Генералниот секретар на Алијансата Јенс Столтенберг во интервју за Политико Европа вели дека наскоро, НАТО ќе го подготви пристапниот протокол за членство, по што земјава формално ќе застане рамо до рамо со сојузниците.
-Штом ќе го потпишеме пристапниот протокол, Скопје ќе седне на масата. За ратификацијата ќе треба повеќе време, сѐ зависи од 29-те парламенти, вели Столтенберг.
Целиот процес во парламентите се очекува да трае до крајот на годинава, а официјалното членство во НАТО, под името Република Северна Македонија, би требало да се заокружи најдоцна до средината на следната година. Дотогаш земјава ќе има статус на набљудувач во сите клучни формати на Алијансата.
-Оваа недела или на почетокот на идната треба да се потпише Протоколот за НАТО. Потоа тој треба да се врати во грчкиот Парламент на ратификација. Штом се ратификува во грчкиот Парламент ќе го добиеме столчето во Алијансата. И тогаш стапуваат во сила уставните измени и другите одредби од Преспанскиот договор, рече Никола Димитров, министер за надворешни работи на Македонија
Во меѓувреме, расте поддршката за Македонија. По Чешка и Словенија, и Литванија, чиј министер за надворешни е во посета на Скопје, најави дека нема да чека да ја заврши обврската.
-Литванија ќе биде меѓу првите земји што ќе го потпише Протоколот за пристапување на Македонија во НАТО, изјави Линас Линкевичиус, министер за надворешни работи на Литванија
По ратификацијата на овој протокол од Грција, Договорот од Преспа стапува на сила. Тогаш земјава за тоа ќе треба да ги извести сите земји членки на Обединетите Нации и да побара да го користат името Република Северна Македонија.