Поништувањето на лустрацијата влезе во собраниска процедура и ги раскара пратениците

Лустрацијата повторно актуелна и причина за меѓупартиски препукувања, но овој пат во насока на обидите за нејзино поништување, откако Предлог-законот за поништување на овој процес влезе во собраниска процедура. 

Предлог-законот вчера беше на дневен ред на собраниската Комисија за политички систем и односите меѓу заедниците, но поради немање кворум и неприсуство на пратеници од ДУИ, од Демократската партија на Турците (ДПТ) и опозициската ВМРО-ДПМНЕ седницата беше одложена.

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ со отворено противење против поништувањето на лустрацијата, процес со кој 2008 до 2015 со два закона беа опфатени неколку стотина луѓе, од кои дел познати јавни личности – критичари на владеењето на тогашната власт на ВМРО-ДПМНЕ.

За време на шестгодишното работење на Комисијата за лустрација за кодоши беа прогласени околу 200 лица, а целиот процес беше проследен со контроверзи. За начинот на водење на постапките забелешки имаше и од дел од меѓународната заедница.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски вчера рече дека пратеничката група на оваа опозициска партија сериозно ќе се спротивстави на обидот на СДСМ за носење на законот за поништување на лустрацијата.

– Нашето прашање е кои се жртвите? Тие кои што овозможувале лица да бидат политички ликвидирани и физички ликвидирани или тие коишто биле политички и физички ликвидирани. Македонија треба да одлучи дали ќе оди по патеката на евроинтеграции, дали ќе гради демократски систем по примерот на сите земји од Централна и Источна Европа или се уште ќе живее во времето кога со политички нарачки се воделе судски процеси, рече Димовски.

Тој нагласи и дека на денешната седница на Комисијата за политички систем не присуствувал министер или заменик министер од Министерството за правда, додавајќи дека освен СДСМ како „наследник на претходниот режим", никој не сака да даде поддршка на овој, според него, ретрограден закон. Димовски оцени и дека земјава имала „најмека форма на лустрација".

Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ вчера побараа на седницата да присуствува министерката за правда Рената Десковска, а таа пак во изјава за МИА побара ВМРО-ДПМНЕ да престане да бара дополнителни основи за опструкција.

– Деловничките обврски се исполнети и Комисијата треба да продолжи со работа, а ВМРО-ДПМНЕ да престане да бара дополнителни основи за опструкција, вели Дескоска.

Претседателот на Комисијата, Александар Кирацовски на прес-конференција вчера изјави дека „кон опструкцијата на законот" на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, вчера попладнево се приклучиле и пратениците од ДУИ и ДПТ.

– Со жалење морам да констатирам дека покрај пратениците од опозицијата, односно од ВМРО-ДПМНЕ, кон опструкциите за работа на Комисијата за политички систем на седницата закажана за поништување на лустрацијата се приклучија уште две партии, односно ДПТ и ДУИ за кои се надевам дека имаат сериозни аргументи кои ќе ги споделат и со нас и со пошироката јавност, рече Кирацовски.

Според Кирацовски, за законот за поништување на лустрацијата има потреба од „повисока политичка координација" со сите политички партии.

Исправувањето на историската неправда направена кон истакнати општественици е наша заедничка должност и обврска која што мора да ја реализираме затоа што правдата и праведноста се основните начела и на демократијата и на основното човеково живеење. Процесот на направената неправедна лустрација мора да продолжи, рече Кирацовски.

Седницата, на која поради немање кворум, не можеше да се утврди ниту дневен ред, ќе биде закажана дополнително.

А собранискиот спикер Талат Џафери рече дека „нема проблем" со законот за поништување на лустрацијата. Блокадите во Собранието што се случуваат поради одредени законски решенија, како ова за поништување на лустрацијата, според првиот парламентарец се поради извесноста од предвремените парламентарни избори и оти тоа е се во рамки на кампања.

– Ниту сум го гледал материјалниот дел, ниту пак е моја надлежност да го гледам материјалниот дел. Тоа е работа на Собранието, што ќе одлучи Собранието тоа е и моја одлука. Јас како пратеник сум го поддржал законот за лустрација, не сум имал проблем со тој закон, ниту пак имам проблем со новиот закон. Во тој контекст посебен коментар не би требало, рече Џафери.

За можноста законот за поништување на лустрацијата да предизвика уште една блокада во Собранието и за тоа како ќе се справи со тоа, Џафери вели дека неговиот план е Собранието да се самораспушти на 12 февруари, а до тогаш е избор на самите пратеници и пратеничките групи што и како ќе прават.

Владата на крајот декември минатата година го утврди текстот на Предлог на закон за огласување ништовност и поништување на правни акти, дејствија, мерки и правни последици од постапките за лустрација.

