Белгија става крај на уверенијата за невиност на жените - Канал 5

Белгија става крај на уверенијата за невиност на жените

По препораката на Светската здравствена организација (СЗО) издадена во октомври 2018 година, Белгија конечно им стави крај на тестовите и уверенијата за невиност на жените.

Белгија става крај на уверенијата за невиност на жените

Тестовите за невиност традиционално се практикуваат во повеќе земји во светот, меѓу нив Мароко, Авганистан, Јужна Африка, Либија, но и Северна Ирска и Велика Британија се места каде таа пракса одамна постои. Белгија, Канада, Холандија, Шпанија и Шведска, иако немаат таква традиција бележат зголемување на барања за вакви уверенија во последните 100 години, како резултат на трендовите на глобализација, смета СЗО, која бара да им се стави крај.

Националниот медицински совет на Белгија одлучи на 16 февруари дека лекарите во земјата треба да престанат со оваа пракса и дека не постои никакво оправдување да се бара уверение за невиност.

-Нема никаква медицинска или научна смисла да се практикува овој тест, притоа станува збор за тестови кои најчесто ги бара трето лице, а од етичка гледна точка сметаме дека секое лице слободно располага со своето тело и право што сака од својата сексуалност, објаснува гинекологот Мартин Каје.

Според белгискиот национален медицински совет, тестови за невиност можат да бидат перципирани како агресија врз жените и подразбираат дискриминација во однос на мажите, за кои не постојат слични испитувања.

-Станува збор за бескорисен тест од здравствена точка, без никаква научна релевантност, а со тешки последици за благосостојбата на пациентката, велат од Советот.

Советот бара од своите членови да одбиваат да ги практикуваат овие тестови и да не издаваат такви уверенија доколку се побараат од нив.

Лекарите потсетуваат дека овие тестови не треба да се поистоветуваат со вештачењата врз пациентки жртви на сексуално насилство, кои се сосема различен вид испитувања и мораат да се одвиваат во услови на почитување на жртвата од страна на добро обучени специјалисти.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Сан Сиро заминува во историја: Интер и Милан го претставија новиот стадион

Италијанските фудбалски гиганти Интер и Милан го претставија изгледот на новиот заеднички стадион, кој ќе го замени познатиот Сан Сиро и ќе стане нивен дом од сезоната 2031/2032.

Сан Сиро заминува во историја: Интер и Милан го претставија новиот стадион

Новиот објект ќе го носи името „Стадион Џенерали“ (Generali Stadium), според компанијата што ги обезбеди правата за спонзорство, а проектот ќе чини дури 1,2 милијарди евра.

Новиот стадион ќе има капацитет од 71.500 седишта, што е малку помалку од сегашниот „Сан Сиро“, кој може да прими околу 75.000 гледачи.

Сепак, архитектонското решение е осмислено така што на навивачите ќе им овозможи уште поинтензивно доживување на натпреварите, како и атмосферата по која е познат фудбалот во Милано.

Проектот е претставен од реномираниот архитект Норман Фостер и експертот за стадиони Дејвид Маника. Идејата е трибините да бидат што е можно поблиску до теренот, а особено впечатлив е нагибот од 37 степени зад головите, што дополнително ќе го засили чувството на блискост со играчите.

„Најважното нешто што го сфативме за време на процесот на проектирање е дека ’Сан Сиро‘ е чувство. Тоа е многу повеќе од обична градба. Сè што направивме беше насочено кон пренесување на тоа чувство на новиот стадион“, изјави Маника.

Посебно внимание е посветено на акустиката. Покривот ќе ги покрива трибините, додека теренот ќе остане отворен, а конструкцијата ќе биде дизајнирана така што ќе го засилува хукот на навивачите и ќе создава атмосфера што потсетува на онаа по која „Сан Сиро“ е познат со децении.

„Сакам навивачите да дојдат на новиот стадион и повторно да ја почувствуваат истата возбуда, да почувствуваат дека објектот живее и дише заедно со нив, исто како што е случајот и денес“, додаде Маника.

Новиот дом на ривалите од Милано нема да биде наменет исклучиво за фудбал. На стадионот ќе може да се организираат натпревари во американски фудбал, рагби, како и големи музички концерти.

YouTube video

Интер и Милан издвоија 197 милиони евра за купување на постоечкиот стадион и земјиштето околу него. Предвидено е изградбата на новиот објект да започне во 2028 година, а вкупната инвестиција ќе изнесува 1,2 милијарди евра.

