Бадник е, пред Божик. Празник на радоста и надежта. Нека ни е за многу години денот, предвесник на најголемиот христијански празник божик - ден кога треба да надвладее добрината, да се заборави лошото и да се отвори срцето за другите.
Бадник е ден на семејството, се празнува од памтивек за да остане за навек, се слави дома, покрај посна трпеза во мир и хармонија во исчекување на веста за христовото раѓање.
Коледарска песна го разбуди Бадниковото утро. Од врата на врата дечињата пееја и ги будеа домаќините да станат, да му се радуваат на христовото раѓање. Слатки, ореви, пари, се полнеа торбичките на најмалите.
Во домот на Магдалена Мафкова, бадниковата трпеза е поставена. На неа се традиционални јадења, научени од мајка и свекрва.
Нашата домаќинка вели дека за празникот прави се да биде свечено, но едноставно, целата среќа да извира од душата.
А како се чека Божиќ во Колешино, селото со најмногу вери во Македонија. Има дури пет цркви на Адвентисти, Методисти, Православни, Јеховини сведоци, Баптисти, но сите заедно го слават Божиќниот дух.
Иако само дел од жителите го празнуваат Божиќ, атмосферата ја дели целата заедница. Селскиот свештеник од православната црква сведочи за соживотот на Колешинци. Вели, сите сме сплотени, разликите не обединуваат.
Селото кое брои 1400 жители е шаренолико по верските убедувања, но затоа соживотот им е за пример. Заедно се во убавите и лошите денови. Па во духот на празниците, утре заедно ќе пијат кафе и ќе јадат баклава.
Една религија а различни толкувања, жителите на Колешино сепак сфатиле дека единството е христијанска доблест. Затоа знаат да кажат дека симболиката на најубавиот семеен христијански празник Божиќ е во моќта на добрата мисла и во семожноста на човековата верба.