Австралија му ја укина визата на Канје Вест поради неговата песна, во која го слави Хитлер - Канал 5

Австралија му ја укина визата на Канје Вест поради неговата песна, во која го слави Хитлер

Австралија денеска соопшти дека му ја поништиле визата на американскиот рапер Канје Вест (кој сега се претставува под уметничкото име Је) поради неговата нова песна во која го слави Адолф Хитлер.

Австралија му ја укина визата на Канје Вест поради неговата песна, во која го слави Хитлер

Министерот за внатрешни работи Тони Бурк рече дека Австралија „нема потреба од промоција на нацизмот“ и објасни дека властите дејствувале откако раперот објавил песна наречена „Хајл Хитлер“ на 8 мај, годишнината од поразот на нацистичка Германија во Втората светска војна.

Песната брзо стана вирална на социјалните медиуми, иако е забранета на платформи како што е Јутјуб. Во видеото се прикажани афроамерикански статисти во животински кожи кои пеат рефрен во кој го фалат Хитлер, а песната завршува со говор на нацистичкиот диктатор.

Канје Вест, кој е во брак со Австралијанката Бјанка Цензори, често ја посетува Австралија за да го посети нејзиното семејство. Министерот рече дека раперот во минатото давал навредливи коментари, но дека одлуката за одземање на неговата виза е донесена откако песната е објавена.

Бурк појасни дека укинувањето на визите нема никаква врска со концертите, туку со ставот на Австралија дека нема да „увезува омраза“. Тој нагласи дека иако австралиските граѓани имаат слобода на изразување, земјата не сака дополнителни проблеми поради намерното ширење на нетолеранција, објави 24сата.

Не беше прецизирано дали му е трајно забранет влезот - секое ново барање за виза ќе се разгледува одделно.

Патем, Канје Вест е познат по својата музичка кариера со 24 Греми награди, но во последните години даде низа антисемитски изјави и отворено покажа симпатии кон нацизмот. Познат е и по тоа што го поддржува Доналд Трамп, а неодамна го бранеше Пи Диди на суд, кој се соочува со обвиненија за трговија со луѓе и сексуална експлоатација.

Вест треба да одржи концерт во Братислава, Словачка, на 20 јули, а повеќе од 3.000 луѓе потпишаа петиција против настапот, обвинувајќи го за отворена поддршка на нацистичката идеологија.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Манасиевски: Остатоците на СДС и ДУИ во правосудството повторно одработија во нивна корист, односно ги заштитија криминалците

Остатоците на СДС и ДУИ во правосудството повторно одработија во нивна корист, односно ги заштитија криминалците.

Манасиевски: Остатоците на СДС и ДУИ во правосудството повторно одработија во нивна корист, односно ги заштитија криминалците

Врховниот суд преводен од Африм Фидани, Џемаили Саити и Сафет Кадрии, ја укинаа пресудата за случајот Ласкарци во кој загинаа 16 граѓани и ги ослободи виновниците. Повторувам, Африм Фидани, Џемаили Саити и Сафет Кадрии ја укинале судската пресуда во која се ослободуваат виновниците за сообраќајната несреќа во Ласкарци.

Во исто време, Врховниот суд исто така на слобода го пушти и Стевчо Јакимовски, кој беше правосилно осуден за криминал.

Само во Македонското судство и обвинителство, може за случај во кој гинат 16 луѓе да нема ниту еден одговорен. Истото е случај и со модуларната болница каде загинаа 14 лица а нема ниту еден виновник според правосудните органи.

Дополнително, дали е точна информацијата дека овие судии се блиски до структурите на ДУИ?

Почитувани,

Одлуките на Врховниот суд предводено од Африм Фидани, Џемаили Саити и Сафет Кадрии, доби уште една потврда зошто довербата на граѓаните во правосудството е на дното.

Политичките инсталации на СДС и ДУИ градени со години не исчезнуваат преку ноќ. Тие и понатаму се обидуваат да ги користат последните бастиони во институциите за да го заштитат системот што самите го создадоа.

На Македонија не и треба судство и обвинителство кое ќе биде бастион на СДС и ДУИ. И треба судство и обвинителство кое ќе биде бастион на правдата.

Нема да молчиме и нема да се откажеме. Правда и одговорност мора да има.

