Владата го отпочна процесот за воведување на медиумската писменост во образовниот процес

Лажните вести се современо оружје за уништување на поединецот и општествените вредности, нивното детектирање е потреба на модерното време, се наведува во соопштението на Владата.

Владата во соработка со Македонскиот институт за медиуми (МИМ), со поддршка на Делегацијата на Европската Унија (ЕУ), денеска, во Универзитетската библиотека „Св. Климент Охридски“ организираа дебата со наслов „Воведување на медиумската писменост во образованието“, на која учествуваа голем број ученици, професори, претставници на граѓански организации и експерти од оваа област.

Говорејќи за суштинското значење на медиумската писменост и медиумската култура, министерот без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност Роберт Поповски подвлече дека употребата на модерните, социјални медиуми, интернетот, кои денеска се одлика на секој млад човек го отвора прашањето за тоа како информациите се прифаќаат од оние кои ги примаат и дали тие се проверуваат.

Притоа, министерот Поповски образложи податоци според кои од 86 проценти од домаќинствата кои користат интернет, а од нив 73 проценти се изјасниле дека тоа го прават секојдневно, 83 проценти од популацијата која користи интернет не ги проверува фактите кои ги прочитале.

„Тоа го отвора прашањето да најдеме начин, на граѓаните да им помогнеме, да ги информираме, дека треба да ги детектираат дезинформациите и лажните вести со кои секојдневно се бомбардирани“, рече министерот Поповски.

Тој, подвлече дека од една страна интернетот носи брза комуникација, отвореност и пристапност, заштита на слобода на изразување и на сите човекови права, но од друга страна интернетот може да значи радикализам, национализам, говор на омраза и напад на секоја единка и целото општество.

„Лажните вести се оценуваат како современо оружје на масовно уништување со таргет на семејството, пријателите, заедницата и тоа претставува глобален проблем“, додаде Поповски потсетувајќи дека и денешната дискусија и вклучувањето на сите релевантни институции и чинители ќе помогне во изнаоѓање решенија и модули за зајакнување на медиумската писменост и култура не само кај младите, туку и кај постарата популација.

Министерот за образование и наука Арбeр Адеми, во своето обраќање се задржа на важноста на системот на формалното и неформалното образование и неговата структурна поставеност на генерациите кои се стекнуваат со креативни, информатички претприемачки и други вештини во текот на своето школување.

,,Владата на Република Северна Македонија се труди националниот образовен систем да биде сеопфатен и секако, постојано ажуриран, од аспект на следење и воведување на најновите глобални образовни трендови и текови на национално ниво“, подвлече министерот Адеми истакнувајќи дека фокусот е на креирањето квалитетен, механизам во рамки на образовниот систем кој медиумски ќе ги описменува учениците и ќе создава индивидуи кои уште од рана возраст ќе знаат да препознаваат лажни вести и критички ќе ги селектираат информациите препознавајќи манипулации и правејќи разлика за она што е вистинито.

Претставникот на Делегацијата на ЕУ во нашата земја, политичкиот советник Феручо Бого ја подвлече поддршката која ја дава Европската Унија по ова прашање и ја истакна важноста да се разговара за интернетот како средство за комуникација и за потребата да се информира за концептот на медиумската писменост, односно да се јакне способноста за откривање на вистинските вести притоа почитувајќи ги основните вредности на општеството.

„Mедиумската писменост заедно со писменоста како базична јазична компетенција во најопшта смисла на зборот, одат во прилог на целокупното развивање на младите личности кои се формираат во рамките на образовниот процес, рече директорот на Бирото за образование, Зекирија Хасипи осврнувајќи се на начините на кои нашиот образовен систем се справува со темите од медиумска писменост и како ги создава знаењата и вештините кај нашите ученици.

Присутните наставници, професори и средношколци покажаа голем интерес за темата и ги изнесоа своите критички размислувања за унапредување на наставните програми, учебниците и образовниот систем, сугерирајќи како да се коригираат одредени недостатоци.

