Законот се уште се дефинира, но досега утврдено е дека легализацијата нема да биде 1 евро квадрат. Ќе се плаќаат комуналии за дивоградбата плус 50% од тој износ, како казна. Од давачки ослободени ќе бидат социјалните случаи. А ќе може да аплицираат сите кои ги испуштиле роковите за доставување документација.
Се уште не подготвен законот веќе почна да ја бранува јавноста. Архитектите бараат, опфатени да бидат само квалитетните градби. Невладините пак бурно реагираат дека законот ќе донесе поголем хаос, но министерот за транспорт Сугарески ги отфрла обвинувањата.
-Сакам да ги отфрлам сите шпекулации дека со новиот закон ќе се направел тотатален урбанистички хаос. Тоа не е точно и стојам зад тоа тврдење затоа што ќе има дел одредби што апсолутно го регулираат тој дел. Ако ги гледаме сите аспекти од 2017 година наваму драстично е намален бројот на изградба и со ова треба да биде расчистена дилемата за утврдување на правниот статус на објектите, или ќе се легализираат тие што ги исполнуваат условите или ќе се уриваат. Нема секој секаде да може да легализира, таа теза со индигнација ја отфрлам. Тоа нема да се случи. Даваме можност онаму каде што тоа е дозволиво согласно со урбанистичките планови и затоа се правени усогласувања со министерствата за животна средина, за економија, за култура,изјави Горан Сугарески, министер за транспорт и врски.
Бројките велат дека над 185 илјади нелегално изградени објекти чекаат решение за легализација.
Градењето на диво е децениски проблем на земјава, но ниедна Влада досега не успеа да го среди хаосот. Сугарески за тој проблем прстот го впери во општинските инспектори.
- Улогата на општинските градежни инспектори е сериозна и тие треба да ги почитуваат надлежностите што ги имаат. Проценката на една општина дека може со еден или двајца инспектори да функционира е лажна и затоа согласно со систематизациите што ги имаат тие може да примаат инспектори со цел да не настане хаос, истакна Горан Сугарески, министер за транспорт и врски.
Со актуелниот закон донесени се решенија за легализација на над 240 илјади објекти, информираше директорот на Катастарот за недвижности.
Новиот закон ќе даде можност да се легализираат сите објекти изградени до 1ви октомври 2019та, освен оние во Охрид и Струга.