Болеста на обвинетиот Филип Атанасов го одложи судењето за „Тортура“

Судењето за предметот на Специјалното јавно обвинителство „Тортура“ е одложено за 9 јули поради неприсуство на обвинетиот Филип Атанасов.

Неговиот адвокат Љупчо Шврговски достави писмена лекарска потврда од здравствената установа „Медикал сапорт“ со вчерашен датум во која пишува дека обвинетиот има висока температура и вироза.

Шврговски до Судот достави и медицинска потврда за третообвинетиот Новица Станковски, поради чија болест беше одложено минатото рочиште.

Судијката Александра Ристевска опомена дека ова ќе биде последно одложување и најави дека од наредното рочиште ќе ја раздвојува постапката доколку некој е болен затоа што, како што кажа, тоа е од интерес на обвинетите, оштетениот, обвинителите, бранителите и судиот.

Во „Тортура“ обвинети се поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешниот прв човек на единицата „Алфи" Ивица Антевски - Пуки и уште петмина припадници на единицата.

Специјалното јавно обвинителство ги гони за мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување, за начинот на лишување од слобода на лидерот на Обединети за Македонија и поранешен министер за внатрешни работи Љубе Бошковски, на 6 јуни 2011 година, ден по предвремените парламентарни избори. /МИА

Полска ја зајакнува границата кон Русија и Белорусија

Премиерот на Полска, Доналд Туск денеска изјави дека почна осовременувањето и утврдувањето на источна граница со Белорусија и Русија, за што се наменети 2,3 милијарди евра.

- Тој план за одбрана и одвраќање го нарековме „Штит на Истокот“ … кој ќе нè брани од потенцијалните напади од исток, но пред сè ќе има за цел да го одврати непријателот. Системот на утврдувања, зајакнување, модернизирањето на 400 километри од границата со Русија и Белорусија ќе биде фактор на одвраќање, стратегија да се избрка војната од нашата граница, истакна Туск.

Тој најави дека следната недела ќе објави нови мерки за спречување провокации, саботажи и диверзии во рамките на хибридните напади од Русија и од Белорусија.

Зборуваме за потребата да се изгради силна држава, отпорна на саботажи и саботажи. Полска ќе биде отпорна држава и безмилосна до болка кон секој што ќе се обиде да ја дестабилизира ситуацијата во нашата земја, наведе Туск. Претходната влада на конзервативната партија Право и правда на границата подигна ограда висока повеќе од пет метри за да ги запре мигрантите.

Полска без оглед кој е на власт тоа го третира како руски и белоруски хибриден напад и обид за префрлање на десетици илјади бегалци во Полска со цел да се дестабилизира земјата но и другите членки на Европска Унија./МИА

Евакуирани околу 10.000 луѓе од украинската област Харков

По копнениот напад на руската армија приближно 10.000 луѓе се евакуирани од областа Харков, североисточна Украина.

Гувернерот на Харков, Олег Синегубов наведе дека украинската армија одбила два обиди за пробивање на одбраната во текот на ноќта, но оти ситуацијата е „под контрола“.

Руските сили нападнаа неколку градови, вклучувајќи го и Вовчанск, на само пет километри од границата.

Во периодот од 9 до 15 мај руските сили зазедоа 278 квадратни километри украинска територија, што е најголем напредок од крајот на 2022 година./МИА

Лидерите на ВЛЕН на средба со Курти во Приштина

Додека завршуваат разговорите за формирање на новата влада во Скопје, денеска во Приштина се одржува средба меѓу лидерите на коалицијата ВЛЕН и премиерот на Косово, Албин Курти, најавија партиски извори.

Според овие извори, Арбен Таравари, Изет Меџити, Африм Гаши, Билал Касами и Беким Ќоку денеска во Владата на Косово биле примени од премиерот Курти.

Тема на разговорите, ќе биде соработката меѓу владата на Косово и новата влада во Македонија.

Извор: Лидери.мк

притисни ентер