Бојмацалиев:Граѓаните да пријават ако имаат какви било закани за нарушување на изборниот процес

Бојмацалиев соопшти дека финансиите за бонус плата се обезбедени и ќе бидат исплатени по завршување на техничката Влада, во износ од 36.000 денари. 

Одделенијата за внатрешни работи Неготино и Кавадарци се подготвени за изборите на осми мај, а граѓаните доколку имаат какви било закани за нарушување на изборниот процес, да пријават, истакна денеска дополнителниот заменик министер за внатрешни работи Митко Бојмацалиев, кој заедно со директорот на БЈБ, Сашо Тасевски, беше во работна посета на подрачјето на Секторот за внатрешни работи Велес.

Тие остварија средби со раководствата на одделенијата за внатрешни работи во Неготино и во Кавадарци, во рамки на серијата посети во сите сектори ширум земјава.

Од страна на раководството на овие организациски единици, потенцира Бојмацалиев, бил брифиран за постигнатите резултати во изминатите три месеци од оваа година, а ја оцениле и за поволна и безбедносната состојба.

Притоа, тој истакнал дека се подготвени за претседателските и парламентарните избори 2024, во насока на професионално извршување на своите надлежности.

- Им честитам на колегите од СВР Велес за одличната организација и координираност во врска со првиот круг од претседателските избори 2024 година, со уверување дека и во вториот круг од претседателските и парламентарните избори што ќе се одржат на осми мај, ќе продолжат со професионално извршување на полициските работни ангажмани, со цел гарантирање на демократски изборен процес. Уште еднаш македонската полиција да покаже и докаже на дело дека е тука за граѓаните слободно да го искажат својот глас, без притисоци и уцени од кого било подвлече Бојмацалиев.

Во одредени сектори, додаде, според сознанијата на оперативниот штаб на МВР, ќе биде направена реорганизација со зголемено присуство на полицијата, на тие места на денот на изборите.

Бојмацалиев соопшти дека финансиите за бонус плата се обезбедени и ќе бидат исплатени по завршување на техничката Влада, во износ од 36.000 денари.

- Секоја година со покачување на минималната плата, се покачуваше и платата во полицијата, годинава не е покачена заради распишаните избори, но во кординациија со Македонскиот полициски синдикат, потпишани се сите документи, кога има законска можност платата на вработените во полиција ќе се покачи за 10 отсто. Со тоа покачување и покачувањата од периодот 2017 до 2023 година од 35 отсто, вкупно покачувањето ќе биде 45 проценти, истакна тој.

Дејвид Коперфилд обвинет за сексуална злоупотреба од повеќе жени

Повеќе жени го обвинија американскиот илузионист Дејвид Коперфилд за сексуална злоупотреба. Настаните се случувале во распон од неколку десетлетија, објави британски „Гардијан“.

Од 16 жени, некои биле и помлади од 18 години кога наводно се случило она што го тврдат. Коперфилд беше обвинет за недолично однесување и во 2018 година, кога жена по име Бритни Луис тврдеше дека тој ја дрогирал и сексуално ја нападнал три децении претходно. Натаму, три жени тврдат дека Коперфилд ги дрогирал пред секс. Настаните, според можните жртви, го опфаќаат периодот од доцните 1980-ти до 2014 година.

Коперфилд (67) одрекува каква било злоупотреба и „никогаш не постапувал несоодветно кон никого, а не пак, кон малолетник“, нагласуваат неговите адвокати.

Коперфилд претходно беше „под лупа“ и поради неговите врски со обвинетиот сексуален подведувач Џефри Епстин, кој почина во затвор во 2019 година.

„Нашиот клиент не беше свесен за грозоморните злосторства на Епстин... Како и остатокот од светот, и тој дозна за тоа од печатот“, тврдат адвокатите на Коперфилд.

Друга жена, која доби псевдоним во печатот, сведочи дека го запознала илузионистот по еден негов настап, кога имала 15 години. Таа раскажува дека следниве години, тој ѝ се јавувал доцна во ноќта и ѝ испраќал подароци, а кога наполнила 18 години, вели, двајцата имале консензуални односи.

САД одобрија потенцијална продажба на воена опрема на Украина во вредност од 100 милиони долари

Стејт департмент одобри потенцијална продажба на американска воена опрема за Украина во вредност од 100 милиони долари, соопшти Пентагон.

Во соопштението се истакнува дека Стејт департментот и одобрил на Украина потенцијалната продажба на опрема за копнено надгледување од НАТО, како и за поддршка и друга опрема за таа програма во висина од 250,2 милиони американски долари.

Главен продавач на воена опрема ќе биде американската одбранбена компанија „Нортроп Граман“ (Nortrop Graman).

Едвардс: Тренерот ми рече да бидам агресивен, иако ме удвојуваа

Кошаркарите на Минесота Тимбервулвс веќе се гледаа во финалето на Западната конференција од НБА плеј-офот кога двапати го совладаа Денвер како гости. 

А потоа, седум дена подоцна, беа отпишани кога загубија три натпревари по ред од актуелниот шампион. Сега убедливо ги совладаа Никола Јокиќ и другарите и изборија „мајсторка“.

Минесота победи со 115:70 и стигнаа до седми меч од серијата, а најзаслужни за овој успех беа младите кошаркари Ентони Едвардс и Џејден МекДаниелс.

-Џејден беше наш водач денес. Претходно кажав дека сите во нашиот тим се лидери, а Џејден беше лидер вечерва. Тој исчекори во преден план. Тренерот Финч беше одличен и ми рече утрото пред натпреварот да најдам начин да бидам агресивен иако ме удвојуваа. Тоа го правеше и Феникс, па секако бев агресивен. Само размислував за тоа, изјави Ентони Едвардс по натпреварот.

Навивачите на Минесота беа загрижени за една ситуација во која Едвардс имаше болен пад, но на прашањето дали ќе игра во натпреварот број 7, поранешниот број 1 на НБА драфтот не остави простор за сомнеж.

- Дефинитивно ќе бидам подготвен за недела, изјави тој.

Седмиот, решавачки натпревар од серијата, е закажан за в недела на 19 мај во 22 часот по наше време.

притисни ентер