Блинкен во Тел Авив на средби со претставници на израелската опозиција

Toа е осма регионална турнеја на Блинкен од почетокот на војната на палестинската територија.

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска ќе разговара со водечките претставници на израелската опозиција во рамките на неговата турнеја на Блискиот Исток, чија цел е да го брани планот за примирје во Појасот Газа поддржан од Советот за безбедност на ОН.

По неговите вчерашни средби со израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и министерот за одбрана Јоав Галант, шефот на американската дипломатија утрово во Тел Авив ќе разговара со Бени Ганц (кој поднесе оставка како член на израелскиот воен кабинет), а потоа и со лидерот на опозицијата Јаир Лапид, по што ќе отпатува за Јордан.

Toа е осма регионална турнеја на Блинкен од почетокот на војната на палестинската територија. Пред Израел, тој го посети Египет и разговараше со претседателот Абдел Фатах ал Сиси. /МИА

Англичаните ќе добијат бонус од 9.6 милиони фунти за европска титула

Англиските репрезентативци ќе добијат бонус од 9,6 милиони фунти доколку ја освојат титулата на Европското фудбалско првенство кое се одржува во Германија.

Информацијата денеска ја објави лондонски „Сан“.

Според истиот извор, селекторот на Англија, Герет Саутгејт, наводно ќе добие бонус од четири милиони фунти доколку неговите избраници ја освојат титулата на ЕВРО2024.

Англија вечерва го почнува настапот на ЕВРО2024 против Србија.

Избраниците на Саутгејт на 20 јуни ќе играат со Данска, а на 25 јуни со Словенија.

Сиљановска Давкова на Самитот за мир: Компромисите можат да го компромитираат европскиот мир

Компромисите со меѓународното право и принципи можат да го компромитираат европскиот и светскиот мир

Претседателката Гордана Сиљановска Давкова денеска се обрати на пленарната сесија на Самитот за мир во Украина, што викендов се одржува во Бургеншток на езерото Луцерн во Швајцарија.

Во обраќањето претседателката оцени дека тековната војна во Украина нè засега сите нас, земјата е изложена на огромно човечко страдање и уништување, безбедносната архитектура на Европа е под закана, а на глобално ниво животите на милиони луѓе се засегнати од тешките економски последици.

„На најсилен можен начин ја осудуваме неиспровоцираната и неоправдана агресивна војна на Русија и ја поддржуваме Украина на најдобар начин, дури и повеќе од она што го дозволуваат нашите ограничени капацитети, ресурси“, рече претседателката Сиљановска Давкова.

Нашата држава, посочи претседателката, се приклучи кон Кримската платформа и целосно се усогласи со Заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, а Украина беше главен приоритет за време на македонското претседавање со ОБСЕ во 2023 година.

На хуманитарен план, рече претседателката, се приклучивме на меѓународната коалиција за враќање на украинските деца и обезбедивме цивилна поддршка и итна помош за Украина и за украинските бегалци. Како поддршка на евроатлантските аспирации на Украина, посочи претседателката, испративме воена опрема преку Пакетот за сеопфатна помош на НАТО.

„Како суверена нација, само Украина може да одлучи за својата иднина. Од Украина зависи кога и како ќе ја ангажира Русија за евентуално усогласено решение. Праведниот мир мора да биде вкоренет во принципите на Повелбата на ОН за суверенитет и територијален интегритет. Обидот на Русија да стекне територија со сила е флагрантно кршење на овие основни начела. Кога опасните преседани остануваат неоспорени, тие можат да се претворат во толерирани практики. Компромисите со меѓународното право и принципи можат да го компромитираат европскиот, па дури и светскиот мир и безбедноста. Единствениот начин да се избегне ова е да се почитува Повелбата на ОН и принципите на меѓународното право, без исклучок“, рече претседателката Сиљановска Давкова, истакнувајќи дека воздржувањето од употреба на сила, почитувањето на суверенитетот, територијалниот интегритет и неповредливоста на границите, и заштитата на човековите права и основните слободи, се цврсти принципи за кои не може да се преговара.

Во обраќањето претседателката Сиљановска Давкова рече дека додека се развива рамката за иден мировен договор, ќе продолжиме да ја поддржуваме слободна, независна, демократска и суверена Украина.

Кулеба: Во нацрт-изјавата од самитот во Швајцарија беа земени предвид ставовите на Украина

Украинскиот министер за надворешни работи Дмитро Кулеба денеска изјави дека ставовите на Киев биле земени предвид во завршното соопштение од самитот за мирот во Украина, што се одржа вчера и денеска во Швајцарија.

Кулеба во Бургеншток им изјави на новинарите дека изјавата е „балансирана“, според британските медиуми.

Украинскиот министер додаде дека на овој дводневен настан не се разговарало за алтернативни планови за мир.

притисни ентер