Богоев: Денот на Царината одбележан со високи резултати

Денот на Царината одбележан со високи резултати во приходите, сузбивање криминал и реформски процеси.

Приходите на Царината во 2023 година растат по секој основ, бројот на случаи на заплени е зголемен за 30 проценти, на кривичните пријави за 60 проценти, а инвеститорите во нас препознаа доверлив партнер и јавно нѐ издвоија како институција, од чија работа се најмногу задоволни, оценил директорот на Царинската управа, Стефан Богоев, на денешниот настан по повод одбележување 32 години од нејзиното основање.

- Резултатите се доказ за нашата посветеност, што ќе продолжи и натаму со уште поголем елан, бидејќи само така ќе одиме напред и ќе овозможиме забрзан економски раст и подобра иднина за нашите граѓани. Целта ни е повисоки приходи во Буџетот, односно повеќе пари за училишта, здравство и патишта, зајакнување на конкурентноста на македонското стопанство преку олеснување и забрзување на трговијата и сузбивање на корупцијата и криминалот, пишува во писмената изјава на Богоев, што ја пренесува Царинската управа.

Директорот потенцирал дека подобрените резултати се соодветно вреднувани со потпишување колективен договор, со што се подобрени условите за работа, а платите се зголемени за 43 проценти, се додава во соопштението, до јуни царинските службеници ќе добијат и нови униформи со што достојно треба да ја претставуваат Царината, а обезбедени биле и нови простории.

Како што информирал Богоев, во претстојниот период следува реализација на нови развојни проекти од што бенефит ќе имаат сите македонски компании, а управата посветено работи на реформи и имплементација на напредни ИТ системи, со цел забрзана интеграција со единствениот пазар на ЕУ и влез во Унијата.

Министерот за финансии Фатмир Бесими го честитал 32-годишното постоење на Царинската управа, посочувајќи оти таа е чувар на финансиските интереси на државата, игра значајна улога во остварување на економските приоритети што обезбедуваат одржлив економски раст, повисок животен стандард и квалитет на животот на граѓаните.

- Оттука, градењето современа царинска служба и понатамошно забрзување, олеснување и дигитализација на царинските постапки, значи брза и сигурна размена на стоки, услуги и капитал и олеснување на условите за водење бизнис. Во таа насока, клучно е да останеме на цврстата посветеност на спроведување на реформите и на тој начин, да бидеме подготвени и на предизвиците наметнати од брзата глобализација на трговијата, се истакнува во писмената изјава на Бесими.

Како што пишува во соопштението, по повод одбележување на Денот на Царината - 14 април, биле доделени и плакети за ТАВ аеродроми и за Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор. Богоев во име на Управата, доделил и признанија за успешна работа на царинските службеници.

Познато е зошто се урна тераса во Мајорка, кога загинаа 4 лица и најмалку 20 беа повредени

Уривањето на тераса на плажа на познатиот шпански остров Мајорка, каде четири лица загинаа, а најмалку 20 се повредени, според експертите е работа на момент.

Уривањето на тераса на плажа на познатиот шпански остров Мајорка, каде четири лица загинаа, а најмалку 20 се повредени, според експертите е работа на момент, со оглед дека нејзината изградба била незаконска и дека просторот никогаш не бил планиран да се користи на овој начин.

Имено, терасата изградена во рамките на „Meduza Beach Club“ ја немала потребната градежна дозвола, како и соодветна контрола, што значи дека се работи за дивоградба.

Техничарите испратени на терен од шпанскиот суд заклучиле дека колапсот е предизвикан од преоптоварување. Посочија и дека ресторанот на приземје и подрумската дискотека Коко Рико ги имале потребните дозволи.

Менаџерот на „Медуза бич клуб“ сега се соочува со обвиненија за убиство од небрежност, нанесување телесни повреди со различна тежина и кршење на градежните и безбедносните прописи.

Во записникот јасно стои дека терасата немала одобрение за градба, па затоа сите активности на неа биле недозволиви. Според извештајот од градежниот инспекциски надзор, овој простор во 2017 година бил класифициран како непристапен.

За потсетување, во четвртокот околу 20:30 часот се урна терасата на првиот кат од објектот „Медуза“.

Нови разорни бури и торнада во делови од САД- во претходниот налет загинаа 20 лица

Во текот на претходниот викенд, централниот и југоисточниот дел на САД беа погодени од бран разорни бури и торнада.

Најпогодени се Оклахома, Арканзас, Тексас и Кентаки.

Уништени се стотици објакти. За жал, загинаа најмалку 20 луѓе.

Во овој момент, нова серија разорни бури се формираат над средните делови на САД, особено над Оклахома и Тексас.

Торнада се очекуваат и во текот на денот во јужните и источните делови на Оклахома и североисточниот дел на Тексас, а најголема опасност има во пограничната област на овие сојузни држави.

Сирените веќе се огласија во многу населби поради заканата од торнада.

Овој моќен систем со грмотевици ќе помине и над Далас, во поширокото подрачје со закана од торнада.

Дејвид Бекам стана заштитно лице на кинеската компанија Али Експрес пред почетокот на Еврото

Дејвид Бекам се потпиша како главен амбасадор на AliExpress, онлајн платформата за малопродажба во сопственост на кинескиот технолошки гигант Alibaba.

Соопштението доаѓа во пресрет на почетокот на Европското фудбалско првенство кое започнува следниот месец.

Компанијата не откри колку му плаќа на поранешниот капитен на Англија.

Во март, AliExpress договори ексклузивно партнерство со платформата за е-трговија со европското фудбалско тело УЕФА. Според договорот, фудбалската суперѕвезда која стана претприемач ќе биде заштитно лице на промоцијата Score More на AliExpress, која ќе се одвива за време на натпреварите, пренесува Ројтерс.

- AliExpress им помага на навивачите уште поблиску до УЕФА ЕУРО 2024 ова лето, нудејќи им големи награди додека акцијата се одвива на теренот - рече Дејвид Бекам.

AliExpress им се придружува на другите големи кинески компании кои исто така направија слични спонзорства, вклучувајќи го производителот на електрични возила BID и електронскиот гигант Vivo.

Инаку, откако ги остави настрана копачките пред повеќе од една деценија, Бекам се поврзува со многу брендови и големи спортски настани.

Според УЕФА, Евро 2020 имаше вкупна глобална телевизиска публика во живо од 5,2 милијарди. Финалето кое Англија го загуби на пенали, според објавата го гледале 328 милиони луѓе.

притисни ентер