Се санираат последиците од големото невреме во Скопје, откорнати дрвја, кровови и билбодри, уништени автомобили

Паднати дрвја, откорнати кровови и билбодри, уништени автомобили и училишта..

Силниот ветер кој синоќа околу половина час - дуваше со повеќе од 100 километри на час зад себе остави големи материјални штети, но и еден повреден човек.

Со штети од невремето се соочува и семејството Симоновски од скопско Влае. Пред камерата на Канал 5 раскажуваат дека точно на полноќ, од силниот ветер паднало дрво врз нивната куќа, но за среќа ја погодило само терасата и не повредило никого во куќата.

Најмногу на удар беа лимените кровови на зградите и доградбите низ Партизанска, но и повеќе објекти низ главниот град. 

Силниот ветер синоќа го откорна и покривот на средното хемиско училиште „Марија Кири Склодовска“. Додека надлежните служби денеска ги санираат штетите, учениците се ослободени од настава.

Освен хемиско и средното училиште Корчагин е со помали штети. Градоначалникот Шилегов информираше дека паднати се 50 дрвја, а службите веднаш излегле на терен. Материјалните штети допрва ќе се пресметуваат.

Во невремето одлетаа делови и од покривот и фасадата на зградата на МЕПСО. Парчиња од стиропор и гипс се расфрлани околу зградата и службените возила. Директорката Ева Шуклева вели дека невремето докажало колку се неквалитетни градбите од Скопје 2014, а штетата допрва ќе се утврдува.

Со помал интензитет од синоќешниот, но ветрот продолжи и денеска попладнево. Метеоролозите најавуваат дека и во следните два дена не очекува силен ветер и дождови, а на повисоките места и појава на снег.

притисни ентер