Бегај: Договореното во Охрид е уште една гаранција за мирот, стабилноста и иднината на регионот

Албанскиот претседател Бајрам Бегај ја поздрави, како што наведува во објава на Фејсбук,  „постигнатата јавна согласност меѓу Косово и Србија и посветеноста за спроведување на основниот договор и соодветниот анекс“.

Според него, овој договор е уште една гаранција за мирот, стабилноста и иднината на регионот во Европската унија.

- Го поздравувам постигнувањето во Охрид, Македонија, постигнатата јавна согласност меѓу Косово и Србија и посветеноста за спроведување на основниот договор и соодветниот анекс. Овој договор е уште една гаранција за мирот, стабилноста и иднината на регионот во Европската унија. Верувајте дека гарантите на овој договор ќе го направат обврзувачки и спроведлив за страните. Им

благодарам на Европската унија за посредувањето и на САД за силната поддршка, пишува Бегај.

Околу Анекс договорот за нормализација на меѓусебните односи на Србија и Косово свои оценки изнесоа и повеќе албански политичари, меѓу нив и поранешниот шеф на дипломатијата и екслидер на опозициската Демократска партија, Љуљзим Баша, според кого Курти покажал лидерство, но изразува жалење што Србија не потпишала.

- Косово и Србија во Охрид направија важен чекор на патот на соработката и евроинтеграциите. Косово под водство на Албин Курти уште еднаш покажа дека е на маса со конструктивност и волја да потпише договор кој му служи на Косово, но и на регионот и на самата Србија да отвори нова страница на мир и стабилност. Штета што Србија повторно одби да го потпише овој договор и се надевам дека немањето потпис нема да послужи како изговор за одложување на спроведувањето на договорот, пишува меѓу другото Баша.

Атина денеска без такси превоз

 Атина денеска е без такси превоз поради 24-часовниот штрајк на таксистите организиран од нивниот синдикат за проблемите во конкретниот сектор.

Од синдикатот на такси возачите велат дека Владата ги игнорира нивните барања и е рамнодушна кон главните проблеми со кои се соочуваат.

Штрајкот започна во 6 часот утрово и ќе заврши утре, исто така во 6 часот.

На американскиот Самит за демократија ќе учествуваат 120 лидери

Администрацијата на американскиот претседател Џо Бајден испрати покани до 120 светски лидери за вториот Самит на демократијата, што е закажан за следната недела.

Неименуван претставник на американската администрација изјави дека поканети се и претставници од осум земји кои не беа на првиот Самит на Белата куќа во 2021 година. Босна и Херцеговина, Гамбија, Хондурас, Брегот на Слоновата Коска, Лихтенштајн, Мавританија, Мозамбик и Танзанија добија покани за овогодишниот Самит откако беа изоставени од листата на покани за Самитот во 2021 година.

Пред Самитот, на 28 март предвидено е украинскиот претседател Володимир Зеленски да учествува на настан посветен на неговата земја, заедно со американскиот државен секретар Ентони Блинкен.

Самитот на демократијата годинава ќе се одржи на 29 и 30 март, а коорганизатори ќе бидат владите на Костарика, Холандија, Јужна Кореја и Замбија.

Првиот ден од Самитот ќе биде во виртуелен формат.

Според претставниците на Белата куќа, претседателот Џо Бајден ќе се обиде да нагласи дека настаните од минатата година покажаа со полна сила дека демократската влада, заснована на владеењето на правото и волјата на граѓаните, и покрај нејзините чести нарушувања останува најдобар систем за промовирање на просперитет и мир.

Бајден првично ја изнесе идејата за Самит за демократија за време на неговата кампања во 2020 година.

Детска балетска претстава Петар Пан

 Во Националната опера и балет на 31 март премиерно ќе биде изведена детската балетска претстава Петар Пан во режија и кореографија на Ирена Лозинска.

Детали за претставата ќе бидат соопштени денеска на прес-конференција.

Сценариото и сонговите за претставата ги напиша Ристо Самарџиев, визуелната магија е доловена преку костимите на Елена Вангеловска и сценографијата на Љупчо Јованов. Музиката е на Владимир Дојчиновски –Дојчин, а продукцијата на М-Соунд.

Во овој музичко балетски спектакл учествуваат и 56 деца од балетско студио „Арт балет“, заедно со Веселин Трајковски и Ницолас Алехандре Хоурсеау, гостите при балетскиот ансамбл.

Детската балетска претстава за Петар Пан, момче што не сакаше да порасне, ќе биде изведена од 17:30 и 20 часот на 31 март, а билетите можат да се набават на mktickets.mk, Југотон и Литература.мк.

притисни ентер