Работна вечера на парламентарните партии во рамки на „Жан Моне“ процесот во Охрид

 Со работна вечера зад затворени врати во Охрид практично почна парламентарната средба во рамки на процесот „Жан Моне“ инициран од европратениците Иво Вајгл, Кнут Флекенштајн и Едуард Кукан.

Вечерата е вовед во состаноците на координаторите на парламентарните партии предвидени за утре, а со цел подобрување на парламентарниот дијалог и спроведување на европската агенда на земјата.

Деловникот за работа на Собранието, Етичкиот кодекс, буџетската независност на македонското Собрание, се дел од прашањата што се очекува да бидат дискутирани во рамки на процесот.

На вечерата, на која преку видео-врска се обрати еврокомесарот за проширување на ЕУ Јоханес Хан, предвидено е да се разговара за централната улога на Собранието во реформската агенда за интеграција во ЕУ.

Европратеникот Иво Вајгл пред почетокот на вечерата рече дека се работи за средба на парламентарците од Собранието со пратеници на Европарламентот, со цел во отворена атмосфера да се разговара без присуство на јавноста, за сите проблеми за кои можеби не е постигнат консензус.

- Сметам дека во работна атмосфера со помош на експерти ангажирани за оваа конференција, може да се дојде со согласност по некои прашања за кои нема да решаваме ние, нема да се решава ниту тука ниту во центарот „Жан Моне“ во Париз, туку во Собранието на РМ. Се разбира ќе стане збор за иднината на Македонија, токму затоа сме тука, се ангажиравме во Пржинскиот договор, и оттаму со големо задоволство можеме да каќеме дека земјата има направено ззначаен чекор напред со добивањето гаранција за безусловно отпочнување на преговорите за членство во ЕУ. Се разбира за тоа ќе решава Европскиот совет и можам само да кажам дека сум оптимист во тоа, изјави Вајгл.

Според агендата што се чуваше скриена од јавноста, пред учесниците поздравно обраќање имаа тројцата европратеници и претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери.

Агендата на процесот предвидува учество на сите парламентарни партии од земјата, во формат партиските координатори и по тројца пратеници, како и потпретседателите на Собранието.

Работниот дел од дијалогот започува утре, со обраќања на сите учесници, а предвидени повеќе пленум-сесии посветени на етичкиот кодекс, Деловникот за работа на Собранието, буџетска независност на институцијата, разговори што ќе бидат преточени во заклучоци што треба да бидат донесени на завршувањето на средбите.

Дијалогот е предвидено да биде заокружен со вечера на која е најавено присуство и на лидерите на парламентарните политички партии, премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски, лидерот на ДУИ Али Ахмети, на ДПА Мендух Тачи, Зијадин Села од Алијансата на Албанците и од Беса Билал Касами. Пред нив е предвидено да се обрати и Сергеи Станишев, претседател на партијата Европски социјалисти. Тоа ќе биде првата средба на лидерите по средбата на премиерот Заев со грчкиот колега Алексис Ципрас на Самитот во Софија.

Средбата во рамки на „Жан Моне“ процесот се смета како реализација на дел од реформите во земјата имајќи предвид дека прашањата за конституирање на Парламентот и за пратенички прашања се дел од планот „3-6-9“, а разговорите се очекува генерално да придонесат и за подобрување на политичкиот дијалог.

На средбата во Охрид и претходеа усогласувања на ставовите на пратеничките групи, особено за Деловникот за работа на Парламентот и за Етичкиот кодекс./МИА

Ден на македонската дипломатија - 55 години од основањето на МНР

 Во Министерството за надворешни работи денеска се одбележува 55 години од неговото постоење. 

По повод Денот на Министерството за надворешни работи министерот за надворешни работи, Бујар Османи, ќе одржи прес-конференција, а вчера дипломатскиот клуб од Скопје го одбележа Денот на македонската дипломатија со садење дрво пред зградата на МНР и посета на Меморијалниот музеј на АСНОМ во Пелинце.