Владините претставници изразија задоволство од отворената дебата констатирајќи дека јавните дискусии се организираат за да се чујат ставовите на сите инволвирани со цел да се најдат најдобрите заеднички решенија.

ЕУ одвои 13,79 милиони евра за прекуграничен одржлив развој во Македонија и Албанија

Корча, април 2024 – Преземајќи значаен чекор за целите за пристапување кон Европската унија, Македонија и Албанија денеска заедно ја започнаа Програмата за прекугранична соработка ИПА 3 во Корча.

Финансирана од ЕУ со буџет од 13,79 милиони евра, оваа Програма ја потенцира ангажираноста на двете земји да се усогласат со стандардите на ЕУ за одржлив развој и регионална интеграција до 2027 година.

Дополнително на промоцијата, беше најавен и предстојниот повик за предлози во рамките на програмата ИПА 3, поканувајќи заинтересирани страни да учествуваат во оваа Програма.

„Оваа иницијатива не само што се фокусира на клучни области како што се еколошката одржливост и социо-економскиот развој, туку исто така претставува клучен чекор кон нашата конечна цел за интеграција во ЕУ. Токму денеска најавуваме дека новиот повик за предлози ќе биде отворен многу наскоро, обезбедувајќи можности за конкретни и клучни проекти“, изјави Алтин Зечо, директор за конвергенција и кохезија со ЕУ, Државна агенција за стратешко планирање и координација на помош (САСПАК).

Зечо дополнително истакна дека членство во ЕУ бара зголемена соработка помеѓу нашите две земји, каде координирањето на заеднички политики и меѓусебната поддршка за постигнување на нашите цели и приоритети кон интеграција во ЕУ останува важен процес.

Вулнет Арифи, шеф на одделот за ЕУ и координатор за СБС, при Министерство за локална самоуправа на Република Северна Македонија, ја истакна улогата на Програмата во забрзувањето на аспирациите за членство во ЕУ.

„Со изградба на основите поставени од ИПА 2, оваа Програма не само што ја проширува соработката меѓу земјите, туку и повеќе ги усогласува нашите регионални политики со стандардите на ЕУ, отворајќи го патот за нашето очекувано пристапување. Претстојниот повик за предлози дополнително ќе ги активира нашите заедници да се ангажираат длабоко со нашиот процес на интеграција во ЕУ“, изјави Арифи.

Брисеида Ѓоза од Антена канцеларијата Македонија - Албанија го истакна целосниот пристап на програмата: „ИПА 3 е детално креирана за да ги зголеми нашите регионални капацитети за исполнување на критериумите на ЕУ, фокусирајќи се на климатска отпорност, одржлив туризам и зачувување на културното наследство. Ги охрабруваме заинтересираните страни да се подготват за претстојниот повик, кој ветува дека ќе ги зајакне нашите заеднички напори.“

Ова стратешко вложување од ЕУ преку Програмата ИПА 3 е доказ за постојаните напори на Македонија и Албанија за влез во ЕУ, испраќајќи директна порака за нивното патување кон европската интеграција.

Можни ли се црни сценарија и пресврт на изборите на 8 мај?

Лидерот на СДСМ Ковачевски имал разговори со другите политички партии после претседателските избори, но демантира дека неговата коалиција крои план за бојкот на вториот круг како што тврди претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски. 

За евентуална политичка одговорност и оставка од лидерската позиција во СДСМ вели дека одлуки се носат во партиските органи, во меѓувреме вели дека пораката од граѓаните за лошиот исход е примена, а за 8 мај се надева на подобар резултат.

-Тоа не е точно, јас вчера имав многу јасна порака на митинзите во Сарај и Чучер Сандево. Ги повикувам сите гласачи масовно да излезат на 8 мај и да ги поддржат претседателскиот кандидат Стево Пендаровски и коалицијата За европска иднина на парламентарните избори. Имаме разговори со политичките партии на различни нивоа и ги повикувам сите да имаме масовна излезност на 8 мај,- Димитар Ковачевски – претседател на СДСМ.

