Пендаровски се сретна со хрватската амбасадорка Баришиќ

Претседателот Стево Пендаровски, денеска ја прими амбасадорката на Република Хрватска, Данијела Баришиќ.

Како што соопштуваат од кабинетот на претседателот, двајцата соговорници размениле мислења за севкупните билатерални односи меѓу  Македонија и  Хрватска, при што e констатирано дека се пријателски, без отворени прашања.

Претседателот Пендаровски се заблагодарил за поддршката од Република Хрватска за отпочнување на пристапните преговори со Европската унија и поддршката за членство на  Македонија во НАТО, потврдена со ратификацијата на Протоколот за пристапување на Македонија во НАТО во Хрватскиот сабор. Тој изразил уверување дека поддршката ќе продолжи и во следниот период.

Пендаровски, како што наведуваат од кабинетот на претседателот, изразил очекување за вреднување на напорите на  Македонија од страна на Европскиот совет и скорешно одредување на датум за почеток на пристапните преговори со Европската унија, како клучен предуслов за обезбедување на напредок и трајна стабилност во поширокиот регион.

Амбасадорката Баришиќ, во име на претседателката на Република Хрватска, Колинда Грабар Китаровиќ, му честиташе на претседателот Пендаровски за стапувањето на функцијата, посакувајќи му успех во работата и изразувајќи уверување за натамошно продлабочување на пријателските односи меѓу двете држави. 

притисни ентер