Мерцедес објави фотографии и технички спецификации за новиот „GLA45“

Германскиот произведувач на автомобили Мерцедес објави фотографии и технички спецификации за новиот „GLA45“ пред светската премиера на овој автомобил што е планирана за 3 март.

По моделот „GLA35“ од Штудгард доаѓа новиот најмоќен Мерцедес „GLA“, кој ќе биде достапен во две верзии.

Двете во себе ќе го носат познатиот 4 цилиндарски 2.0 литарски турбо- бензин мотор кој веќе се вградува во високоперформансните модели како што се „A45“ и „CLA45“.

Основниот „GLA45“ под хаубата има агрегат со 387 коњски сили. Моторот е искомбиниран со 8 брзински автоматски менувач со двојно квачило а силата се пренесува на сите 4 тркала преку „4Matic+“ системот.

За распоредувањето на силата меѓу предната и задната осовина задолжен е „AMG Torque Control“ системот.

Автомобилот од 0 до 100км/ч забрзува за само 4,4 секунди, додека максималната брзина електронски е ограничена на 250 км/ч.

За купувачите кои сакаат уште поекстремна варијанта, Мерцедес го подготви „GLA 45 S“ со истиот мотор, но со поголем број на коњски сили.

Овој модел располага со 421 коњски сили. Од 0 до 100км/ч развива за 4,3 секунди, со максимана фабрички ограничена брзина од 270км/ч.

Мерцедес „AMG GLA45“ стилски ќе се разликува од регуларниот модел по многу детали а еден од најочигледните е долгата маска напред, која е типична за „AMG“ верзиите.

Во внатрешноста исто така преовладуваат спортски елементи, како засечен волан, метални педали за ножните команди и спортски седишта.

Новиот „GLA45“ официјално ќе биде претставен на 3 март на женевскиот автомобилски саем а во продажба во салоните ќе се најде подоцна во текот на годината, кога ќе знаеме и колкава е неговата цена.

притисни ентер