Мицкоски на синоќешниот митинг во Кичево кажа дека во противничките штабови се подготвувале две можни сценарија за двојните избори на 8 мај, од кои едното е бојкотирање на претседателските избори, за да не се достигне неопходниот цензус од 40 отсто. Според него, ниту еден план на СДСМ и ДУИ немало да успее, бидејќи очекува масовна излезност на гласачите со зголемување на предноста на ВМРО-ДПМНЕ.

-И двете се губитнички сценарија. Првото е бојкот на изборите каде што најисправниот одговор треба да биде излезноста и масовноста на овие избори. Второто сценарио е играњето со белезите на Македонија и великодушните понуди што овој пат ги добива ДУИ за сметка на Македонија од СДСМ за еден партнерски настап и взаемна поддршка на изборите. Сокриени коваат сценарија за бојкот, на врата се пред Мала речица да ги молат за гласови, како што ги молеа за тендери. Но, народот е посилен и од тие стотина луѓе од ДУИ кои управуваат со државата и од тој артаноиден режим…- Христијан Мицкоски – претседател на ВМРО-ДПМНЕ (Кичево, 25,04,2024).

За евентуален бојкот на вториот круг досега нема официјален одговор од партиите од албанскиот блок. Единствено Скендер Реџепи од Европскиот фронт кажа дека за ова прашање ќе се дискутира на нивните идни средби, а дека лично тој не би гласал за ниту еден од двајцата кандидати, бијдеќи досега се покажало дека Македонците не научиле да гласаат за Албанец.

Инаку, за да се постигне цензусот на овие претседателски избори потребно е на гласачките места да излезат повеќе од 725 илјади гласачи. Сиљановска и Пендаровски во првиот круг заедно освоија нешто над 540.000 гласови.

Пожар изби во куќа зад Универзална сала, интервенираа противпожарните екипи

Избегната трагедија во скопски центар, со херојска реакција на соседите во последен момент спасени се 80 годишен маж и неговата сопруга, по пожарот кој избил во нивниот дом позади Универзална сала.

Нивниот сосед Александар Петковски, сопственик на кафеаната од спротива вели само што го виделе чадот, со неговиот вработен без размислување притрчале во помош соочувајќи се со огнот, свесни дека таму живеат повозрасни и изнемоштени лица и дека ќе им треба помош да се евакуираат.

-Тука сме комшии со луѓето, наеднаш искочи некој пожар, почна да се крева некоја паника, ние како комшии, како добри соседи, пријатели, излеговме во пресрет, влеговме во да видиме што се случува таму, наеднаш настана некоја фама, некоја галама, дадовме се од себе им рековме на луѓето да излезат, да им помогнеме, тоа е што видовме, страшно, жално , -Александар Петковски – Сосед.

Куќата чија внатрешност се претвори во пепел, е изградена во 1936 година, а според она што ни го кажаа на терен, сопствениците се сомневаат дека до пожарот дошло поради палење на инсталацијата.

Сопствениците се сомневаат дека пожарот настанал од полнач приклучен во спалната соба, а пламенот се проширил за неколку секунди низ целата куќа.

По само кратко време од пријавувањето пожарникарите, брзата помош и полицијата се појавиле на самото место. Сопствениците биле веднаш прегледани од медицинските екипи, кои констатирале дека се во добра состојба. Пожарникарите пак кои го локализираа огнот, неколку часа се бореа целосно да го изгаснат истиот, а најмногу главоболки им создадоа даските на таванот..

Увид во состојбата направиле и инспектори на О. Центар. Од таму за Канал 5 ТВ велат дека во вакви случаи следува еднократна парична помош, но дури откако МВР и ОЈО ќе ја утврдат причината и ќе направат записник за материјалната штета. По собирањето на комплетната документација, велат, сопствениците можат да поднесат барање до локалната самоуправа.

притисни ентер