Заев - Петерсен: Референдумот е граѓанска должност и можност секој да го изрази својот став

 Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, денеска се сретна со Јан Петерсен, шеф на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДИХР за претстојниот референдум во Република Македонија.

На средбата, соопшти Секторот за односи со јавност на Владата на Република Македонија, било разговарано за важноста за демократско спроведување на процесот и за потребата од висока одговорност од страна на сите субјекти во државата, за да се осигура изјаснувањето на граѓаните.

- Посветени сме да спроведеме комплетно регуларен, транспаретен и доверлив  процес, рекол премиерот Заев. 

Претседателот на Владата, Заев посочил дека во таа насока, кампањата за референдумот е едукативна и е првенствено насочена кон објаснување на договорот од Преспа и од придобивките од евро-атлантските интеграции, како и кон мотивација на граѓаните, каков став и да имаат, да излезат и да го изразат на претстојниот референдум.

- Референдумот е можност граѓаните да го изразат својот став, но исто така укажуваме дека изјаснувањето е граѓанска должност на секој човек со право на глас, бидејќи се работи за добрата иднина на државата, истакнал Заев.

Тој соопштил дека големото мнозинство граѓани во Македонија, уште од прогласувањето на независноста на државата се определени за интеграција на Македонија во ЕУ и во НАТО и изразил очекување дека оваа определба ќе се одрази на референдумот.

Премиерот Заев, стои во соопштението, додал дека предреферендумската атмосфера во државата е пријатна и подвлекол дека очекува вклучување и на опозицијата, во функција на остварувањето на стратешките државни цели и на интересот на граѓаните за просперитетна иднина. 

На средбата била изразена согласност за важноста на извештајот што ќе го изготви ОБСЕ/ОДИХР за претстојниот референдум, со оглед дека Македонија очекува почеток на преговорите со ЕУ и отворање на поглавјата. А, претставувањето на Република Македонија како држава којашто практикува демократија, како што рекол премиерот Заев, е значајно за впечатоците дека земјата се развива во добар правец, низ почитување на европските вредности. 

Општина Чашка ќе го решава проблемот со водоснабдувањето во Населба Чашка, Богомила, Согле и Мартолци

Општина Чашка  ќе прави бушотини за вода на длабочина од 30 до 40 метри во населените места Населба Чашка, Богомила, Согле и Мартолци, а со кои ќе се подобри водоснабдувањето на жителите  од овие населени места.

Како што појасни за медиумите градоначалниот Горан Стојановски,општината веќе  извршила испитувања на локации во овие населени места.

-При тоа  на овие локации најдени се гаранции дека  има вода во поголеми количини, информира Стојановски.

Тој појасни дека Општина Чашка по ребалансот на буџетот закажан за седница на Советот во понеделник на 26 август,  очекува со измени на планот за јавни набавки да  се започне со бушење за добивање на нови количества вода во Населбата  Чашка и селата Богомила и Согле, како и во селото Мартолци, а кое било  вклучено во претходната програма.

Одлуката за новите бушотини со вода, уследи откако Општина Чашка претходно односно минатата година  по превземањето  на водовите набави нови пумпи но проблемот не го реши.

-Минатата година за овие водоводи кои преминаа во сопственост  на Општината , а со нив стопанисува ЈПКД „Тополка" ние  набавивме нови  пумпи. Но за жал издашноста на бунарите е многу мала и не можат да испумпуваат  доволно количества со вода. Поради тоа ние  се одлучивме за нови бушотини  со  нови изворишта со поголеми колчества на  вода.појасни Стојановски.

Тој потенцира дека со новите бушотини, како Општина ќе го решат повеќедеценискиот проблем со недостиг на вода за населението од овие четири  населени места посебно во летните месеци, а  кога има голем недостиг на вода.

Градоначалникот Стојановски воедно  информира деја преку ЕБР и Министерството за транспорт и врски ќе започне втората фаза за водоводот во  село Горно Јаболчиште, а  за кој се обезбедени 240 илјади евра./МИА

Власта и опозицијата од утре на нови преговори за СЈО?!