YouTube video

Валентин Манасиевски, портпарол на ВМРО-ДПМНЕ

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Македонската култура во фокусот на 35. Меѓународен саем на книгата во Абу Даби

Учество на вакви меѓународни саеми претставува значајна можност за промоција на културното наследство, литературата и современото творештво на нашата земја.

Македонската култура во фокусот на 35. Меѓународен саем на книгата во Абу Даби

Делегација на Министерството за култура и туризам, предводена од државниот секретар за култура и туризам Беса Ода Муртеза, денес присуствува на отворањето на 35. Меѓународен саем на книгата во Абу Даби, Обединети Арапски Емирати, на кој Република Македонија оваа година е почесен гостин и партнер.

Учество на вакви меѓународни саеми претставува значајна можност за промоција на културното наследство, литературата и современото творештво на нашата земја, но и платформа за воспоставување нови културни и професионални партнерства, размена на искуства и отворање на македонската култура кон нови меѓународни пазари.

Во рамки на програмата „Балканска култура – почесен гостин“, Македонија на посетителите им претставува дел од своето богато и повеќеслојно културно наследство, како и современата книжевна продукција. На националниот штанд се изложени оригинални ракописи од збирката „Ориенталистика“ на НУБ „Св. Климент Охридски“ – Скопје, меѓу кои ракописи постари од 600 години, артефакти од националното културно богатство од Археолошкиот музеј на Република Македонија, како и изданија од современата македонска литература и преводи од арапски на македонски јазик.

Преку ова претставување се истакнува и историската поврзаност на македонскиот простор со различни цивилизации и култури, како и долгата традиција на интелектуална и културна размена со арапскиот свет.

Програмата на саемот опфаќа книжевни и културни разговори, панел-дискусии, уметнички настапи и презентации на традиционалната култура, со цел на посетителите од арапскиот и меѓународниот свет да им се доближат литературата, јазичната и културната разновидност и уметничкото наследство на Балканот.

„Ваквите меѓународни саеми се многу повеќе од места на кои се претставуваат книги. Тие се простор каде што културите се среќаваат, воспоставуваат дијалог и создаваат нови можности за соработка. Нашето учество како почесен гостин и партнер во Абу Даби е значајна можност македонската литература, културното наследство и современото творештво да ги претставиме пред нова меѓународна публика, но и да отвориме нови врати за нашите автори, издавачи и културни институции“, истакна државниот секретар за култура и туризам Беса Ода Муртеза.

Таа посочи дека особено значајна е професионалната димензија на учеството, која овозможува поврзување на издавачи, автори, културни институции и други професионалци од Балканот со нивни колеги од арапскиот свет и од меѓународниот книжевен пазар.

„Ова е можност културата да ја користиме како мост меѓу луѓето и државите, но и како конкретна алатка за создавање нови партнерства, преводи, издавачки соработки и меѓународна размена. Сакам македонската култура да биде видлива, присутна и препознатлива на големите светски културни платформи,“ додаде Муртеза.

Организаторот на Меѓународниот саем на книгата во Абу Даби донесе и значајна одлука со која изработениот национален штанд ѝ го подари на Република Македонија. Штандот во иднина ќе биде во сопственост на Министерството за култура и туризам и ќе може да се користи при претставувањето на македонската култура и книжевност на меѓународни саеми и други културни настани во странство.

Учеството на Македонија како почесен гостин и партнер на 35. Меѓународен саем на книгата во Абу Даби претставува важен чекор во јакнењето на меѓународната видливост на македонската култура и во создавањето долгорочни културни врски со арапскиот свет и пошироката меѓународна културна сцена.

Преку книгата, литературата, уметноста и културното наследство, саемот во Абу Даби ги поврзува различните култури и цивилизации и отвора простор за дијалог, соработка, размена и меѓусебно разбирање.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Димитриеска-Кочоска: Бројките ја покажуваат реалната состојба, резултатите се видливи

Потврдата на кредитниот рејтинг е силен сигнал да продолжиме по истиот пат.

Димитриеска-Кочоска: Бројките  ја покажуваат реалната состојба,  резултатите се видливи

Република Македонија го задржа кредитниот рејтинг којшто го оценува Кредитната агенција „Фич“. Ова за мене беше силна потврда за конзистентноста на политиките што ги спроведуваме и силен сигнал да продолжиме по истиот пат“. Ова го истакна министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во објава на ФБ.

