Екипажот на крузерот, на кој има и тројца Македонци, допрва оди во карантин (видео)

Карантинот поради коронавирусот завршува за патниците на крузерот „ Diamond Princess“ закотвен во Јокохама, но за повеќе од 1.000 членови на екипажот, меѓу кои и тројца Македонци, ќе започне кога последниот патник ќе го напушти бродот.

Додека патниците на бродот беа затворени во нивните кабини, со исклучок на еден час кога им било дозволено да излезат на палубата за да дишат на свеж воздух, повеќето членови на екипажот не биле во карантин бидејќи нивната помош била скапоцена, за да може животот на бродот да тече понатаму .

Вработените подготвувале храна и доставувале оброци до кабините, со што ненамерно го ширеле вирусот на бродот во кој повеќе од 600 луѓе биле заразени со потенцијално смртоносниот вирус.

Бидејќи биле во близок контакт со евентуално заразените патници, членовите на екипажот мора да поминат четиринаесетдневен карантин што ќе започне кога последниот патник ќе го напушти бродот.

Екипажот не сака да зборува со медиумите, веројатно од страв за своите работни места, но некои од нив сепак ги опишаа тешките услови и стравот што преовладува меѓу нив.

Сонали Такар, 24-годишна девојка од Индија која работи како обезбедување на бродот, во интервју за АФП рече дека членовите на екипажот делат заеднички бањи и оброци „и вирусот може да се прошири многу лесно во вакви околности“.

"Ние сме навистина исплашени, јас и моите колеги, повеќе од илјада членови на екипажот. Работиме од почетокот на карантинот. Како што одминуваат деновите и се зголемува бројот на заболени, расте стравот кај екипажот ", изјави Такар.

„Се плашат дека вирусот може да се прошири многу брзо и ние сакаме да бидеме тестирани и одвоени од луѓето кои се позитивни на вирусот. Не сакаме да останеме заедно“, додаде таа.

Претседателот на Diamond Princess , Јан Шварц му напиша писмо на екипажот во кое се вели дека компанијата е „длабоко благодарна и горда“ на сите нив. "Вие го заслужувате тоа и ви треба одмор. Затоа ви нудиме два месеци платен одмор. Ова ја вклучува вашата плата и просечните додатоци што нормално би ги добивале".

Патниците кои биле целосно зависни од екипажот исто така објавија пораки со благодарност на социјалните медиуми.

„Јас и моето семејство длабоко ја цениме работата, пожртвуваноста и грижата што ни ги обезбедивте во последните неколку недели. Не можеме да ги замислиме тешкотиите низ кои минавте и ќе продолжите да ги минувате“, стои во објавата, украсена со цртежи со срца и дијаманти.


притисни ентер