Владата потврди дека утре ќе продолжат разговорите на работните групи за Законот за јавното обвинителство кој како точка на дневен ред ,уште пред летниот одмор на Собранието е закажан за седницата во вторник.

Во врска со оваа информација од ВМРО-ДПМНЕ за Канал 5 велат: сеуште нема договорено термин кога би се одржала следната средба на работните групи по однос на Законот за јавното обвинителство, но и дека во следните денови се отворени за таква средба. Таман се чинеше дека ова законско решение без изграден консензус власт-опозиција ,влегува во собраниска процедура сепак, можната средба на работните групи остава надеж и за такво нешто. 

Аналитичарите кои ги консултираше Канал 5 велат не треба трагично да се гледа на ситуацијата ако нема консензус за ова прашање зашто ниту во евроатлантската заедница секогаш законите не се носат консензуално.

Според нив дури и подобро би било ако предлог законот влегува директно на седница со што би се видела индивидуалната позиционираност на секоја од партиите  во услови кога мали се разликите за да не се постигне согласност , а тврдењата за некакви суштински разлики, се само спин.

Покрај носењето на Законот за јавното обвинителство , услов за датум во октомври за почеток на преговорите со Европската унија е и барањето за брза, ефикасна, транспарентна и објективна истрага за случајот рекет, со што би се демонстрирале на дело залагањата за беспоштедна борба со организираниот криминал и корупцијата.

Она на што апелираат аналитичарите е да не се остави некој да се амнестира од вина ако навистина ја има, или да направи се во јавноста да се стекне впечаток дека некој и нешто се амнестираат. Бидејќи и онака разнишаната доверба на граѓаните во институциите за спроведување на правдата, дополнително би се изневерила.

Жителите на Речане бараат заштита од правот што го шират каменоломите

На протесетен собир, жителите на гостиварското село Речане искажаа незадоволство од загадувањето кое доаѓа од каменоломите кои работат во близина. 

Тие упатија и апел до надлежните државни и општински служби да ги преземат потребните мерки. Незадоволните жители најавиjа радикални мерки на протест и блокирање на магистралниот пат кој води кон Кичево.

Група селани денеска на протесетен собир рекоа дека се соочуваат со проблеми предизвикани од работањето на каменоломите кои се во нивниот атар. Тие се жалат на големото количество прашина која паѓа врз нивите кои ги обработуваат и нивните домови. Сметаат дека освен врз околината, земјоделските производи, прашината штетно влијае и врз здравјето на луѓето.

– Проблемот со каменоломите во околината селото Речане трае со години. Но, последниве три-четири години со нивната интензивна работа, состојбата се влошува. Се создава прашина која ја загадува пошироката околина. Во неколку наврати сме се обратиле и до сопствениците и до Министерството за животна средина за да се надмине проблемот, но за жал освен ветување дека ќе преземат чекори, ништо друго не е направено, рече за МИА, Љазим Саити жител на село Речане.

Речанци се револтирани и од односот на инспекциските служби кои според нив не ја вршат нивната обврска и да ги обврзат сопствениците за да ги почитуваат условите пропишани со закон.

– Не ни е јасно како ги добиле лиценците кога не ги исполнуваат условите. За тоа не треба посебна експертиза, тоа се гледа и со голо око, се наоколу е побелено од прашината. Овие каменоломи не можат да добијат „Б" дозвола, а камоли „А" која е пропишана за нивната работа, беше речено на протестот.

Селаните од собирот упатија апел до државните органи и локалната самоуправа да дојдат во најскоро време. Во спротивно, како што рекоа, доколку состојбата остане ваква и не се почне со решавање на проблемот, ќе иницираат протести со блокади на магистралниот патен правец Гостивар-Кичево на непоределно време.

Во атарот на селото Речане има четири камеломи, а на потегот од Гостивар до крстосницата за Маврово вкупно се седум.

притисни ентер