Според министерката стабилност на јавните финансии и поттикнување на економскиот раст се основата на која ја темели економската политика што ја креира и спроведува Владата, а ефектите се гледаат и во економските показатели, а тие се основата за да го задржиме кредитниот рејтинг.

„Дали има ефекти покажуваат податоците. Многупати сум напоменала дека бројките се тие што ја отсликуваат фактичката состојба и сега во моментов, но и кога на нив би се навратиле во иднина тие ќе ја отсликаат реалноста“, истакнува министерката Димитриеска-Кочоска.

Како што наведува во објавата економски раст во прв квартал 2024 година 1,6% - фактичка состојба од која сме почнале и носејќи одлуки кои сега веќе можам да кажам дека дале ефект придонесоа да имаме во континуитет стапки на економски раст околу и над 3%, а во последниот објавен податок за вториот квартал стапка на раст од 4,3%. Не зборуваме само за еден исклучително добар квартал, туку за континуитет на позитивните економски движења.

„Инвестициите, додава во објавата, беше основата на која ја темелиме нашата економска политика. Само во вториот квартал од оваа година бруто инвестициите се зголемени за 16,5%. Тоа е особено важно затоа што покажува каков економски модел сакаме. Модел во кој инвестициите имаат поголема улога во создавањето на растот. Зад ова стојат забрзаната реализација на големите капитални и инфраструктурни проекти, проекти во општините за локален економски развој, но и инвестициската активност на домашниот приватен сектор. Градежништвото бележи раст од 21,9%, индустријата 3,9%, а преработувачката индустрија 4,1%. Услужниот сектор расте за 2,4%, со позитивни движења во повеќе дејности. Во вториот квартал извозот на стоки и услуги реално расте за 10,4%“, наведува министерката за финансии и додава дека ова е особено важно за Владата бидејќи станува збор за резултати постигнати во една голема глобална неизвесност, а имајќи предвид дека Македонија е мала и отворена економија и под силно влијание на случувањата на глобално ниво, а особено во Европа.

„Сето ова се показатели и резултати од политиките на оваа Влада, Влада којашто од друга страна има многу внимателен и сериозен пристап во управувањето со јавните финансии и балансирање помеѓу потребата од реализација на инвестиции и истовремено спроведување фискална консолидација“, посочува министерката и додава дека јавниот долг на крајот на вториот квартал од 2026 година е 58,8% од БДП, односно 10,726 милијарди евра и дека во однос на првиот квартал е намален за 0,1 процентен поен, односно за 21 милион евра, додека во однос на крајот на 2025 година е намален за 0,6 процентни поени, а во однос на крајот на 2024 година е намален за 2,6 процентни поени.

Министерката како што истакнува во објавата ова се факти кои го покажуваат нашиот сериозн пристап кога станува збор за менаџирање со обврските, односно да обезбедиме средства за развој, но и навремено да обезбедиме средства за да ги вратиме старите долгови.

„Во вториот квартал од оваа година исплативме над 300 милиони евра за сервисирање на дел од еврообврзницата од 700 милиони евра издадена во 2020 година. Поголемиот дел од оваа еврообврзница беше сервисиран уште во првиот квартал. Но за поцелосна слика да имаме за какви обврски станува збор и обврски кои оваа Влада ги враќа и треба да ги врати во наредниот период посочуваат следните податоци - од втората половина на 2024 година до денес Министерството за финансии има сервисирано обврски во вкупен износ од 4,556 милијарди евра или поконкретно 786 милиони евра во втората половина на 2024 година, 2,198 милијарди евра во 2025 година и 1,571 милијарди евра во 2026 година. Дополнителен притисок на ова се и каматите кои се во износ од 350 милиони евра“,наведува министерката.

Според неа тоа е реалноста со која се соочува Владата. „Денес, продолжува во објавата, истовремено плаќаме камати и раздолжуваме обврски создадени во минатото. Држава која не ги сервисира своите обврски плаќа многу повисока цена преку повисоки камати, нарушен кредитен рејтинг и поскапо финансирање за целата економија, затоа остануваме на определбата да балансираме помеѓу инвестициите, фискалната консолидација и навремено обезбедување средства за сервисирање на обврските. Нашата определба за фискална консолидација е јасна и таа останува непроменета. Но, консолидацијата мора да биде постепена, кредибилна и усогласена со економскиот циклус“, стои во објавата на ФБ на министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

притисни ентер