Заев: Одлучни сме да ги подобриме условите за работа во Правобранителството

Владата е решена да помогне за да се подобрат условите за работа во Правобранителството, им порачал премиерот Зоран Заев на правобранителите со кои денеска имал средба во Државното правобранителство.

Заев, како што соопшти владината прес-служба, посочил дека оваа институција е важна за државата и оти во соработка со Министерството за внатрешни работи е изнајдено решение за проблемот со обезбедувањето на Јавното правобранителство.

– Одлучни сме да ги подобриме условите за работа и да ја поддржиме модернизацијата на оваа институција. Тоа е составен дел во ефикасноста на процесите, што влијае и на останатите институции и животите на граѓаните, рекол Заев.

Апелирал правобранителите да сторат се што е во нивна надлежност да се динамизираат процесите на денационализација и да нема застој бидејќи од тоа бенефит ќе имаат и граѓаните и државата.

Покрај за можностите за подобрување на условите за работа, на средбата станало збор и за коефициентот за пресметување на платите на јавните правобранители.

– Правобранителите на средбата изразија благодарност за посетата и задоволство од поддршката на Владата за обезбедување кадровски и логистички услови за подобрување на работата на оваа институција. Обезбедувањето опрема за дигитализација на Архивата и на сите предмети што во иднина ќе се примат за работа и напорите да се воведе електронски систем се клучни за зголемување на ефикасноста, велат од Владата.

Државниот правобранител Фехми Стафа се заблагодарил за оваа прва посета на премиер на оваа институција.

Трамп ќе употреби вето ако Конгресот гласа против ѕидот

Претседателот на САД Доналд Трамп подготвен е за прв пат да употреби вето.

Ако Конгресот биде против неговата објава на вонредна состојба долж границата со Мексико, Трамп ќе употреби вето. Тоа за ТВ Фокс го изјавил Стивен Милер, висок советник на Трамп.

- Тој ќе ја заштити својата објава за вонредна состојба, рекол Милер на прашањето дали Трамп ќе употреби вето ако Конгресот не ја поддржи неговата одлука, пренесе АП.

Трамп вонредната состојба на границата со Мексико ја објави во петокот со желба да го избегне Конгресот за финансирањето на ѕидот кон Мексико, на што се спротивставуваат демократите и одбиваат во буџетот да бидат вклучени 5,7 милијарди долари колку што се потребни за неговото градење.

На границата меѓу Колумбија и Венецуела стигна американска хуманитарна помош!!

Американската војска донесе повеќе тони хуманитарна помош во колумбискиот град Кукута на границата во Венецуела.

Оваа хуманитарна помош би требало да ја дистрибуираат  поддржувачите на опозицискиот лидер Хуан Гуаидо, кога САД го призна за претседател на Венецуела.

-Ова не е првата , ниту пак последната помош, изјавил официјалниот претставник на УСАИД Марк Грин во Кукута при предавањето на помошта во овој пограничен град полн  со мигранти од Венецуела.

Претходната помош била испорачана преку комерцијални летови.

Инаку во оваа испорака имало 180 тони храна и средства за хигиена и друга роба намената за повеќе од 25 000 луѓе.

Путин и Макрон разговарале за Сирија

Претседателите на Русија и Франција, Владимир Путин и Емануаел Макрон  разговарале преку телефон за состојбите во Сирија и Украина, соопшти Кремљ.

Рускиот претседател го информирал претседателот на Франција Макрон за договорите на самитот во Сочи на кој присуствувале државите кои го гарантираат процесот во Астана за решение на состојбата во Сирија.

Двајцата претседатели ја нагласиле потребата за промовирање на сирискиот внатрешен политички дијалог како и одржувањето на руско – францускиот контакт за Сирија, се наведува во соопштението од Кремљ, пренесе ПАСС.

За Украина, „Путин  го предупредил Макрон на антируската реторика“ на Киев во контекс на претседателските избори во март.

притисни ентер