Овие работи ќе го означат крајот на една голема ера на европскиот фудбал. „Сан Сиро“, познат и како стадионот „Џузепе Меаца“, е отворен во 1926 година и во текот на речиси еден век бил поприште на бројни историски натпревари.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Министерство за енергетика: Повеќе од двојно зголемена наплата од концесии, 53 раскинати договори и зајакнат инспекциски капацитет

Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини презема конкретни мерки за повисоко вреднување на природните ресурси, доследно исполнување на концесиските обврски и поефикасен надзор во рударството.

Министерство за енергетика: Повеќе од двојно зголемена наплата од концесии, 53 раскинати договори и зајакнат инспекциски капацитет

Зголемени се концесиските надоместоци, наплатата во 2025 година надмина 1,2 милијарди денари, евидентирани се 53 раскинати концесиски договори, а во 2026 година инспекцискиот капацитет е зајакнат со тројца дополнителни инспектори.

Со новиот Тарифник, во примена од 1 јануари 2025 година, кај металичните минерални суровини концесискиот надоместок е зголемен од 2% на 4%, а кај мермерот од 1% на 5%. Со овие измени се зголемува финансиската обврска на концесионерите за користењето на природните ресурси, како и придонесот што државата го остварува од нивната експлоатација.

Вкупната наплата од концесиски надоместоци во 2024 година изнесувала околу 561,5 милиони денари, а во 2025 година достигнала околу 1,222 милијарди денари. Тоа претставува зголемување од повеќе од 660 милиони денари, независно од даноците и придонесите што компаниите ги плаќаат по други основи.

Паралелно со подобрената наплата, Министерството постапува и во однос на концесиските договори. Растот на наплатата произлегува од повисоките надоместоци, засилените теренски проверки, писмените опомени и поодлучното постапување кон концесионерите што не ги исполнуваат обврските. Раскинувањето на договорите и зајакнувањето на инспекцискиот надзор се дел од пристапот во кој концесијата подразбира јасни обврски, а плаќањето надоместок не ги ослободува операторите од исполнување на техничките услови и обврските за заштита на животната средина.

За долгорочно и системско уредување на секторот е донесена Стратегијата за геолошки истражувања и одржливо искористување и експлоатација на минералните суровини за периодот 2026–2046 година, со експертски придонес од МАНУ, а за документот е спроведена стратегиска оцена на влијанието врз животната средина и јавна расправа. Стратегијата ги поврзува економските цели со заштитата на животната средина и социјалните аспекти, а содржи и акциски план за периодот 2026–2030 година. Таа обезбедува рамка за планирање, спроведување и следење на мерките за развој на секторот.

Министерството работи и на нови законски решенија во областа на рударството и геологијата. Предложената рамка предвидува финансиско покритие од 100% на проценетите трошоци утврдени со соодветниот план за управување со рударски отпад и поврзаните обврски. Со тоа, наместо сегашниот модел во кој гаранцијата изнесува околу една третина од проценетите трошоци, финансиската обезбеденост би била приближно трипати построга. Целта е да се зајакне финансиската одговорност на операторите и навреме да се обезбедат средства за санација, рекултивација и обврските по затворањето на рударските капацитети.

Во подготовката на законските решенија беше овозможено учество на јавноста преку ЕНЕР, вклучително и на експерти, општини, компании, граѓански организации и поединци. На веб-страницата на Министерството се објавени регистри на концесиски договори, список на одземени концесии, како и регистри на овластувања и лиценци за рударски проекти и геолошка документација. Објавувањето на овие документи овозможува проверка на конкретни информации и придонесува за поголема транспарентност во секторот.

Минералните суровини имаат потенцијал да поттикнат инвестиции, отворање работни места и развој на домашната економија. Сепак, економскиот потенцијал на одреден проект не ги заменува законските услови за негово одобрување и реализација. Секој проект мора да се разгледува и од аспект на влијанијата врз водата, почвата, воздухот, здравјето на луѓето, земјоделството и другите дејности во засегнатото подрачје.

Потребно е јасно да се разликуваат геолошкото истражување, просторниот план, концесијата и дозволата за експлоатација, бидејќи секој од овие инструменти има различна правна функција. Наведувањето минерално наоѓалиште или рударска намена во плански документ само по себе не претставува дозвола за отворање рудник. Исто така, концесијата не ги заменува другите задолжителни постапки, еколошки акти и одобренија.