Со новото предложено решение, се пристапува кон отстранување на штетните последици по лицата кои беа жртви на овие постапки пред Комисијата за верификација на факти, пред надлежните судови и пред другите органи, и согласно Предлог законот, за оштетените лица од наведените акти и дејствија, се предвидува надоместок на штета.

Со овој Предлог закон се заокружува правната рамка како стратешка цел на реформата во правосудството во однос на обезбедување на независноста и непристрасноста и се пристапува кон реализација на стратешката насока за воспоставување на законска рамка за поништување на мерките и правните последици од процесот на лустрација. /МИА

Силен земјотрес го погоди Тајван, засега нема информации за штета

Земјотрес со јачина од 6,1 степени според Рихтеровата скала денеска го погоди Хуалиен, источниот регион на Тајван, соопшти Метеоролошката служба.

Земјотресот бил почувствуван во главниот град Тајпеј, каде што се нишале згради, објави Ројтерс.

Метеоролошката служба соопшти дека земјотресот се случил на длабочина од 24,9 километри.

Засега нема информации за евентуални жртви или причинета материјална штета.

Хуалиен беше погоден од земјотрес со јачина од 7,2 степени според Рихтер на 3 април, при што загинаа 17 луѓе.

После тоа се забележани уште 1.000 последователни потреси.

Карате мајстор победи мечка- со еден удар ја избрка и се спаси

Масато Фукуда (50) посетил водопад во близина на градот Најеро, на северниот остров Хокаидо, а потоа видел две мечки.

Една од нив се нафрлила на човекот и брзо зажалила. Масато е карате мајстор, па реагираше со молскавична брзина за да си го спаси животот.

„Морав да реагирам, бидејќи во спротивно немаше да преживеам“, изјави тој за медиумите.

Огромната мечка се обидела да го гризне Масато, но била принудена да се повлече по прецизен удар во глава, пишува Daily Star.

„Во таа прилика ја повредив ногата, но си го спасив животот“, објасни тој.

Животните веднаш побегнале, а човекот дотрчал до својот автомобил и ги снимал од безбедно растојание.

„Имав многу среќа. Кој знае што ќе се случеше ако не отстапеше“, додаде тој.

Пентагон откри за што ќе ги користи Украина моќните ракети ATACMS- Крим е на удар

Министерството за одбрана на САД ја појасни целта за испорака на ракети со долг дострел во Украина, кои неодамна беа испорачани во тајност.

Како што објави „Њујорк тајмс“, целта на испораката на американските ракети АТАКМС е да се зголеми притисокот врз Крим, кој беше анектиран од Русија по референдумот во 2014 година.

Крим го претставува центарот во кој се лоцирани голем број руски воздушни и копнени сили и кој досега, како што пишува американскиот дневен весник, „за нив бил релативно безбедно засолниште“. Ова го тврди анонимен американски функционер. Сепак, Пентагон одби да каже колку точно од овие проектили со дострел од 300 километри се испорачани на украинската страна.

Џејк Саливан, советникот за национална безбедност на Белата куќа, претходно ја потврди испораката на овие проектили без да прецизира дали тие се модифицирани или имаат зголемен дострел.

Украинските сили веќе употребија ATACMS, што претседателот Володимир Зеленски го потврди на 17 април, објавувајќи дека е извршен напад врз воздухопловната база Јанкој, која се наоѓа на 165 километри од линијата на фронтот. Министерството за одбрана на Руската Федерација не ги коментираше овие наводи.

Американскиот дневен весник потсетува дека Украина првпат добила ракети ATACMS во септември минатата година, но дека станува збор за верзија со половина дострел. Се шпекулираше дека Украина може да користи американски ракети за да го уништи мостот Ким, што на почетокот на месецов го потврди и самиот претседател Зеленски, велејќи дека неговата влада „навистина сака да го уништи мостот на Крим“.

Тој е симбол на руската окупација и преку овој мост Русија испорачува воена опрема и ги снабдува војниците во Украина. Во неколку наврати досега мостот беше цел на украински напади.

- Мислам дека е вистинското време, а шефот (Бајден) донесе одлука дека е вистинско време да и го обезбеди на Украина оружјето неопходно за тековната борба. Тоа е добро осмислена и многу конструктивна одлука - изјави адмирал Кристофер Грејди, заменик командант на Здружениот генералштаб на американската армија.

Руската страна го осуди потегот на САД, а рускиот амбасадор во Вашингтон Анатолиј Антонов рече дека тоа „ја зголемува заканата за безбедноста на Крим, вклучително и Севастопол и другите руски градови“.

притисни ентер