Битиќи и Деспотовски: Kреираме развој со поддршка на инвестиции

Можностите за инвестиции и поддршка од државата особено за домашните компании, идни мерки како и презентација на примери на македонски компании .

Можностите за инвестиции и поддршка од државата особено за домашните компании, идни мерки како и презентација на примери на македонски компании кои со поддршката од државата градат успешни приказни беше во фокусот на денешната панел дискусија посветена на економијата и инвестициите. Настанот го организираа заменик на претседателот на Владата на Република Северна Македонија, задолжен за економски прашања и за координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи и директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски, а на панелот учествува и стопанственици и поранешниот премиер Димитар Ковачевски. Заменик-премиерот Битиќи нагласи дека за првпат домашните компании имаат поголема финансиска поддршка споредено со странските инвеститори, како и дека поддршката во последниве шест години е порасната за речиси 13 пати.

„Со гордост можам да кажам дека нашите напори во поддршка на домашните компании преку Законот за финансиска поддршка на инвестиции покажуваат конкретни резултати. Прво што направивме е изедначување на условите за финансиска поддршка на домашните со странските компании. Од нула поддржани компании во 2016 година до 919 денес, нашата заложба за економски развој и иновации станува реалност. За шест години, Владата ги има поддржано со околу 100 милиони евра за нивните инвестиции кои се над 500 милиони евра".

Овој панел на кој учествуваа и стопанственици и експерти, стави акцент на синергијата меѓу Владата и приватниот сектор за стимулирање на економскиот раст. Учесниците имаа ретка шанса не само да се запознаат со најновите трендови во инвестициите, туку и активно да учествуваат во креирањето на стратегија за иднината на македонската економија.

Директорот на ТИРЗ, Јован Деспотовски посочи дека само во ТИРЗ во последниве три години се постигнати договори во вредност од една милијарда евра што е еднакво на нивото на инвестиции во ТИРЗ од 2006 до 2020 година.

„Покажавме дека знаеме и дека можеме. Од револуционерни до стратешки инвестиции, одново и одново докажавме дека не само што ја разбираме играта, туку и одлично ја играме постојано, не само на полувреме. Почнавме да играме и во европска и светска лига, со Јагео, Гересхајмер и други, а имаме и многу домашни успешни приказни“.

Сања Лазаревска сопственичка на компанијата Фор Лејди и Филип Арсов, ко-сопственик на Синапс Авиејшн ги споделија своите успеси и предизвици, давајќи увид во реалното влијание на владините политики врз домашните компании. И двајцата посочија дека програмите за поддршка на домашните компании им помогнале во реализација на плановите и развој на компаниите.

Поранешниот премиер Ковачевски истакна дека - „економската стабилност и поддршката на инвестициите секогаш беа на врвот на нашите приоритети, и денес можеме да ги видиме плодовите од тие напори“.

„Владата која ја предводев вложи значителни ресурси во приватниот сектор, што овозможи раст на инвестициите и зголемување на платите, дури и во време на големи предизвици. Поставивме таргет за 500 вера просечна плата, денеска е 650 евра или 290 евра повеќе од времето пред 2017 година. Нашата евроатлантска ориентација донесе највисоко ниво странски директни инвестиции од 754 милиони евра затоа што инвеститорите сакаат стабилен и безбеден амбиент за вложувања. Можностите за развој на компаниите ќе се зголемат уште повеќе со членството на Македонија во ЕУ и затоа е важно да се продолжи европскиот пат. Овој пат носи подобар животен стандард за граѓаните, подобра работа за компаниите, дополнителни фондови за развој на нашата економија. Има уште многу што да се сработи“.

На оваа панел дискусија стопанствениците дадоа свои предлози за идни мерки кои им се потребни на домашните компании, како и конкретните чекори што треба да се преземат за да се осигура одржлива економска иднина за земјата, соопштуваат од Владата.

ЕУ ги продолжи санкциите против одговорните за поткопување на Молдавија и Мјанмар

Санкциите поврзани со Молдавија, со кои во моментов се опфатени 11 физички лица и еден субјект, се продолжени до 29 април 2025 година.

Советот на ЕУ донесе одлука за продолжување за една година на режимите на рестриктивни мерки кон физички и правни лица одговорни за активности насочени кон дестабилизација, поткопување или загрозување на суверенитетот и независноста на Молдавија и кон поткопување на демократијата и сериозни кршења на човековите права во Мјанмар.

Санкциите поврзани со Молдавија, со кои во моментов се опфатени 11 физички лица и еден субјект, се продолжени до 29 април 2025 година. Рестриктивните мерки поврзани со Мјанмар, кои се продолжени до 30 април 2025 година, во моментов важат за вкупно 103 физички лица и 21 субјект.

На физичките и правните лица опфатени со санкциите им се замрзнува имотот и на субјекти од ЕУ им е забрането директно или индиректно да им доставуваат средства на располагање или да им овозможуваат пристап до економските ресурси. Дополнително на поединците подложни на санкциите им е забранет влез и транзит низ територијата на ЕУ.

