Министерот Димитров и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ во судир за причините за недобивање датум

Жестока дебата меѓу министерот за надворешни работи и пратениците од ВМРО- ДПМНЕ на Комисијата за надворешни работи во Собранието. 

Во тензична атмосфера, исполнета со меѓусебни напади и обвинувања кои на момент преминуваа на лична основа, помина седницата на комисијата за надворешна политика каде единствена точка на дневен ред беше отчетот на шефот на дипломатијата Никола Димитров за евроинтегративните процеси на земјава.

Во долгиот, 1,5 часовен говор пред комисијата, Димитров даде екстензивен историјат за надворешната политика на земјава од осамостојувањето до денес и кажа дека членството на земјава во ЕУ е посебен случај, а многу работи се промениле од кандидатскиот статус на Македонија пред 15 години. Порача дека треба да се затворат сите дополнителни прашања како законот со јавното обвинителство и додаде дека се обиделе да вметнат клаузули во законот во Преспанскиот договор кои ќе важат со отворањето на секое поглавје за членство во ЕУ. Тоа пак наиде на жестоки реакции од пратеникот Илија Димовски, кој кажа дека целта на Преспанскиот договор не е остварена, а земјава не е поблиску до членство во ЕУ.

На седницата, пратениците наместо за надворешната политика на земјава и евроинтегративните процеси, често пати излегуваа од темата, па така се разговараше за судскиот систем, состојбите во МНР и ситуацијата која Димитров ја наследил откако дошол на функцијата, а обвинувањата на релација власт- опозиција продолжија и за извештаите од Европската комисија за Македонија во изминатите години.

Светска програма за храна на ОН-Луѓето во Газа се соочени со „целосно гладување“

Светска програма за храна на ОН: Луѓето во северниот дел на Појасот Газа се соочени со „целосно гладување“.

Шефицата на Светската програма за храна на Обединетите нации (ОН), Синди Мекејн, предупреди дека луѓето во северниот дел на Појасот Газа сега се соочени со „целосно гладување“.

Таа за ТВ мрежата NBC изјави дека е тешко за гледање и дека катастрофалната ситуација се шири кон југ.

„Има гладување, целосно гладување на север и се шири кон југ. Тоа е ужас“, изјавила Синди Мекејн, пренесува Си-Ен-Ен.

Таа додаде дека нејзината организација бара прекин на огнот и непречен пристап до Газа со цел да испорача хуманитарна помош.

Папата им го честиташе Велигден на православните христијани

Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск денеска им го честиташе Велигден на православните христијани и верниците од источните цркви кои го слават според јулијанскиот календар, пренесе Ватикан њуз.

- Со најтопли чувства упатувам честитки до браќата и сестрите од православните цркви и некои источни цркви кои денеска го слават Светиот Велигден според јулијанскиот календар. Нека воскреснатиот Господ ги исполни сите заедници со радост и мир и да ги утеши оние кои поминуваат низ искушенија, рече папата на крајот од традиционалната неделна миса на плоштадот Свети Петар во Ватикан.

Во својата проповед пред неделната молитва, папата повторно повика на молитви за жртвите од поплавите во Бразил, како и за мир во Украина, Израел и на палестинските територии.

Митрополит Агатангел: Македонското име, идентитет, Црква не смеат да бидат предмет на тргување

Македонското име, идентитет, историја и традиција не смеат да бидат предмет на тргување, тоа важи и за Црквата.

Митрополитот на Повардарската епархија Агатангел во своето Велигденско послание порача до верниците дека е потребна одговорност кон себе, кон општеството, да се потпраме на вредностите на православието оти важно е какво општество и каква држава ќе изградиме.

-Мораме да бидеме одговорни како за себе, така и за општеството и околината што нè опкружува. Не смееме да потонеме во самодоволност и сув индивидуализам. Човекот не е створен да биде сам и осамен во светот. Не смееме да бидеме небрежни за својот ближен, за страдањето на братот, за животната средина во која ги раснеме нашите деца...Важно е за човекот да живее во мир и благосостојба, важно е какво општество и каква држава ќе изградиме. Тоа не се прашања што не треба да нè засегаат. Добро е да знаеме кои сме, што сме и од каде сме. Од Христа сме откупени, скапо сме платени преку Неговата сечесна крв. Он, преку Своето славно Воскресение, преку Својата неизмерна љубов, ни го подари највисокото достоинство. Не смееме на Неговата татковска грижа да одговориме со незаинтересираност и самодоволно повлекување. На Бога со камен не треба да фрламе, раката што дава не треба да ја сечиме - така нè учеле и воспитувале нашите предци, вели владиката Агатангел во посланието објавено на веб страницата на Повардарската епархија.

Според него, иако човекот денес живее во изобилство, понесреќен е и попотиштен од кога и да е во неговата долга историја

-Македонскиот народ илјадници години непрестајно на Бога благодарност и пофални песни Му вознесувал. Знаел нашиот мудар народ дека секоја тиранија е привремена, дека секое зло е краткотрајно. Денес, пак, злото, покрај тоа што си го зачувало својот вообичаен облик, има и некакво друго, поинакво лице. За жал, во тешка состојба сме доведени. Денес, иако човекот живее во изобилство, сепак е понесреќен и попотиштен од кога и да е во неговата долга историја. Денешниот човек е збунет и дезориентиран. Тој како да не ја препознава вредноста, како да не знае што е нормално, а што застрането, потенцира митрополитот Повардарски Агатангел.

Сега, како генерација, додава тој, мораме да застанеме на патот на оваа демонска наезда, оти ако тоа час поскоро не го сториме, духовно ќе се разориме себе си одвнатре и дури тогаш ќе станеме морално плитки и исушени.

-Затоа, македонскиот народ нема друг избор освен да се ослони на Бога, да се потпре на Неговиот спасоносен столб, кој го држи и покрепува секое човечко здание. Само така и на тој начин ќе опстоиме. Македонското име, идентитет, историја и традиција не смеат да бидат претворени во роба за трговија. Тоа е срамно и неправедно, а уште помалку морално. Ова важи како за македонскиот народ и држава, така и за Црквата, порача митрополитот Повардарски Агатангел.

Потенцира дека мнозина подло ќе се обидат да ни го омаловажат и искривоколчат секој наш успех и достигнување. Но, вели, имајте секогаш предвид дека со Христос победуваме, он ги штити и запазува праведните, оти Самиот Тој е правда и вистина. Христос е живата радост која го исполнува секое осамено и повредено срце.

-Од изворот на Воскресението Христово постојано и непрестајно да се напиваме. И ние еден ден ќе Воскреснеме во новиот живот исполнет со вечното. Нека ја штити и закрилува Господ нашата татковина Македонија и нашата Света Македонска православна црква - Охридска архиепископија. Македонскиот православен народ нека создава дела за вечно паметење. Блажен е овој народ што го срамат и прогонат, и што говорат против него секакви лоши зборови и лаги - заради Христа! Радувајте се и веселете се, зашто голема е вашата награда на небесата, порача Митрполитот Повардарски Агатангел.

Утрово на прв ден Воскресение Христово – Велигден, се служеше Златоустова литургија во црквата „Успение на Пресвета Богородица“, а со литургијата во храмот „Св. Кирил и Методиј“ чиноначалствува митрополитот Повардарски Агатангел.

Најрадосната вест за Христовото Воскресние синоќа на полноќ беше објавена низ сите православни храмови на Повардарската Епархија. Во Соборниот храм на Повардарската епархија „Св. вмч. Пантелејмон“ во Велес со литургијата чиноначелствуваше митрополитот Повардарски Агатангел, а литургии посветени на воскресението на Хириста се одржаа и во трите градски цркви - „Св. Кирил и Методиј“, „Вознесение Христово“ (Св. Спас) и „Св. Јован Крстител“.

притисни ентер