„Овој настан не смее под никакви околности да биде причина за ширење омраза. Ова злосторство мора целосно да се истражи, а сторителот да биде изведен пред лицето на правдата и казнет“, изјавил министерот за внатрешни работи Томас Штробл за време на посетата на местото на злосторството во Илеркирхберг, во сојузната држава Баден-Виртемберг.
Тој рече дека можниот мотив за нападот во моментов е под истрага. „Во моментов немаме индикации дека мотивот за нападот би можел да биде од политичка или религиозна природа“, рече Штробл.
Азилант од Еритреја од непозната причина вчера со нож нападнал две девојчиња на возраст од 13 и 14 години, кои биле на пат кон училиште. Како последица на нападот, постарото девојче подоцна починало во болница, а помладото се уште е во тешка состојба.
Нападот ја вознемири турската заедница на која ѝ припаѓале девојчињата. Од полицијата велат дека 27-годишниот напаѓач, кој живее во блиско прифатилиште за бегалци, досега немал судири со законот.
Моментално е во болница поради повреди со нож, најверојатно самонанесени. Тој во текот на денот бил изведен пред истражен судија.
Со оглед на тоа дека жртвите се со турско потекло, местото на злосторството го посетил и амбасадорот на Република Турција во Германија, Ахмет Басар Сен. „Овој напад е шок за сите нас. Турската заедница е крајно вознемирена и сите бараме одговори“, рече Сен.
Во последните неколку години веќе имало напади од баратели на азил, за кои се покажало дека страдаат од психички нарушувања. Минатата година барател на азил од Сомалија избоде три лица до смрт во пешачка зона во Вирцбург.