Од почетокот на оваа година, Гугл, Фејсбук и Твитер издаваат месечни извештаи во рамките на Кодексот на однесување кој го потпишаа со Европската Комисија, со цел борба против дезинформациите и спречување на надворешни и малициозни влијанија врз кампањата за изборите за Европскиот Парламент во мај.
Извештајот за март месец, достапен од денеска, открива дека се избришани 212 профили од Косово и Македонија кои работеле координирано.
-Отстранивме 212 Фејсбук страници, групи и налози поради координирано неавтентично однесување од Македонија и Косово. Лицата зад овие активности управуваа со лажни налози за да администрираат страници кои споделуваат општа содржина, ненасочена кон една земја специфично, како астрологија, познати личности и совети за убавина, стои во извештајот.
Покрај ова, имало и неколку профили кои се претставувале како политички организации од Австралија, Британија и САД и објавувале содржини поврзани со Исламот и верски теми како и политички и националистички содржини, информира социјалната мрежа.
Овие налози имале вкупно околу 685 илјади следбеници на Фејсбук или Инстаграм.
Според Фејсбук, координирано неавтентично однесување значи создавање на мрежа лажни профили и страници со цел да се измамат корисниците и да се манипулира со јавната дебата во стратешка цел, објаснува Фејсбук.
Европската Комисија денеска ги поздрави редовните извештаи на овие три компании и нивните обиди за повеќе транспарентност во пресрет на изборите, но смета дека се потребни дополнителни напори.
-Дополнителни технички подобрување и споделување на методологијата и податоците за лажните налози се потребни за да им се овозможи на надворешни експерти и истражувачи да спроведуваат независни проценки, смета еврокомесарката Марија Габриел.
ЕК сега ги чека извештаите за април и се надева дека ќе биде констатиран напредок./МИА