Избор на новото партиско раководство на денешниот Централен одбор на СДСМ

Изборот на новото партиско раководство, како и заокружување на внатрепартиските промени се очекуваат денеска на седницата на Централниот одбор на владејачката СДСМ.

Централниот одбор ќе заседава во Охрид, а деветтата седница, како што е најави партијата ќе почне во 16:00 часот.

На дневен ред се и суштинските промени во партијата, новиот систем на дејствување и работа на партијата и напредокот на државата.

Метлата, која лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев ја најави по завршувањето на претседателските избори почна токму во неговата партија. Сите 78 претседатели на општински организации се сменети од позициите. За тоа тој како лидер, според партискиот статут, има директна надлежност.

Разрешени се и целиот извршен одбор на СДСМ, сите шест потпретседатели на партијата, генералниот, организацискиот и меѓународниот секретар, како и координаторката на  Форумот на жени на седницата на Централниот одбор минатиот месец.

Според одлуките, што беа донесени со консензус,  разрешени беа Александар Кирацовски, генерален секретар, Миле Зечевиќ организациски секретар, Дане Талевски, меѓународен секретар, Цветанка Ласкова координатор на Форумот на жени и шесте потпретседатели Фросина Ташевска Ременски, Оливер Спасовски, Петре Шилегов, Благој Бочварски, Дамјан Манчевски и Мухамед Зекири.

-Ако тргнавме од своите редови да се исправиме, со наше коригирање и подобрување, верувајте нема да дозволиме на било кој во државата без разлика дали тоа е во јавната администрација, централна, локалната, а прима пари од граѓаните, да не ги исполни нивните очекувања, изјави тогаш Заев. 

ВМРО-ДПМНЕ: Крајот на Зоран Заев се повеќе се ближи

Погрешните политики на Зоран Заев ја доведоа Република Македонија во погрешна насока.

Многу порано Зоран Заев требаше да распише предвремени парламентарни избори доколку приоритет му беше Македонија и граѓаните, а не личното богатење.

Добро е што го призна поразот и и што на регуларни и демократски избори ќе се стави крај на неговото криминално владеење. Казната од народот ќе биде испорачана. Крајот на Зоран Заев се повеќе се ближи.

Обнова на Република Македонија ќе започне со заминувањето на Зоран Заев во политичка пензија.

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ

Алтернатива: Одбивањето на ЕУ налага предвремени избори

Политичката партија Алтернатива, по негативната одлука за преговори за членство на држвава со Европската унија побара што побргу да се прогласат предвремени избори.

Изборите, како што вели лидерот Африм Гаши, ќе го потврдат ставот на граѓаните за своите посакувани претставници.

Конечната одлука за нивниот иден став и позција ќе ја донесат на Централно собрание на партијата што ќе биде свикано набргу.

-По одлуката на Европската Унија на Македонија да не и се даде датум за започнување на преговори за членство во ЕУ, со тоа упатувајќи порака дека вратите за европска интеграција на земјата се затвараат, денеска се состана Централното претседателство на Алтернатива и констатира дека за нас згаснува еден повод поради кој ние станавме дел од оваа влада. Да напоменеме дека ние станавме дел од мнозинството и на извршната власт токму поради евроатлантската интеграција, рече вечерва на прес-конференција Гаши.

Според него, како партија дале придонес во  процесот за членство во НАТО, но фактот што другата врата на интеграцијата на државата – таа за Европската унија е пред сериозна пречка, е доволен повод земјата да оди на неопходни предвремени избори.

– И покрај одлуката на ЕУ за одбивање, независно од тоа дали ќе бидеме дел од ЕУ или не, остануваме посветени во градење на правна, развиена и типична европска држава. А во духот на платформата „Наше огниште", за нас не поважно од интеграцијата е токму благосостојбата, правдата и развојот. Според Алтернатива, веќе е крајно време нашите граѓани да сфатат дека доброто не доаѓа од надвор, туку треба да се произведе внатре во нас и за наше добро, рече Гаши.

Грчко МНР: Членките на ЕУ да соработуваат за реализирање на европската перспектива на Западен Балкан

Грција ги охрабрува земјите од регионот да останат посветени на патот на реформите, а паралелно ги повикува членките на ЕУ да соработуваат за реализирање на европската перспектива на Западен Балкан во корист на регионот, но и на Европа.

Велат од Министерството за надворешни работи на Грција во однос на европската перспектива на земјите од Западен Балкан, jави дописничката на МИА од Атина.

Додаваат дека Грција цврсто ја поддржува европската перспектива на Западен Балкан, „перспектива што почетната точка ја имаше на Самитот во Солун во 2003".

-Овој став, како што вчера истакна грчкиот премиер Киријакос Мицотакис на Европскиот совет во Брисел, останува една од основните и непроменети оски на грчката надворешна политика. Грција ќе продолжи да ги поддржува соодветните напори на земјите од регионот да ги исполнат потребните услови за интеграција во нашето пошироко европско семејство. За постигнување на оваа цел, ги охрабрува да останат посветени на патот на реформите кои само позитивно можат да влијаат на нивниот тек кон нивно приближување до Европската унија, но и на животот на нивните граѓани. Паралелно, ги повикува земјите- членки на ЕУ да соработуваат за реализирање на европската перспектива на Западен Балкан во корист на регионот, но и на самата Европа, соопштуваат од грчкото МНР. /МИА

притисни ентер