Кривична пријава за скопјанец кој крадел чанти и паричници од возила

 Кривична пријава е поднесена против 45-годишен скопјанец кој се сомничи дека извршил две кражби со што се стекнал со противправна имотна корист од 190 илјади денари. 

Министерството за внатрешни работи денеска соопшти дека двете кражби ги извршил на идентичен начин, искористувајќи го отсуството и невниманието на ограбените при што од две возила одземал чанта и паричник и со мотоцикл избегал.

Кривичните дела се извршени на 17 август годинава, во периодот од 10:50 до 11:10 часот на улица „15-ти Корпус“ во Скопје. Во првиот случај од товарно моторно возило „рено“ одзел чанта во која имало паричник со лични документи, 300 евра и околу 6.000 денари. Второто кривично дело го извршил кога од патничко возило „мазда“ одзел паричник со лични документи, околу 400 долари, 450 евра, 30 швајцарски франци, 350 албански леки и 58.000 денари.

Скопјанецот е фатен од полицијата на 30 август.

Традиционален саем на медот во Кочани со бесплатна едукација за потрошувачите

Во Кочани по 22. пат се одржува дводневниот Саем на медот, чиј организатор е локалното пчеларско здружение „Матица".

На манифестацијата, која е најголема од ваков вид во источниот регион, штандови имаат 25 пчелари и пчелни стопанства од Битола, Куманово, Тетово, Пробиштип, Свети Николе, Виница и од Кочани.

Покрај мед и пчелни производи, на посетителите на саемот им се нудат и пчеларски алати и опрема.

– Годинава беше релативно поповолна за пчеларството во споредба со претходните и произведовме квалитетен шумски мед. Во зависност од подрачјето во регионот во кој се наоѓаат пчелните семејства, количините се во рамки на просекот, односно околу 12 килограми од кошница. Присутни се и пчелари од беровскиот крај кои добија многу повисоки приноси од просечните. Иако немаме меѓусебен договор, сепак цената што ја бараат нашите пчелари се движи меѓу 350 и 400 денари за килограм, што е во рамки на рентабилноста, истакна претседателот на здружението „Матица", Благој Митев.

Новина на саемот годинава е обезбедената бесплатна едукација со печатен материјал и средби со потрошувачите на кои им се укажува за корисноста од употреба на медот, како да препознаат природен мед и за начинот на користење на другите пчелни производи.

Покровител на манифестацијата е општина Кочани, а градоначалникот Николчо Илијев истакна дека при крај е постапката за прогласување на Осоговскиот регион за заштитено подрачје што се реализира во соработка со Македонското еколошко друштво и Програмата за зачувување на природата во Македонија./МИА

Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ примена во членство во Организацијата на жени на Европската народна партија

Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ е примена за членка на  Организацијата на жени на Европската народна партија (EPP Women) на Конгресот кој се одржува во Виена 18-19 октомври 2019.

На состанокот во седиштето на Австриската народна партија присуствуваат претседателката на Унија на жени, Благица Ласовска и секретарот за меѓународна соработка на Унијата, д-р Христина Рунчева Тасев.

Со овој прием, се заокружува вклученоста на сите структури на партијата во Европската народна партија, која е најбројната партија во Европскиот парламент и се потврдуваат европските аспирации на ВМРО-ДПМНЕ и придонесот на жените во креирањето на политики на европско ниво.

На Конгресот на женската секција на Европската народна партија е усвоена резолуцијата “Женски визии за подобра Европа” која се однесува на приоритетите за делување на Европската комисија во периодот 2020-2024 година.

Центар за комуникации на ВМРО-ДПМНE 

Јанушев: Продолжуваме уште посилно од сега

ВМРО-ДПМНЕ продолжува да биде меѓу граѓаните.

Денес сме во Крива Паланка каде што имаме огромен одѕив на граѓани кои се дојдени овде во акцијата „Разговори за обнова на Македонија“.  Да ги искажат своите проблеми, за кои што ние како политичка партија земаме обврска да понудиме решенија во новата изборна програма.

Она што имавме прилика да го видиме, да се случува деновите е всушност нешто што наназад некој период го кажувавме, и го соопштувавме и апелиравме всушност до криминално рекетарската влада на Заев е дека без вистински реформи Македонија не може да се придвижи напред.

За жал, на штета на сите граѓани на Република Македонија, едноставно беа со оваа одлука казнети поради погрешните политики на Зоран Заев.

Она што го очекуваме во следниот период имајќи во предвид за каков човек станува збор, нема да не изненади доколку излезе и всушност целата вина се обиде да ја префрли на ВМРО-ДПМНЕ.

Меѓутоа нашиот народ е свесен што се случува така да сметаме дека еден ваков обид ќе биде само всушност јалов обид за обид за дефокусирање повторно на јавноста.

Продолжуваме уште посилно од сега. Продолжуваме со нашата кампања за обнова на Македонија и за многу брзо се она што ќе имаме прилика да го слушнеме од граѓаните, ќе излеземе не само со програма туку и по формирањето на новата Влада предводена од ВМРО-ДПМНЕ тоа да го реализираме, и да овозможиме подобар живот за граѓаните на оваа држава.

Игор Јанушев, Генерален секретар на ВМРО-ДПМНЕ          

притисни ентер