Невиден сообраќаен колапс во Белград – И Вучиќ загрижен поради штрајкот на таксистите (ВИДЕО)

Денеска , на 11. ден од протестите на таксистите, Белград беше целосно блокиран и тоа во време на попладневниот шпиц од 14 до 17 часот.

Протестите се организираат од крајот на септември затоа што, како што изјавија, државата не го спроведува законот против „компании и здруженија кои нелегално преку апликации вршат такси превоз“, објавено е на Фејсбук страницата на Стопанската комора на Србија.

Стотици граѓани денеска попусто стоеја на постојките за автобуси, тролејбуси и трамваи, бидејќи во тоа време беше блокиран јавниот превоз. Крстосниците беа целосно блокирани и луѓето седеа беспомошно во своите автомобили. Пријавени биле и низа инциденти на улиците и уапсени се неколку мажи кои по жестока вербална пресметка стигнале до тепачка и болница, пренесува „Блиц“. Еден од нив е, наводно, бил таксист.

Голем број полицајци биле присутни на улиците, но очајните и лути граѓани во еден момент го блокираа протестот на таксистите. Протестот заврши непосредно пред 17 часот кога таксистите најавија уште една блокада на улиците.  

Реагираше и српскиот претседател Александар Вучиќ, велејќи дека сериозна држава не носи одлуки под притисок и ги повика таксистите да се смират и да разговараат со надлежните.

- Разговаравме со нив дека сите добиваат исти бои, дека државата помага, да им се обноват автомобилите, да уживаат луѓето, да можат да ја видат и препознаат прекрасната такси-служба каква што ја има во Мадрид, влеговме во разговори да даваме субвенции и да видиме како да помогнеме дури и при плаќање данок и изнаоѓање различни решенија, но и тие да ни помогнат и да ја сфатат државата - рече Вучиќ.

Јункер излезе од болница , следната недела се враќа на работа

Претседателот на Европската Комисија во заминување , Жан Клод Јункер , кој пред десетина дена беше опериран , денеска ја напушти болницата.

Јункер би требало да се врати на работа во седиштето на ЕУ во Брисел. На 11 ноември, Јункер беше подложен на операција на аортна аневризма во абдоминалната празнина.

Аневризмата е трајно проширување на аорта. Главната опасност била пукање на аневризмата, што може да резултира со внатрешно крварење. Доколку не се интервенира итно, пукањето на аневризмата обично завршува со смрт.

Изминатите десет дена тој беше заменет во Комисијата од првиот потпретседател Франс Тимерманс.

Комисијата на Јункер во моментов е ангажирана само со тековните работи, бидејќи на 1. ноември истече нејзиниот мандат. Новата Комисија, предводена од германката Урсула фон дер Лејен, треба да ја преземе функцијата на 1 декември.

Путин : На Русија и требаат борбени роботи , дронови и ласери

Руската војска има потреба од борбени роботи, беспилотни летала и ласери како приоритет во следната деценија, тврди претседателот Владимир Путин.

„Ние треба да го прошириме арсеналот на беспилотни извидувања и напади на авиони, ласерски и хиперсонични системи, како и роботски системи способни за извршување на разни задачи на бојното поле“, изјави Путин.

Во следните неколку години, 70 проценти од оружјето на Русија треба да биде современо, изјави Путин на состанокот на Рускиот Национален совет за безбедност, пренесува Кремљ.

Путин вчера изјави дека нуклеарната несреќа што се случи пред три месеци во северозападна Русија вклучува уникатно оружје во развој, пренесува Интерфакс.

Неколку луѓе тогаш загинаа во, како што соопшти  владата, експлозија на експериментална опрема на терен за воена обука во Северодвинск во близина на границата со Финска.

Руската влада првично негираше дека има зголемено зрачење на местото, но подоцна владата објави дека гама зрачењето е 16 пати поголемо од вообичаеното.

ЕВН: Снабдувањето со електрична енергија во село Грчец нормализирано

Снабдувањето со електрична енергија во скопското село Грчец е нормализирано. Санирани се дефектите и постигнат е начелен договор да се продолжи со реконструкцијата на дистрибутивната мрежа, соопштуваат од ЕВН Македонија. 

– Екипите се упатија на терен да ги санираат дефектите и добија ветување дека нема да бидат напаѓани и спречувани во работата. Ова населено место беше подолг период без електрична енергија поради тежината на дефектот кој настана поради неконтролирана потрошувачка на електрична енергија, големиот број нелегални приклучоци и спречувањето на екипите на Електродистрибуција да ја завршат започнатата реконструкција на мрежата. Во конкретниот случај прекин на снабдувањето е настанато на далекуводот кој го напојува селото и во една од диструбутивните трансформаторски станици, се вели во соопштението на ЕВН.

Од таму информираат дека тие и понатаму се подготвени за решавање на проблемот и договор со корисниците со цел комплетно реализирање на проектот за реконструкција на мрежата со што ваквите дефекти ќе бидат минато, а ќе се воведе ред во снабдувањето и наплатата на сметките за потрошена електрична енергија./МИА

притисни ентер