Уште една забрана за привремена работа за приватна ординација

Уште една забрана за привремена работа на приватна здравствена ординација, донесе Државниот здравствен и санитарен инспекторат. Official facebook: https://www.facebook.com/Kanal5Televizija/ Web: http://kanal5.mk/ Copyright: OnAir Media Group

Милевски: Продолжуваме посветено да работиме на градење на мостови на соработка и развој на регионот

Ја поздравувам иницијативата на грчката Влада и поддршката на Европската Комисија, за вмрежување на сите релевантни субјекти од регионот. 

Министерот за локална самоуправа, Горан Милевски денеска активно учествуваше он-лајн на вториот Балкански Форум во Тесалоники заедно со потпретседателот на Европската комисија, Схинас, како и министрите од Грција, Георгиадис, министер за развој и инвестиции, Теодорикакос, министер за внатрешни работи, Пјеракакис, министер за дигитално управување, како и министри од Албанија, Бугарија, Романија и Србија.

- Ја поздравувам иницијативата на грчката Влада и поддршката на Европската Комисија, за вмрежување на сите релевантни субјекти од регионот. Овој Форум е одлична можност да разговараме на теми кои што се клучни за развојот на целиот регион. Пред се од аспект на нашите европски перспективи. Соработката, размената на знаење и на искуство и взаемната поддршка се најдобриот начин за зголемување на конкурентските предности на овој регион и за негова целосна интеграција во Европската Унија, рече Милевски.

Тој појасни дека земјава продолжува посветено да работи на градење на мостови на соработка и развој на регионот, според европски правила, со взаемно почитување и со решавање на проблемите со дијалог и соработка.

- Со искрена посветеност на Европските вредности и со создавање на услови за подинамичен развој на регионот, ќе создаваме подобри услови за живеење за нашите граѓани. Европскиот простор значи слобода на движење, мобилност и конкурентност, споделување на знаења и искуство како и поддршка за надминување на развојните разлики меѓу земјите и регионите. Благодарение на поддршката на ЕУ преку ИПА Програмата за територијална соработка, Македонија повеќе од една деценија остварува успешна соработка со своите соседи и имплементира заеднички проекти, рече Милевски.

Заменик министерот за внатрешни работи, Теодорос Караоглу изрази благодарност за учеството на Милевски на Форумот и истакна дека Грција ќе ја поддржи земјава да биде членка на Европска Унија.

- Би сакал да потенцирам дека со соседната држава Република Македонија заедно сме членки на НАТО, ние сме сојузници и се надеваме дека наскоро ќе станеме партнери, со тоа што Македонија, Србија и Албанија исто така ќе станат членки на големото семејство на Европската Унија. Ние го сакаме тоа, и деклариравме дека Грција ќе ги поддржи напорите вложени од овие три држави да станат дел од големото семејство на Европската Унија. Секако, како што кажавте ние имаме многу заеднички програми, како програмите со проекти за прекугранична соработка, исто така имаме соработки помеѓу двете земји на општинско ниво, универзитетско ниво, и многу други видови на соработки во кои работите се одвиваат многу добро, порача Караоглу.

Темата на овој форум се иновациите во бизнис секторот како клучен предуслов за економски развој. Во тој контекст искучително е важна и улогата на јавниот сектор.

- Потребни се иновации во управувањето со јавните работи, иновации во соработката меѓу јавниот и бизнис секторот, иновации во јавниот сектор за создавање на позитивно опкружување за бизнис секторот. Се надевам дека учесниците од шесте земји денеска и утре ќе ги пренесат своите искуства и идеи на најдобар можен начин, истакна тој.

Надлежно за спроведување на Програмата за прекугранична соработка е Министерството за локална самоуправа, особено со Албанија за која претставуваме лидер земја а со останатите соседи партнери. Во актуелниот програмски период заедно со соседните земји се реализирани околу 120 проекти. Тоа значи вмрежување на институции, на организации, на општини, заедничко идентификување на предизвиците и нивно решавање. Резултатот е зголемена мобилност, споделено и акумулирано знаење, градење на заеднички вредности и развирање на свесност дека „заедно можеме да направиме многу повеќе".

Маричиќ: Ќе се подготвува закон за вонредна и воена состојба

Министерот за правда Бојан Маричиќ на денешната прес-конференција најави закон за вонредна и воена состојба, имајќи предвид, како што рече, дека не знаеме што не очекува во иднина со коронакризата.

Маричиќ рече дека поучени од сите недоречености по прогласувањето на вонредната состојба, која кај нас е регулирана само „со еден или два члена во Уставот", смета дека е добра идеја набргу да се донесе закон за вонредна и воена состојба. Очекувам во многу скоро време да се формира работна група и да се направи консултација со експертите, опозицијата, претседателот на државата, владините претставници, кои беа вклучени во спробедување на вонредната состојба. Како што најави министерот, во консултациите ќе бидат вклучени сите надлежни институции.

