Продолжува црната серија на италијанската фудбалска репрезентација

 Фудбалската репрезентација на Италија не успеа да забележи победа ниту на петтиот натпревар по ред, откако синоќа во Џенова одигра нерешено 1:1 со Украина.

Стрелци на пријателскиот дуел беа Федерико Бернардески во 55. минута за домаќините и Руслан Малиновски во 62. минута за Украинците.  

Италија ваква серија од пет средби без победа нема уште од сезоната 2011/12.

Следна шанса да ја прекинат црната серија „Азурите“ ќе имаат в недела кога гостуваат во Полска во дуел од Лигата на нации. 

Алкалоид го совлада Медни Всадник од Санкт Петербург

Шахистите на Алкалоид ја совладаа руската екипа Медни Всадник од Санкт Петербург на Европскиот клупски куп во шах, што се одржува во Порто Карас, Грција.

За македонската екипа ова беше четврти настап на Купот, на кој ја реализираа четвртата победа со 3,5:2,5 против руската екипа, која важи за една од најдобрите во Европа.

По четири кола Алкалоид заедно со италијанската екипа Падова е на врвот на табелата и се единствените две екипи со максимален учинок и осум бодови.

Во следното коло Алкалоид ќе се соочи со Падова.

Вториот македонски преставник на Купот, ШК Гамбит, исто така реализираше победа од 3,5:2,5 против естонскиот Реавл Спорт.

Габит по четири кола има две победи, едно реми и еден пораз, односно пет бодови. 

Гонзалез го објави поширокиот список, без Миркуловски во октомвриските квалификации

Селекторот на македонската ракометна репрезентација, Раул Гонзалез, го објави поширокиот список од 28 ракометари за претстојните квалификациски натпревари против репрезентациите на Турција и Грција за пласман на ЕП 2020 година.

Во составот за овие два натпревари го нема Филип Миркуловски, капитенот на германски Велцар. Искусниот бек ќе добие одмор за време на овој квалификациски циклус со цел  подобро да се подготви за настапот на Светското првенство во јануари.

Македонските ракометари првиот квалификациски натпревар против Турција ќе го играат на домашен терен во Битола на 25 октомври, а три дена подоцна ќе се соочат со Грција на гостински терен во Кожани.

Селекторот Гоназалес се очекува во наредните денови да го објави и скратениот список од ракометари, на чии услуги ќе смета од првиот ден на подготовките.

Барселона работи на продолжување на договорот со Меси

Раководството на Барселона интензивно работи на продолжувањето на договорот со аргентинскиот играч Лионел Меси со цел да го задржи во клубот и по 2021 година.

Од клубот сакаат да направат измени во договорот на 31-годишниот фудбалер и првенствено да ја отстранат клаузулата која му овозможува да замине по 2020 година без обештетување.

Барселона неодамна претрпе штета кога Чави Ернандез на овој начин замина да игра во Катар, додека Андрес Иниеста премина во јапонски Висел Кобе.

Во актуелниот договор на Меси отпусната клаузула во случај предвремено да замине во некој врвен европски клуб е 700 милиони евра.

Но, како што објавија шпанските медиуми во Барселона не веруваат дека Меси би можел предвреме да замине, бидејќи целата кариера ја помина во овој клуб. 

притисни ентер