Влада на РМ: Санирана состојбата со поплавените простории на МВР во зградата на МРТ

Службата за општи и заеднички работи во целост ја санираше состојбата со поплавените простории во Македонската радио телевизија.

Преземени се сите неопходни мерки за санирање на состојбата во Македонската радиотелевизија (МРТ) каде изутрината поради пукање хидрант биле поплавени простории на вториот кат кои ги користи Министерството за  внатрешни работи и не постои опасност од пожар, соопшти владината Служба за информирање.

– Службата за општи и заеднички работи во целост ја санираше состојбата со поплавените простории во Македонската радио телевизија. Освен исцрпување на водата од просториите и лифтовите, поради претпазливост, во објектот на МРТ била исклучена и струјата, а биле поставени и вреќи со песок, за да се спречи водата да навлезе во останатиот дел од објектот. Службата за општи и заеднички работи и Владата на Република Македонија ги уверуваат вработените, но и целата јавност дека не постои опасност за појава на пожар во објектот на МРТ, се вели во соопштението од владината прес-служба.

Појаснуваат дека просториите на вториот кат биле поплавени изутрината, поради пукање на хидрант, а ги користи Министерството за внатрешни работи.

Претходно Македонската телевизија (МТВ) ги деманираше информациите во дел од електронските медиуми дека се поплавени нивни простории и посочи дека станува збор за простории под надлежност на Министерството за внатрешни работи и Службата за општи и заеднички работи.

– Во неколку електронски медиуми објавена е дезинформација дека просториите на Македонската телевизија се поплавени и дека постои опасност од пожар. Ве известуваме дека поплавените простории се под надлежност на Министерството за внатрешни работи и Службата за општи и заеднички работи. Работата на Македонската радио телевизија се одвива непречено и во нормални работни услови, се вели во соопштението.

Отворена истрага против лице кај кое биле пронајдени марихуана и амфетамин

Основното јавно обвинителство Скопје донесе наредба за спроведување истражна постапка против 36-годишен скопјанец, осомничен дека сторил кривично дело – неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции .

-При претрес во домот на улица „Охридска", во кој престојувал осомничениот 36-годишен скопјанец, била пронајдена наркотична дрога – марихуана со вкупна нето тежина од 276,43 грама, како и психотропна супстанција – амфетамин со вкупна нето тежина од 486,06 грама. Освен ова, во домот биле пронајдени и полиетиленски пакувања со 29 таблети со жолта боја и втиснато лого „ТЕСЛА" кои претставуваат психотропна супстанција 3,4 метилен-диоксиметамфетамин (МДМА), како и дигитални ваги и стаклен тас со остатоци од наркотични дроги и психотропни супстанции, соопшти Јавното обвинителство.

Надлежниот јавен обвинител до судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје доставил предлог за определување мерка притвор за осомниченото лице, бидејќи оценил дека се исполнети законските основи  и дека постојат околности кои укажуваат на опасност осомничениот да се даде во бегство или да го повтори кривичното дело.

Притворени повеќе од 120 членови на италијанската Камора

Повеќе од 120 членови на италијанската криминална организација Камора се фатени во специјална полициска операција во различни делови на Италија, пренесува Би-Би-Си.

Италијанските безбедносни сили утрово соопштија дека се притворени стотици учесници во организираната криминална група.

– Во операцијата против Камората се конфискувани имоти и други предмети во вкупна вредност од 130 милиони евра, соопшти Министерството за внатрешни работи во Рим.

Притворените членови на влијателните мафијашки кланови Контини, Милардо и Личарди се обвинети за создавање и учество во организирана криминална група, рекетирање, трговија со оружје и наркотици, перење пари и друго.

Доколку бидат прогласени за виновни, тие можат да добијат доживотни казни.

Со размена на национални искуства и пракси до поголема глобална сајбер безбедност

Сајбер нападите не познаваат национални граници и не се ограничени само во рамките на една држава.

 Затоа е неопходно споделување на искуства и пракси со останатите држави за заедничко подобрување на сајбер безбедносната инфраструктура како на национално, така и на глобално ниво.

За таа цел Министерството за информатичко општество и администрација во соработка со Меѓународна унија за телекомуникации организира тридневна работилница за сајбер безбедност, на која ќе бидат разменети искуства со романски експерти од полето на сајбер безбедноста.

Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски на отворањето на работилницата, посочи дека со влегувањето во НАТО и почетокот на преговорите со ЕУ нашата земја веќе станува поатрактивна мета и за сајбер напади.

– Не се само владините инситуции. Се работи за сајбер криминал. Банкарскиот и енергетскиот систем и се станува многу поатрактивно за сајбер напади од било кој што има зла намера. Затоа дефинирање на нашата критична инфраструктура не го опфаќа само државниот, туку и приватниот сектор, односно безбедноста на граѓаните. Ова што сега го организираме е сајбер одбрана на целиот наш критичен систем, изјави Манчевски.

Посочи дека Министерството работи на дефиниција на националната критична инфрастурктура по што заедно со министерствата за одбрана и за внатрешни работи, согласно акцискиот план, ќе се постави соодветната сајбер одбрана.

Романскиот државен секретар при Министерството за комуникации и информатичко општество Андерј Јонут, рече дека Романија како нов претседавач со Советот на ЕУ е особено насочена кон развој на нови напредни технологии за подобрување на сајбер безбедноста.

– Романија е особено фокусирана на развој на компјутери со високи перформанси и блок-чејн технологијата. Особено ни претставува чест можноста да ги споделиме со сите учесници на работилницата сите работи кои ги прави Романија и ЕУ на ова поле, изјави Јонут.

Според Марко Обисо од Меѓународна унија за телекомуникации виоско ниво на сајбер безбедност се постигнува преку носење соодветни политики, имплементирање на технички решеија и процеси и градење на неопходните национални капацитети.

притисни ентер