Австрискиот претседател Ван дер Белен во официјална посета на Македонија

Следниот чекор не е лесен, но патот е веќе трасиран и сега се зависи од вас – ова е пораката која Австрискиот Претседател Александар Ван дер Белен ја упати до македонските пратеници.

Во говорот кој го одржа во законодавниот дом, тој порача дека преговарачката рамка со ЕУ која земјава ја усвои во јули минатата година не може од ново да се преговара и ги увери пратениците дека македонскиот јазик ќе остане неоштетен на нашиот пат кон членство во Унијата.

-Сакам јасно да кажам, не верувам дека договорот од јули 2022 година ќе се преговара уште еднаш. / Иако траеше долго, патот на интеграциајта на Македонија е трасиран. Од вас зависи почитувани пратеници да ги започнете соодветните чекори и брзо да го поминете тој пат. - Александар Ван дер Белен – Претседател на Австрија

Ван дер Белен претходно со највисоки почести беше пречекан од Претседателот Пендаровски во Вила Водно, од каде упати порака дека ја разбира фрустрацијата на македонските граѓани во однос на преговорите со Унијата. Претседателот Пендаровски пак ја повика опозицијата активно да се вклучи во дебатата, а доколку тоа не го стори, предложи дебатата со екпспертите и опозицијата да се емитува јавно.

-Јас имам огромно разбирање за фрустрацијата која е присутна во однос на преговорите со Унијата. Токму затоа е важно, овој моментум, ова ново забрзување, зајакнатиот интерес на ЕУ, да се искористи и да не се изгуби дополнително време. Се надевам дека овој следен чекор треба да се реализира.- Александер Ван Дер Белен- Претседател на Австрија

-Оние кои мислат дека преговарачката рамка не е добра и дека кога тие би биле во позиција да преговараат би направиле подобра преговарачка рамка – не знаат како функционираат механизмите во ЕУ. Нема да има шанса наново да се преговара работа која е договорена со 27 земји членки на ЕУ. - Стево Пендаровски – Претседател

Двајцата Претседателот попладнево положија и венци пред гробот на македонскиот револуционер Гоце Делчев во црквата Свети Спас. Покрај со Пендаровски, австрискиот претседател оствари средби и со премиерот Ковачевски, како и со собранискиот спикер Талат Џафери.

Со посетата на Белен се продолжи најаваната низа посети на високи гости што почна со Борел и Вархеји, а во следниот период се најавува интензивна агенда на многу државници, меѓу кои се споменува и Макрон.

Драган Мијалковски ќе настапи на Свечена академија во Крива Паланка по повод 24 Мај

На годинашната Свечена академија по повод денот на Свети Јоаким Крчовски и 24 Мај , денот на Сесловенските просветители, браќата Кирил и Методиј, во Крива Паланка ќе настапи македонската музичка легенда, Драган Мијалковски.

-Свеченоста ќе понуди несекојдневна можност кривопаланечката публика да ужива во најпопуларните песни и евергрини на бардот на македонската музика, Драган Мијалковски. Свечената академија ќе се одржи на 23 мај 2024 година, четврток, во Национална установа Центар за култура Крива Паланка, со почеток во 19 часот. На Академијата ќе бидат прогласени најдобрите просветни работници од одделенска и предметна настава во општината за изминатата година, ќе се доделат признанија за најдобрите ученици на генерација, а присутните ќе имаат ексклузивна можност во живо да ги проследат незаборавните: „Кажи ми", „223-3О5", „Кажи нешто драга", „Гитаро моја" и бројни други незаборавни евергрини, за една незаборавна вечер за сите генерации, информира службата за комуникација со јавност во Општина Крива Паланка.

Свечената академија се одржува секоја година традиционално, а годинава е дел од манифестацијата „Крива Паланка - Град на културата". /МИА

Пронајдена неиспукана артилериска граната покрај железничката пруга во атар на село Виничани

Пронајдена неиспукана артилериска граната покрај железничката пруга во атар на село Виничани, кај Градско.

