Николоски: На 8 мај потребна е масовна референдумска излезност за влада на ВМРО-ДПМНЕ

„Во првиот круг му поставував прашања на Пендаровски, не одговори на ниедно. “

„Во првиот круг му поставував прашања на Пендаровски, не одговори на ниедно. Наместо да одговара прашања, плаќаше ботови по социјални мрежи лично да ме навредуваат мене и моето семејство, народот му кажа што мисли за тоа. Но, морам да го прашам уште нешто затоа што се работи за злоупотреба на државни пари“, истакна носителот на ВМРО-ДПМНЕ во ИЕ 4 Александар Николоски на денешниот митинг на ВМРО-ДПМНЕ во Општина Кавадарци.

Тој продолжи и додаде:

„Пендаровски до денес не одговори дали ќе ги користи или нема да ги користи привилегиите кои ги следуваат поранешните претседатели, еднаш невешто одговори дека за тоа ќе се изјаснел во 2029 година, ама очигледно ќе треба да се изјасни на 12 мај затоа што тогаш и официјално му завршува мандатот, тоа е четири дена после изборите и мислам дека е чесно и кога ќе дојде тука во Кавадарци да каже дали ќе е пензионер со најголема пензија во Македонија и поранешен претседател кој најдолго ќе ги користи народните пари. А во меѓувреме е фер да каже уште вечерва ако може дали е вистина или не од пусти мерак за претседателствувања ама и за користење на привилегии дека побарал да му се отвори вилата во Охрид и ќе седел следни пет дена таму да искористи уште некој ден покрај охридското езеро, дали е вистина ова Стево Пендаровски и дали е вистина дека со цело друштво одиш таму да поседите уште некој ден на државен трошок, одговори пред граѓаните“, истакна Николоски.

Тој истакна дека на 8 мај треба уште помасовно да се излезе, во уште поголем број и разликата во Кавадарци да е уште поголема и додаде дека е потребна масовна референдумска излезност на 8 мај за влада која нема да е уценувана од никого, за СДСМ во опозиција, за ДУИ во опозиција.

„Ве повикувам да ја прочитате нашата програма Платформа 1198, тие не размислуваа на проекти и не реализираа проекти, затоа ние ќе реализираме. Ќе реализираме и експресен пат од Кавадарци до Неготино и спојување на Кавадарци со автопатот. Ќе реализираме и отворање на граничен премин со Грција како би станало многу блиску да се патува помеѓу Кавадарци и Воден и да се спојат овие два дела на географска Македонија. Ќе ги помагаме земјоделците, за лозарите достоинствени цени за виното и рестартирање на Повардарие како би се срушил монополот во откупот на грозје и производството на вино подостоинствен живот за сите, повеќе субвенции и повеќе ред за сите. Затоа на 8 мај масовно да излезете“, дециден е Николоски, се наведува во партиското сооштение.

Најмалку 10 загинати или повредени во напад во болница во Кина

Неколку лица се убиени или повредени во напад во болница во југозападна Кина, јави ДПА, повикувајќи се на кинеската агенција Ксинхуа.

ДПА пренесе дека во нападот имало најмалку 10 жртви, но првично не било јасно колку се повредени, а колку загинале.

Во првичните извештаи од настанот немало информации за осомничениот сторител.

Според Ксинхуа, нападот се случил во раните попладневни часови во болница лоцирана во провинцијата Џенксионг во јужната кинеска провинција Сечуан.

На кинеската социјална мрежа Веибо, слична на X, корисниците споделуваа видеа на кои се гледа апсењето на осомничениот сторител.

Најстудено утрово во Лазарополе

 Најниска температура утрово е измерена во Лазарополе од 3 степени Целзиусови.

Следат Берово и Попова Шапка со 5 степени, 6 во Претор, 7 во Крива Паланка и Охрид, 8 Тетово, Маврови Анови, Битола, Демир Капија, 9 Скопје-Петровец, Прилеп, Гевгелија, Велес, 10 во Скопје-Зајчев Рид, Штип, Куманово, Крушево, Дојран, Кавадарци и 11 степени во Виница.

Времето денеска сончево и топло со мала до умерена облачност. Попладне и во текот на ноќта ќе има локална појава на пороен дожд и грмежи. Ќе дува слаб до умерен ветер претежно од југозападен правец. Максималната температура ќе биде во интервал од 20 до 27 степени.

Во Скопје сончево со мала до умерена облачност и со слаб ветер од јужен правец. Кон крајот на денот и во текот на ноќта во делови од котлината ќе има краткотраен пороен дожд и грмежи. Максималната температура ќе достигне до 27 степени.

Вембањама прогласен за дебитант на годината во НБА

 Центарот на Сан Антонио, Виктор Вембањама е прогласен за најдобар дебитант на годината во НБА, објавено е на официјалната веб-страница на лигата.

Дваесетгодишниот Французин во гласањето освои 495 поени. Второто место му припадна на кошаркарот на Оклахома, Чет Холмгрен со 295 поени, додека трет е членот на Шарлот, Брендон Милер со 86 поени.

Вембањама беше избран од Сан Антонио како прв пик на драфтот на НБА во 2023 година.

Во сезоната 2023/24, кошаркарот учествуваше на 71 натпревар од регуларниот дел од сезоната, со просек од 21,4 поени, 10,6 скока и 3,9 асистенции по натпревар.

Сан Антонио заврши на 14. место во Западната конференција и не успеа да се квалификува за плејофот.

притисни ентер