Македонската дипломатија своите почетоци ги има во Бирото за односи со странство формирано во 1969 година. Република Македонија имаше свои дипломати кои работеа во југословенската дипломатија во Белград и во странство, како и во републичкиот орган за односи со странство. Во 1991 година овој орган прерасна во Министерство за надворешни работи.

Министерството за надворешни работи ги врши работите што се однесуваат на надворешните работи и надворешната политика на Република Северна Македонија.

Една од најзначајните дипломатски активности на ова Министерство беше претседавањето со ОБСЕ кое ја одбележа изминатата 2023 година кога нашата држава беше домаќин на Самитот на ОБСЕ.

Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност ќе одлучува за поскапувањето на полисата

Поскапувањето е од 840 па до скоро 1.600 денари во зависност од моќноста на возилото. 

Комисијата за осигурување од автомобилска одговорност денеска на седница треба да го разгледа Извештајот од Националното биро за осигурување за оправданоста и исправноста на донесените одлуки за зголемување на цената на полисата за задолжителното автомобилско осигурување од страна на осигурителните компании и да преземе соодветни чекори во насока на заштита на крајните потрошувачи.

Комисијата за автомобилска одговорност која е именувана од страна на Владата согласно Законот за задолжително осигурување во сообраќајот ја сочинуваат членови од Министерството за финансии (МФ), Националното биро за осигурување (НБО) и Агенцијата за супервизија на осигурувањето (АСО).

Таа е надлежна за утврдување на Тарифата на премии за осигурување на сопствениците на моторни возила од одговорност за штети предизвикани на трети лица.

Комисијата ја утврдува премијата за осигурување која ја плаќа договорувачот на осигурувањето-осигуреникот, a која се состои од техничка премија, која ја утврдува Владата на предлог на Комисијата и дел на премија за вршење на дејноста на осигурување (режиски трошоци) што ги утврдуваат осигурителните друштва самостојно со посебна одлука на Друштвото за осигурување.

Со донесените одлуки за зголемување на цената на полисата за задолжителното авто осигурување од страна на осигурителните компании за 15,44 отсто поскапува полисата што ја плаќаат граѓаните при регистрација на нивните возила со моќност од над 44 киловати. Поскапувањето е од 840 па до скоро 1.600 денари во зависност од моќноста на возилото. /МИА

Учениците на пролетен распуст, наставата ќе продолжи на 7 мај

Учениците од основните и средните училишта од денеска заклучно со 6 мај 2024, ќе бидат на пролетен распуст кој е воведен во оваа учебна година. 

Првпат има промена и во календарот за настава, така што 2023/2024 за основците ќе заврши на 17 јуни, а за средношколците, како и во минатите години – на 10 јуни.

Училиштата нема да работат на 8 мај (среда) кога ќе се одржуваат вториот круг од Претседателските избори и Парламентарните избори 2024.

Ден претходно, вторник 7 мај, скратени часови и работно време до 11 часот ќе имаат оние училишта каде што утредента ќе се организира гласањето.

Како што информираше Министерството за образование и наука, наставата од деновите кои поради изборите се неработни ќе бидат одработени во работни денови со подолг престој на учениците во училиштата за да се реализираат дополнителни часови.

Скопските ученици треба да надоместат и за пропуштеното од наставата на 30 ноември 2023 кога во главниот град беше организиран Советот на министри на ОБСЕ.

За планирањето и организирањето на дополнителните часови, МОН ги задолжи директорите на училиштата.

- Дополнувањето на нереализираните наставни часови ќе го планираат и организираат директорите на училиштата и ќе се реализира со подолг престој на учениците во денови од работната недела, во рамки на шестчасовното работно време на наставниците, соопшти МОН кое, по реакции во јавноста и од синдикатите, ја повлече претходната одлука пропуштеното да се надомести во саботи.

притисни ентер