, при што бил физички нападнат, лишен од сон и постојано му се заканувале со смрт.

Тој бил принуден да сними неколку видео пораки за своето семејство, во кои рекол дека е добро. На овој начин, киднаперите се обиделе да ги спречат неговите најблиски да се посомневаат дека нешто му се случило и да започнат потрага.

Сепак, мажот успеал накратко да контактира со своето семејство, да побара помош и да остави траги што ѝ овозможиле на полицијата да ја утврди неговата локација. Ова е оддалечена област на планината Монтсерат.

Откако биле пријавени, членовите на Цивилната гарда започнале потрага, ја лоцирале вилата и го ослободиле притворениот маж, кој претрпел повреди со различна тежина.

На местото на настанот биле уапсени две лица осомничени за киднапирање - 41-годишна жена и 54-годишен маж. За време на операцијата, полицијата запленила неколку големи сечила и други предмети за кои се сомнева дека биле користени за време на заробеништвото.

Уапсените се обвинети за незаконско лишување од слобода.

Според сегашните сознанија на истражителите, киднапирањето може да биде поврзано со претходен конфликт меѓу вклучените лица. Истрагата е во тек, а полицијата се обидува да го утврди точниот мотив за нападот и дали во злосторството биле вклучени повеќе лица.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер