Папата им го честиташе Велигден на православните христијани

Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск денеска им го честиташе Велигден на православните христијани и верниците од источните цркви кои го слават според јулијанскиот календар, пренесе Ватикан њуз.

- Со најтопли чувства упатувам честитки до браќата и сестрите од православните цркви и некои источни цркви кои денеска го слават Светиот Велигден според јулијанскиот календар. Нека воскреснатиот Господ ги исполни сите заедници со радост и мир и да ги утеши оние кои поминуваат низ искушенија, рече папата на крајот од традиционалната неделна миса на плоштадот Свети Петар во Ватикан.

Во својата проповед пред неделната молитва, папата повторно повика на молитви за жртвите од поплавите во Бразил, како и за мир во Украина, Израел и на палестинските територии.

Во голема полициска акција во Албанија запленет имот вреден над 4,5 милиони евра

Во голема полициска акција, во содејство со Специјалното обвинителство против организиран криминал и корупција (СПАК), спроведена во повеќе градови во Албанија, запленет е имот вреден над 4,5 милиони евра.

- Пронајдени и одземени како материјални докази се 2.996.760 евра готовина; значителни количини злато и скап накит; часовници од скапи марки со приближна вредност од 500.000 евра; огнено оружје; прилагодени регистарски таблички; луксузни возила (од кои пет блиндирани возила во вредност од над 500.000 евра); системи за надзор со камера, покер маса и слично, објави Министерството за внатрешни работи.

Се додава дека во рамки на оваа мега-операција, биле погодени седум структурирани криминални групи со значителна моќ и географски опфат на нивните криминални активности во некои од поголемите градови во земјата, како што се Тирана, Драч, Валона, Лежа, Фуш Круја и Решен, а биле издадени 43 налози за апсење.

Уапсени се 20 лица, а по останатите, меѓу кои и поранешен пратеник и четворица високи полициски раководители се трага./МИА

Додик: Односите меѓу Бања Лука и Сараево можеби се на најлошо ниво

Претседателот на Република Српска, Милорад Додик изјави денеска дека односите меѓу Бања Лука и Сараево можеби се на најлошо ниво и дека мирот е единствената вредност за која се залага.

Додик истакна дека ситуацијата во БиХ е катастрофална, пренесе новинска агенција на Република Српска.

Тој рече дека претседавачот со Претседателството на БиХ, Денис Беќировиќ, кажува лаги за Република Српска и дека со него не може да се отвори дијалог. /МИА

Во Иран обесени седум луѓе осудени на смрт, меѓу кои и две жени

Невладината организација „Иран Хјуман рајтс“ денеска соопшти дека од почетокот на годинава во Иран биле егзекутирани 223 лица и го осуди отсуството на фер судење.

Седум лица, меѓу кои две жени, беа обесени денеска во Иран, бидејќи Исламската Република ја зголемува употребата на смртната казна за политички цели, соопшти организацијата со седиште во Норвешка, објави „Фигаро“.

Парвин Мусави (53), мајка на две деца, беше обесена во затворот Урмија во северозападен Иран со пет мажи, од кои сите беа осудени за трговија со дрога, се вели во соопштението на организацијата.

Фатемех Абдулахи (27) е обесена во Нишапур на истокот на земјата поради убиство на нејзиниот сопруг, кој воедно и бил братучед.

Огранизацијата соопшти дека забележала 223 егзекуции годинава, вклучително и најмалку 50 само во мај, по крајот на персиската Нова година и Рамазан во април.

Иран е една од земјите каде што се извршуваат најмногу егзекуции заедно со Кина и Саудиска Арабија. Егзекуциите се вршат со бесење./МИА

притисни ентер