Автомобил со 20 килограми кокаин експлодира на бензинска пумпа, возач била полицајка (ВИДЕО)

Безбедносните камери снимија драматични сцени во северна Аргентина, каде автомобил Форд експлодира на локална бензинска пумпа.

За време на инцидентот повредени се еден возрасен и едно дете, додека локалните медиуми јавија дека околу станицата летале 20 килограми кокаин.

На почетокот гледаме возило како стои во близина на „полнач“ за природен гас, а неколку моменти подоцна настанува хаос.

Возилото е целосно уништено, делови се расфрлани насекаде, како и голема количина бел прав, пренесува Carscoops.

Малку порано од Фордот излезе жена и три деца, што е задолжителна процедура според локалните закони (при полнење гас).

Споменатата жена била полицаец распоредена на должност во Буенос Аирес, која негирала дека знаела за постоење на скриена дрога.

Таа објасни дека автомобилот не ѝ припаѓа, туку дека се вози од Оран до Салта, кој е оддалечен околу 270 километри.

Понатамошната истрага ќе ги утврди сите детали за необичниот случај.

Приведени двајца дрвокрадци во Ресенско, следува соодветна пријава

Во атар на ресенското село Болно, вчера во 16.40 часот,  полициски службеници од ОВР Ресен ги лишиле од слобода С.Д.(47) од Ресен и Т.Д.(45)  од Прилеп поради сомнение за сторено кривично дело „кражба” по член 235 од Кривичниот законик.

МВР денеска соопшти дека при контрола на трактор со приколка, кој го управувал С.Д., а сопатник бил Т.Д., биле пронајдени огревни дрва за кои не поседувале никаква документација. Тракторот, дрвата и приколката биле одземени, а по целосно документирање на настанот против лицата ќе следува соодветна пријава.

Работна посета на министерот Муцунски во Прага

Средба со чешкиот министер за индустрија и трговија, Лукаш Влчек.

Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, вчера и денес е во работна посета на Прага, Чешка. Во рамките на посетата, тој утрово заедно со министерката за енергетика, Сања Божиновска, оствари средба со чешкиот министер за индустрија и трговија, Лукаш Влчек, а по средбата имаа свое обраќање на македонско-чешкиот бизнис форум.

Средбата со министерот Влчек се фокусираше на одличната економска соработка и интересот за нејзино понатамошно унапредување. Притоа, беше истакната важноста на досегашните состаноци на Мешовитиот комитет по Договорот за економска и индустриска соработка меѓу двете земји, како и размена на мислења за конкретни иницијативи и активности кои ќе придонесат за зајакнување на економските врски.

Во рамките на македонско-чешкиот бизнис форум, министрите Муцунски и Божиновска, заедно со чешкиот министер Влчек, ги претставија можностите за инвестирање во двете држави.

Презентирани беа иницијативите на македонската влада за подобрување на бизнис-климата, привлекување странски инвестиции и поттикнување на извозот. Дополнително, беа истакнати можностите за економска соработка и инвестициски проекти со цел земјава да стане следна дестинација за странски директни инвестиции, што ќе придонесе за засилено економско партнерство меѓу двете земји.

Властите на Филипините наредија евакуација на населението поради наближувањето на тајфун

 Властите на Филипините наредија евакуација на населението, складирање храна и ставање на војската во состојба на готовност поради тајфунот Јинсинг, бидејќи бурата се движи кон североисточните градови што може да ги загрози во текот на неделата

Центарот на тајфунот, со ветрови од 120 километри на час, се проценува на 590 километри од источниот град Балер во провинцијата Аурора, објави државната метеоролошка агенција.

Локалните власти го повикаа населението од оддалечените населби да се евакуира предвреме, бидејќи постои можност спасувачите да не можат да стигнат до нив за време на бурата.

„Различни владини оддели ги здружија напорите за издавање рани предупредувања, планирање и позиционирање на потребните стоки и услуги“, рече министерот за одбрана Гилберто Теодоро.

Се очекува бурата да го погоди копното помеѓу четврток навечер и петок наутро во близина на северната провинција Кагајан, со силен дожд во градовите кои се наоѓаат на патот, изјави претставник на метеоролошката агенција.

„Околу 24 милиони луѓе би можеле да бидат директно погодени од тајфунот“, соопштија филипинските власти.

Ова е трета бура за помалку од еден месец што им се заканува на Филипините, откако бурата Трами и супертајфунот Конг-реј го погодија централниот остров Лузон во последните неколку недели, при што загинаа 151 лице, а 21 се водат како исчезнати, соопшти цивилната одбрана.

Околу 20 тропски бури просечно ги погодуваат Филипините секоја година, носејќи поројни дождови, силни ветрови и смртоносни одрони.

притисни ентер