Во СВР Велес вчера во 10,30 часот било пријавено дека при извршување земјоделски работи на нива покрај железничката пруга во атар на село Виничани, Општина Градско, била пронајдена една неиспукана артилериска граната калибар 100 мм.

Како што денеска информираат од СВР Велес, граната била безбедно подигната од пиротехничар од Дирекцијата за заштита и спасување.

Усвоени реформите на европскиот Пакт за азил и миграција

Белгиската државна секретарка за азил и миграција Никол де Мур оцени дека реформираниот Пакт за азил и миграција ќе обезбеди поправеден и посилен миграциски систем што ќе прави конкретна разлика на теренот.  

Советот на ЕУ усвои 10 законски акти со кои се реформира европската рамка за управување со азилот и миграцијата, со што се воспоставува збир на правила за прием на мигранти, се создаваат ефикасни и усогласени процедури за доделување азил и треба да се обезбеди правична прераспределба меѓу земјите членки на товарот од прифатените мигранти.

Белгиската државна секретарка за азил и миграција Никол де Мур оцени дека реформираниот Пакт за азил и миграција ќе обезбеди поправеден и посилен миграциски систем што ќе прави конкретна разлика на теренот.

- Овие нови правила ќе го направат европскиот систем за азил поефикасен и ќе ја зголемат солидарноста меѓу земјите членки, истакна Де Мур, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ.

Таа најави дека Европската Унија ќе ја продолжи својата соработка со трети земји за справување со, како што нагласи, главните причини за појавата на илегалната миграција.

- Само заеднички можеме да најдеме одговори за глобалниот миграциски предизвик, потенцира Де Мур.

Со измените земјите членки ќе може да ги упатуваат илегалните мигранти и барателите на азил на надворешните граници на ЕУ, каде преку процедурата за скрининг би се извршила нивна идентификација и здравствена проценка и би се провериле нивниот безбедносен ризик и ранливост.

Реформите предвидуваат систем за ажурирање на Европската дактилоскопија (Евродак), базата на податоци за отпечатоци на ЕУ за идентификација на барателите на азил и илегалните мигранти, со цел да се приберат попрецизни и поцелосни податоци, вклучително и биометриски, за сите категории мигранти, вклучувајќи ги лицата кои бараат меѓународна заштита. Унијата очекува да помогне за креирање миграциски политики и да ја подобри контролата на илегалната миграција и неовластеното преминување на границите.

Дополнително се поедноставува европската процедура за доделување азил и се утврдува постапката за враќање на лицата чии барања за азил се одбиени. Новите правила исто така одредуваат која земја е одговорна за проверка на барањата за доделување меѓународна заштита и воспоставува единствен европски систем на критериуми за добивање на статусот „лица под меѓународна заштита“.

Со правилата првпат се воведува систем за правична распределба во прифаќањето на мигрантите меѓу членките на ЕУ и се воспоставуваат стандарди за прием на баратели на азил.

Како еден од начините за справување со илегалните миграциски текови со реформите се предвидува воспоставување заеднички европски правила за преселување и хуманитарен прием, со цел обезбедување легални и сигурни патишта до ЕУ.

Новина во Пактот е воспоставувањето задолжителна гранична процедура за проверка на одредени категории азиланти, како на пример оние што доаѓаат од држави кои имаат ниски стапки на одобрување на барањата за азил, со што уште на самата граница не би им се дозволил влез на територијата на ЕУ.

Во случај на кризни ситуации, како на пример масовни пристигнувања на мигранти, членките имаат право да отстапат од одредени правила од Пактот, како роковите за регистрирање на барателите на азил или времетраењето на граничната процедура, но и да побараат засилена солидарност од другите земји на ЕУ. Тој кризен механизам може да се користи само во исклучителни околности и за строго определено време.

Сега по усвојувањето на реформите, земјите членки имаат рок од две години да ги имплементираат во националните законодавства, за што се очекува Европската комисија да изработи заеднички план за нивна имплементација.

притисни ентер