Заев и Ципрас наградени со „Евалд фон Клајст" за придонес кон светскиот мир

Премиерите на Република Северна Македонија и на Грција, Зоран Заев и Алкесис Ципрас, синоќа во Минхен ја добија наградата „Евалд фон Клајст".

Домаќин на церемонијата беше премиерот на федералната држава Баварија, Флоријан Херман.

„Евалд Фон Клајст" е награда што се доделува за придонес кон светскиот мир и безбедноста.

-Ова е голема чест за граѓаните на Северна Македонија и Грција, напиша премиерот Заев на својот фејсбук профил.

Заев и Ципрас беа поздравени со аплауз додека ја примаа наградата за нивниот придонес во меѓународниот мир и мирно решавање на споровите преку Преспанскиот договор.

-Јас и Алексис овде вечерва ќе ви покажаме и ќе разговараме со вас за различен Балкан, за Балкан од 21 век. Имам три клучни зборови за да го опишам успехот на нашето пријателство:

Надеж. Дијалог. Заедноста, рече Заев во обраќањето по повод наградата, изразувајќи им благодарност пред се на граѓаните на неговата државата, но и на посредникот Метју Нимиц, комесарот Хан, канцеларката Меркел, како и на министрите Котзијас и Димитров.

Заев потенцира дека имал и има надеж.

-Кога сите ми кажуваа дека не е можно, имав надеж за решение и подобра иднина. Дијалог. Кога сите зборуваа за црвени линии, Алексис и јас одлучивме да ги отпуштиме црвените линии што само ќе ни копаат во ровови. Се свртевме кон отворена и искрена комуникација без скриени агенди. Решивме да се грижиме едни кон други, да имаме толеранција и да ги разбереме проблемите и предизвиците на другиот. И на крај, заедништво. Глобалниот свет е мал и гласен денес, се е поврзано. Најважните работи можат да бидат многу мали и тивки. Затоа, треба да работиме заедно за да обезбедиме мир, да ја одржиме стабилноста и да обезбедиме просперитет, порача премиерот.

Според него, Европа и Балканот денес стануваат едно – Балканот како ново место на надеж, како место за дијалог и заедништво, како место за стабилност и соработка.

-Нема повеќе леви и десни поделби во Европа. Ова е време за обединување и приклучување на прогресивните сили, кои се лево-десно, либерални и други, со цел да се издигнат над ретроградните сили и национализмот. Ова е време на избор – напред или назад, истакна Заев, нагласувајќи дека наградата ја споделува со неговиот, како што рече, драг пријател, премиерот на Бугарија, Бојко Борисов и со сите други лидери од балканските земји.

-Но, оваа награда ја посветувам на сите млади од Балканот. Ова достигнување е за нив. Тие се причината што ја имаме. Она што го правиме денес е основа за она што вие – млади луѓе – нашите идни генерации, ќе создадеме утре, рече Заев.

Тој и Ципрас претходно учествуваа на панел дискусијата „Разговор со добитниците на наградата „Евалд Фон Клајст", посветен на иднината на Западен Балкан. Како што информира владината прес-служба, премиерот Заев истакна дека на панелот се зборува за регион кој се менува, кој станува се по европски и кој испраќа позитивни пораки и за другите.

Во Охрид одржан велигденски концерт

 Во духот на предвечерието на големиот христијански празник Воскресение Христово –Велигден, НУ „Охридско лето“ организира концерт на православна хорска музика со Женскиот хор „Менада“ од Тетово.

Под диригентската палка на професор доктор Ивица Зориќ во Охрид вчера настапија 21 хористки кои изведоа православна духовна музика со што дадоа свој придонес во одбележувањето на овој христијански празник.

-Со големо задоволство ја прифативме поканата да земеме учество на овој концерт со единствена желба да дадеме свој придонес, посебно во овој катедрален храм, црквата „Света Софија“. Направивме ретроспектива на православна духовна музика. Имавме неколку визнатиски напеви, грузиски, македонски, грчки, но и напеви на други јазици. Вечерта ја заокруживме со ретроспектива на композиции кои се во духот на повеќегласното црковно пеење, така што имавме нагорна линија на најсовремени композиции што се пишуваат сега. И на крајот, завршувме со молитва, со „Оче наш“, со желба што повеќе луѓе да го почувствуваат овој голем христијански празник. Се надевам дека секој понесе позитивна мисла од концертот, вели маестро Зориќ.

Маестро Зориќ, целиот свој работен век го има посветено токму на Женскиот хор „Менада“, но и на Детскиот хор „Лале“ чиј основач е самиот тој.

-Со „Менада“ годинава одбележуваме 43 години постоење. Јас сум од првиот работен ден со овој хор. Исо така, работам и со Детскиот хор „Лале“ кој исто така настапува и во Охрид по разни поводи, а годинава одбележува 47 години постоење. Двата хора ги основав јас и раководам со нив сите изминати години, и навистина е огромно задоволството што човек се посветува самиот себеси. Ме радува што има интерес за нашите настапи. Тетово е град на хорската музика, но патуваме често и во странство. Досега имаме посетено повеќе од 20 земји, појаснува маестро Зориќ.

Со програмата што ја изведоа на Велигденскиот концерт во организација на НУ „Охридско лето“, Женскиот хор „Менада“ во октомври треба да настапи во Истанбул, Турција.

Непознати лица се обиделе да запалат синагога во Варшава

Непознати лица синоќа фрлиле молотов коктел врз единствената зачувана предвоена синагога во Варшава која се уште служи како место за богослужба и се обиделе да ја запалат, соопшти полската полиција.

„Командата на полицијата добила пријава за обид за палење на синагогата Нозика во Варшава. Полицијата води истрага во врска со тоа“, изјави Јацек Вишњевски од варшавската полиција за полските медиуми.

„Рабинот Шудрих пишува дека некој се обидел да ја запали синагогата со помош на молотов коктел. Фала му на Бога, никој не беше повреден. Интересно, кој се обидува да ја наруши годишнината од нашето влегување во Европската Унија?“, реагира на социјалната мрежа Икс, шефот на полската дипломатија Радослав Сикорски.

Таа синагога се реновира од 2008 година. /МИА

Повеќе од 40 приведени во операција против „Исламска држава“ во Турција

Повеќе од 40 лица се приведени во Турција за време на операција против „Исламска држава“, јави турската државна телевизија ТРТ Хабер, повикувајќи се на изјава на министерот за внатрешни работи Али Јерликаја.

Акциите биле спроведени на територијата на 12 (од вкупно 81) окрузи во земјата, меѓу кои Истанбул, Ескишехир, Каракале, Невшехир и Маниса. Тие биле извршени од страна на окружните полициски служби под координација на разузнавачките и антитерористичките сили на Генералниот директорат на полицијата.

Како резултат на операциите уапсени се вкупно 41 осомничен, од кои 10 во Истанбул. Запленети се пиштоли во нелегална сопственост, бројни дигитални материјали и поголема количина девизи и турски лири. /МИА

притисни ентер