Маричиќ, одговарајќи на новинарски прашања дали јавниот обвинител ќе се бира на предлог на опозоцијата рече дека не смета оти обвинителот треба да се бира со политички договор, укажувајќи на искуството со изборот на јавен обвинител на СЈО.

Изборот на јавен обвинител, како што потенцира, е уставна категорија и за тоа да се промени потребно е менување на Уставот. Според Маричиќ, ние имаме добар јавен обвинител и тој може да ја заврши работата.

– Нашиот принцип е политиката да биде што подалеку од овие процеси, рече Маричиќ.

Тој најави дека во однос на реформите во правосудството, во ноември ќе се одржи состанок на Подкомитетот за поглавјето 23 и оти ќе се дискутираат сите приоритети. Наши приоритети, како што кажа се, зајакнување на независноста на судството, филтрирање на правосуството, зајакнување на борбата против високата корупција, и постапувањето во случаите за високата корупција, како и нивен мониторинг. Маричиќ најави и ревизија на Законот за кривична постапка и Кривичниот законик.

Тасулас: Ратификациите на меѓународните договори со Македонија не се итни

Ратификациите на договорите со Македонија не се итни, вели претседателот на грчкиот Парламент Константинос Тасулас, одговарајќи на соопштението од СИРИЗА, во кое од опозициската партија коментираат дека Владата на неодредено време ги одложува ратификациите, јави дописничката на МИА од Атина.

Тасулас, во писмената изјава, објаснува дека на вчерашниот состанок на претседателите на Парламентот, но и во разговор со новинарите, меѓу другото, информирал дека „трите ратификации на меѓународните договори со Македонија немаат карактеристика на итни".

Од опозициската СИРИЗА, претходно, излегоа со соопштение во кое велат дека претседателот на Парламентот и Владата, од страв дека ќе има различни ставови од пратениците на Нова демократија, „на неодредено го одложува гласањето на договорите со Македонија" и тоа претставува „потврда на омаловажувањето на парламентарниот процес и предизборната измама на господинот Мицотакис".

Предлог законите за „Меморандумот за забрзување на процесот на интеграција на Македонија во ЕУ", за „Меморандумот за формирање на Координативен комитет за економска соработка" и за „Техничката спогодба за надгледување на FIR Скопје", на 14 и 15 септември беа доставени во грчкиот Парламент, а според предвидените процедури, прво треба да бидат презентирани пред Комисијата за национална безбедност и надворешни прашања, а потоа и да бидат изгласани на седница во Парламентот.

Портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас вчера рече дека сѐ уште не е одреден датум за ратификацијата на конкретните договори.

Дел од медиумите во Грција, но и портпаролот на СИРИЗА, во изминатите денови тврдеа дека Нова демократија, не може да најде пратеник кој би бил известувач во Парламентот за трите билатерални договори со нашата земја, за што Пецас, одговарајќи на прашањето на дописничката на МИА од Атина, на вчерашниот брифинг со новинарите истакна дека „не постои никаков проблем околу ратификацијата на трите договори со Македонија".

Објасни дека Нова демократија беше против Договорот од Преспа и „како опозиција направи сѐ што може за да го спречи", но сега, кога Грција, во односите со Турција се повикува на меѓународото право, не може да не го зема предвид меѓународниот договор со Македонија.

-Предупредивме дека ако еден меѓународен договор се ратификува, не може да се смени. Денес, сите сфаќаат дека кога ние како темел го имаме меѓународното право за да се соочиме со турската провокација, не можеме оваа наша обврка да ја исполнуваме „a la carte". И да велиме дека се повикуваме на меѓународното право во врска со Турција, а да не го земаме предвид во врска со Македонија. Според тоа, договорите одаат напред, не постои никакво такво прашање и секако сакам да истакнам дека еден од овие се однесува на контролата на FIR на Македонија од грчкото воздухопловство. Според тоа не постои некакво прашање, рече Пецас.

Со оглед на тоа дека трите меморандуми што произлегуваат од Договорот од Преспа, се први што доаѓаат по промената на власта во Грција, од опозициската СИРИЗА, кога ратификацијата ќе биде на дневен ред во Парламентот, ќе побараат јавно гласање, со прозивање на сите пратеници, нешто што во неделата го потврди и лидерот на партијата Алексис Ципрас, велејќи дека очекува гласањето на 158-те пратеници од Нова демократија, да биде и извинување за нивната опозициска реторика за Договорот од Преспа.

-Секој од 158-те пратеници со својот глас, ќе дава и едно извинување. Очекуваме 158 извинувања. Извинување за поделбата, извинување за лагите, извинување за измамата, извинување за хистеријата, извинување за нападите, извинување за куршумите до министрите и пратениците од СИРИЗА, извинување за подметнувањето пожари пред нивните домови, извинување за мизеријата што се случи пред две години, рече Ципрас во неделата на прес конференцијата во Солун. /МИА.

притисни ентер