Со санкциите за Мјанмар се воведува и ембарго за извоз на оружје, опрема за следење на комуникациите што може да се користи за внатрешна репресија и на стоки за двојна употреба на мјанмарската армија и граничната полиција, како и забрана за воена обука и соработка со Вооружените сили на земјата. Со рестриктивните мерки, исто така, се замрзнува финансиска помош и поддршка од ЕУ за мјанмарската Воена хунта, што би можеле да се сметаат за нејзино легитимирање.

Во заклучоците од Самитот на ЕУ одржан на 21 и 22 март, европските лидери ја реафирмира својата посветеност да ја обезбеди сета релевантна поддршка на Молдавија за справување со предизвиците предизвикани од руската агресија врз Украина и за зајакнување на отпорноста, безбедноста и стабилноста на земјата од дестабилизирачките активности на Русија и нејзините сателити. Режимот на рестриктивните мерки на ЕУ насочени кон лица одговорни за поддршка или спроведување активности за поткопување или загрозување на суверенитетот, независноста, демократијата, владеењето на правото, стабилноста или безбедноста на Молдавија беше воведен лани во април. Дополнително, на Самитот на ЕУ на 14 декември минатата година беше донесена одлука за старт на преговорите за членство со Молдавија. Земјата доби статус на земја на кандидат за членство во ЕУ на 23 јуни 2022 година.

ЕУ ги воведе првите рестриктивни мерки поврзани со Мјанмар на 22 април 2013 година. Дополнително санкциите беа проширувани по воениот удар од 1 февруари 2021 година и континуираната воена и полициска репресија во следните години. Со одлуката за ново продолжување на овие санкции, ЕУ ја реафирмира својата најсилна осуда на воениот удар во Мјанмар и неговите последици и ја изразува својата длабоко загриженост поради континуираната ескалација на насилството и конфликтот во земјата, проследени со репресивни неселективни акции од страна на армијата врз населението, со сериозно кршење на основните човекови права и со непочитување на принципите на правдата и хуманоста. ЕУ ја потврдува својата непоколеблива посветеност на потрагата на народот на Мјанмар за слободна, мирна и демократска иднина, посочува ЕК.

НБА: Минесота прв пат во историјата поведе со 3-0 во плејофот

 Минесота го совлада синоќа Феникс на гостински терен со 126:109 во третиот натпревар од плејофот на Западната конференција во НБА лигата и прв пат во историјата на франшизата поведе со 3:0 во серијата до четири победи.

Ентони Едвардс ја предводеше Минесота со 36 поени и девет скокови, Руди Гоберт додаде 19 поени и 14 скокови, а Карл-Ентони Таунс со заврши натпреварот со 18 поени и 13 скока.

Најефикасен во редовите на Феникс беше Бредли Бил со 28 поени.

Четвртиот натпревар е на програмата в недела вечер во Феникс.

Ниту еден тим во историјата на плејофот во НБА лигата не успеал да надомести негатива од 0-3 во серијата до четири победи.

Феникс имаше ефект од 3-0 во победи против Минесота во регуларниот дел од сезоната со просечна разлика од 15.7 поени.

ССМ ги повикува работниците на протест по повод Меѓународниот ден на трудот 1 Мај

 Сојузот на синдикатите на Македонија организира протест  по повод Меѓународниот ден на трудот 1 мај. 

Претседателот на ССМ Слободан Трендафилов во отворено писмо до јавноста посочува дека работничкото движење во Македонија е исправено пред сериозен предизвик поради, како што наведува, односот на креаторите на политиките кои покажаа дека водат грижа исклучиво за себе и за своите интереси, а не водат грижа за работниците, работничките права и работничките интереси.

- Денеска, работниците во Македонија се соочуваат со се поголем притисок за нивната егзистенција поради високите трошоци за живот и ниските плати. Синдикатите покажаа дека можат напорно да работат во интерес на нивните членови и во интерес на работниците. Синдикатите покажаа дека секој сам може да постигне резултат, но имаме можност сплотени да покажеме одлучност во работничката борба, онака како што вашите и нашите членови очекуваат и онака како што работниците очекуваат од нас, наведува тој во писмото повикувајќи го членството на протест.

Трендафилов посочува дека на 1 мај работниците имаат можност и шанса да покажат дека се незадоволни и дека сите тие кои претендираат да ја водат државата треба да го слушнат гласот на работниците.

-Имаме можност да го покажеме нашето, работничкото незадоволство и заедно да излеземе на голем работнички протест на 1 Мај, особено поради можноста, пораките, нашите и работничките барања да ги упатиме на неколку денови пред парламентарните избори до сите тие кои претендираат да ја водат Државата. Како Претседател на Сојузот на синдикатите на Македонија ве замолувам да покажеме одлучност во борбата, борбата која е заедничка, за подобро утре и за подобри работнички права, наведува Трендафилов.

На протестот очекува на ССМ да му се придружат и членови на други синдикати и граѓани.

На Меѓународниот ден на трудот - 1 Мај, протестот ќе започне во 11 часот од пред Работничкиот дом до Собрание - Стопанска комора - Влада.

притисни ентер