Археолозите открија дрвени саркофази во Египет стари 3 500 години (ВИДЕО)

Археолозите откриле дрвени ковчези во градот Луксор во јужен Египет, стари околу 3500 години, соопшти египетското Министерство за антиквитети.

Францускиот археолошки тим во некрополата на ал-Асасиф ги откри зачуваните сарофази.

Три од нив се од 18-та династија (1550–1295 п.н.е.) и се добро зачувани со шарени украси и хиероглифи, рече шефот на египетскиот совет за антиквитети Мустафа Вазири.

Двата ковчези се долги 190 и 195 сантиметри и биле наменети за две жени, а третиот е долг 190 сантиметри, според портпаролот на советот на Луксор, Фати Јасин.

Египет направи серија откритија во последните неколку месеци што би можеле да помогнат во заживување на замрениот туризам, главниот извор на приход на земјата.

Туристичката индустрија е силно погодена од немирите од почетокот на 2011 година против египетскиот диктатор Хосни Мубарак.

Во саботата, Министерството објави дека откриле серија мумифицирани животни кај некрополата Сакари близу Каиро, вклучувајќи свети птици и пет големи мачки. Според првичните тестови, тоа биле младенчиња лавови.

Во октомври, Египет објави дека во Луксор биле откриени 30 добро сочувани дрвени ковчези со мумии стари до 3000 години.

Доделување на државната награда „Св. Климент Охридски" за 2019 година

Во Собранието на Република Македонија денеска ќе биде доделена државната награда „Св. Климент Охридски" за 2019 година.

Оваа награда се доделува за долгогодишни остварувања во областа на воспитанието, образованието, културата, уметноста, здравството, заштитата и унапредувањето на човековата околина и во социјалната дејност од јавен интерес на државата.

Одборот за доделување на државната награда „Св. Климент Охридски" соопшти дека за остварување во областа на воспитанието и образованието наградата му се доделува на проф. д-р Агим Паљоска, албанолог.

Наградата за остварување во областа на културата и уметноста им се доделува на Димитар Башевски, писател, Весна Ѓиновска-Илкова, оперски пејач и Виолета Томовска, естраден уметник, а наградата за остварување во областа на здравството му се доделува проф. д-р Дејан Докиќ, пулмолог-алерголог. /МИА

Поради одрон во прекин сообраќајот на патот Маврови Анови – Дебар, кај Сенце

На патниот правец Р1202 Маврови Анови – Дебар кај село Сенце од 6:50 часот сообраќајот е во прекин поради одрон, информира ЈП „Македонија пат".

Екипите на претпријатието работат на расчистување на одронот и нормализирање на сообраќајот. /МИА

Облачно, а попладне сончево со слаб ветер

Времето претпладне ќе биде со магла или ниска облачност по котлините, а попладне сончево со мала до умерена облачност.

Ќе дува слаб, а во југоисточните делови повремено умерен ветер од северен правец. Дневната температура ќе биде во интервал од 10 до 16 степени.

Во Скопје претпладне со магла и ниска облачност, а попладне облачноста ќе се намали. Температурата ќе достигне 12 степени.

Времето утре ќе биде сончево со мала до умерена облачност, а претпладне со појава на магла по одделни котлини. Минимална температура ќе изнесува од минус пет до три степени, а максималната температура ќе биде во интервал од девет до 15 степени.

Во вторник ќе биде претежно облачно, попладне со врнежи од дожд, а на планините од снег. Ќе дува умерен, кон крајот на денот повремено засилен ветер од североисточен правец. Минимална температура ќе се движи од нула до седум степени, а максималната од седум до 12 степени. /МИА

притисни ентер