Министерството постапува во рамките на своите законски надлежности, додека постапките за заштита на животната средина се водат пред надлежните органи за животната средина. Надзорот го вршат два посебни инспекциски органи, секој во рамки на своите надлежности: Државниот инспекторат за енергетика, рударство и минерални суровини (рударски, геолошки и технички прописи) и Државниот инспекторат за животна средина (заштита на животната средина). Кадровското зајакнување на првиот ќе продолжи. Секоја институција е одговорна за законитоста, утврдените услови и образложението на актите што ги донесува. Прашањата на граѓаните поврзани со водоснабдувањето, земјоделството, отпадот и локалниот развој заслужуваат сериозен третман и конкретни, проверливи одговори.

Министерството укажува дека партизацијата на ова прашање и ширењето површни или непроверени информации ја отежнуваат информираната јавна расправа. Поистоветувањето на плански документ со дозвола за отворање рудник е правно погрешно и создава неоправдан страв кај граѓаните. Политичките партии, вклучително и опозицијата, имаат одговорност своите ставови да ги темелат на документи и проверливи факти, а не на селективно избрани податоци и политички квалификации. Користењето на загриженоста на граѓаните за придобивање гласачи, наместо за разјаснување на фактите, претставува злоупотреба на тема од сериозен јавен интерес.

Граѓаните имаат право да очекуваат одлуките да се носат врз основа на закон, стручна оценка и јасно утврдени услови. Секоја постапка во надлежност на Министерството ќе се води согласно важечките законски прописи и применливите европски стандарди за заштита на животната средина и безбедност. Министерството нема да носи одлуки ниту по налог на инвеститор, ниту под политички притисок, туку исклучиво согласно закон и во јавен интерес. Министерството останува отворено за комуникација со граѓаните, локалните заедници, стручната јавност и граѓанските организации и ќе продолжи да дава конкретни одговори во рамките на своите надлежности.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

ВМРО-ДПМНЕ: Филипче и Заев соработуваа со луѓе на Вучиќ и во владата за советници вдомуваа негови блиски луѓе од СНС

Венко Филипче и Зоран Заев, по нивниот пример како неразделни другари, си земаа и советници од партијата СНС, на нивниот другар Александар Вучиќ.

ВМРО-ДПМНЕ: Филипче и Заев соработуваа со луѓе на Вучиќ и во владата за советници вдомуваа негови блиски луѓе од СНС

Александар Обрадовиќ и Зоран Башановиќ како олицетворение на Вучиќ, од кој СДС и Филипче, по поразот на изборите, сакаат да се дистанцираат и од него бегаат како ѓавол од темјан, си ги вдомија во владата.

Обрадовиќ, иако балкански мешетар, беше ангажиран како советник на Зоран Заев, кој потоа дури сакаше да го постави и за директор на ЕЛЕМ. Благодарение на притисокот што како ВМРО-ДПМНЕ тогаш го направивме оваа постапка беше стопирана, но сепак, во 2021 година Обрадовиќ станува директор на ќерка фирма на ЕЛЕМ.

Истиот овој човек, Обрадовиќ, кој Заев го вдоми во Македонија, од функцијата директор на Електростопанство на Србија, беше сменет поради луксуз и хедонизам.

Кумот пак на Вучиќ, Башановиќ, кој исто така Заев си го вдоми во македонската влада, е и сегашен ПР шеф на СДС, на чело со Венко Филипче, и заедно со Милјан Шчекиќ им ги пишуваат соопштенијата и прес-конференциите кои потоа Венко и другите ги читаат.

Дополнително, за Башановиќ се зборува дека е човекот којшто ги споил Зоран Заев и Алексис Ципрас кои го променија името на Македонија и дека во координација со Заев бил одговорен за зделки во делот на енергетиката. Зоран Башановиќ и Зоран Заев не се од вчера, тие се добар тандем уште одамна.

Па, оттука се поставува прашањето, дали компанијата на Колашинац „Зобек мининг груп“ добивала најскап договор со ЕСМ, затоа што фирмата „Лигниторихиа Ахлада“, која била концесионер на истоимениот рудник за ископ на јаглен, била токму од Грција?

А, „Зобек мининг груп“ е истата таа фирма која на Филипче му купи автомобил од марката „АУДИ“.

Преку вакви кадри СДС, Заев и Филипче го носеа српскиот свет во Македонија и единственото по што жалат е што не се власт во државата за да продолжат и понатаму да местат милионски тендери со луѓето на Вучиќ.

Со почит,

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер